Папата Лав XIV упати поздрав до учесниците на Младинските олимписки игри во Сенегал, потсети на беатификацијата на мачениците од Џорџија во Савана, ја поздрави претстојната Светска недела на сиромашните и повика на молитва за починатите, „особено за оние на кои никој не се сеќава“.
Обраќајќи им се на верниците по молитвата „Ангел Господов“ на плоштадот „Свети Петар“ во недела, 1 ноември 2026 година, папата Лав XIV се осврна на Младинските олимписки игри, кои се одржуваат во главниот град на Сенегал, Дакар, од 31 октомври до 13 ноември.
Папата истакна дека Игрите, наменети за спортисти на возраст од 15 до 18 години, се првиот олимписки настан што се одржува на африканскиот континент.
„Покрај спортските натпревари, програмата вклучува и образовни и културни активности, насочени за промовирање на олимписките вредности и поттикнување на меѓусебното разбирање меѓу младите од целиот свет“, рече Папата.
„Еве уште еден знак на надеж што доаѓа од светот на спортот! Срдечно ги поздравувам и благословувам сите учесници“, додаде тој.
Беатификација на мачениците од Џорџија
Папата Лав потсети и на беатификацијата на мачениците од Џорџија, одржана во саботата, 31 октомври, во Савана, во американската сојузна држава Џорџија.
„Вчера, во Савана, Џорџија, во Соединетите Американски Држави, беа беатифицирани Педро де Корпа и четворица негови соборци, членови на Редот на малите браќа, кои во 1597 година беа убиени од омраза кон верата“, рече Папата.
Истакнувајќи дека мачениците потекнувале од Шпанија, тој додаде дека „великодушно одговориле на Господовиот повик да ги евангелизираат народите на Америка, сè до дарувањето на сопствениот живот“.
Папата ги повика верниците да побараат нивно застапништво за сите мисионери на Евангелието.
Светска недела на сиромашните
Папата Лав ја поздрави и претстојната Светска недела на сиромашните, која од 8 до 15 ноември ќе се одржи во Рим во организација на Малите браќа.
„Им честитам на синовите на свети Фрањо кои, преку оваа иницијатива, ги ставаат сиромашните во средиштето, како што правеше Господ Исус и како што правеше свети Фрањо Асишки“, рече Папата.
Тој им се заблагодари и на граѓанските власти и на службите задолжени за безбедноста за нивната соработка во организирањето на иницијативата.
Молитва за сите верни починати
На крајот, Папата потсети дека во понеделник, 2 ноември, на Споменот на сите верни починати, ќе служи света Литургија на гробиштата Верано во Рим.
„Во овие денови да се чувствуваме соединети, во заедништвото на светците, со големото семејство браќа и сестри кои нè претходеа на нашето земно ходочестие. Да се молиме за починатите, особено за оние на кои никој не се сеќава“, повика папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

