Папата на молитвата Ангел Господов: Да се покаеме за нехристијанското живеење и да го отстраниме
Драги браќа и сестри!
Денешното Евангелие ни го претставува настанот за слепородениот, на кој Исус му дарува вид. Долгиот извештај започнува со слепиот кој прогледува, а завршува со оние кои наводно гледаат, а кои всушност во душата остануваат слепи. Чудото Иван го опишува во два реда, затоа што вниманието на читателот не сака да го првилече на самото чудо, туку на она што следува; на расправата која што чудото ја предизвикало, рече папата Фрањо и додаде – и приказни, зарем не? Толку пати едно дело на љубовта предизвикува приказни и дискусија затоа што има такви кои не сакаат да ја видат вистината, а Иван евангелист нашето внимание сака да го насочи на она што и во наше време се случува, кога ќе се направи нешто добро. Слепиот кој оздравел, прво го испитува зачуденото мноштво кое го видело чудото и се љубопитни; потоа книжниците; кои ги испитуваат дури и неговите родители. На крајот оздравениот слеп доаѓа до вера, што е всушност најголемата милост која Исус му ја искажал: не само што прогледал, туку го запознал Него, го видел како Светло на светот (Ив 9,5).
Додека на слепиот постепено му се приближува светло, книжниците се подлабоко запаѓаат во своето внатрешно слепило. Затворени во својата претпоставка, веруваат дека веќе го поседуваат светлото и затоа не се отвораат на Исусовата вистина. Тие на секој начин се трудат да ја негираат очигледноста. Се сомневаат во идентитетот на оздравениот; во спомнатото оздравување, го негираат Божјото делување, оправдувајќи го со тоа што Бог во сабота не работи; се сомневаат дури и во тоа дека оздравениот воопшто е роден слеп. Нивната затвореност за светлото станува агресивна и резултира со прогонство на оздравениот од Храмот.
Патот на слепиот има свои етапи, кој започнува со познавање на Исусовото име. За него не знае ништо повеќе; уште повеќе вели: Еден човек кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите (Ив 9, 11). Како последица на бројните прашања на фарисеите, прво признава дека е пророк (Ив 9,17), а потоа човек близок на Бог (р 31). Откако е прогонет од Храмот, исклучен од општеството, Исус го пронаоѓа и по втор пат му ги отвора очите, објавувајќи му се: „Јас сум Христос“, му вели. Тогаш порано слепиот извика: Верувам Господи и Му се поклони. Но, овој дел од Евангелието ни дава да ја видиме драмата на внатрешното слепило на многумина; па и нашето сопствено – рече Светиот Отец – затоа што и ние понекогаш доживуваме моменти на внатрешно слепило.
Нашиот живот понекогаш е сличен на патот на овој слеп, кој се отворил за светлото, Бог и милостите. Понекогаш помалку сличен на оние фарисеите: од висината на нашата гордост им судиме на другите; па и на Господ! Денес сме повикани да се отвориме на Христовото светло, за да донесеме во животот плод, за да го отфрлиме она нехристијанското. Сите ние сме христијани, но се однесуваме на начин кој не е христијански; на начин кој е грешен, нели? И да се покаеме за тоа и да настојуваме тоа да го отфрлиме, одлучно да чекориме по патот на светоста кој извира од Крштението во кое и ние исто така сме просветлени со Христос, сѐ додека нѐ почнеме да се однесуваме – како што ни вели свети Павле – како деца на светлината (Ефесјани 5,8), понизно, трпеливо и милосрдно – рече Папата. Фарисеите немале ниту понизност, ниту трпение, а ниту милосрдие – истакна.
Ви предлагам денес по враќањето дома, земето го Евангелието по Иван и прочитајте ја деветата глава. Добро ќе направите и ќе го видете овој пат од слепило во светлост; и оној лош пат кон уште подлабоко слепило. И да се запрашаме: какво ни е срцето? Имаме отворено или затворено срце? Отворено или затворено за Бог; отворено или затворено за ближниот. Секогаш во себе имаме некаква затвореност која произлегува од гревот, грешките, но да не се плашиме! Да се отвориме за Господовото светло; Тоа постојано нѐ очекува.
На Дева Марија да и го довериме своето чекорење во Великиот пост и ние како слепиот кој оздравел, со Христовата милост да можеме да ни пристигне светлото; и да напредуваме во светлото и да се родиме за нов живот.
По Ангел Господов, папата Фрањо искрено поздрави многу семејства, парохиски заедници, здруженија како и верници поединци од Италија и од разни краеви на светот. Посебно ги поздрави припадниците на италијанската војска кои од Лорето пеш пристигнаа во Рим, молејќи за мир и додаде дека тоа е многу убаво: Исус истакнува во Блаженствата дека оние се блажени кои се залагаат за мир (миротворците). Ги потсети уште еднаш собраните дома да го прочитаат денешното евангелско читање од деветата глава од Евангелието по Иван, и по својот обичај се прости со зборовите: На сите ви поскаувам убава недела и добар апетит. Догледање.
РВ/Д.И.