Папата се сретна со младите од Уганда

Светиот Отец во саботата на 28 ноември се сретна со младите од Уганда, поттикувајќи ги негативните искуства, со помош од Исус Христос, да ги претворат во позитивни.

Како што и се очекуваше за оваа средба со младите, папата Фрањо го остави настрана својот подготвен говор и спонтано им се обрати на младите на својот мајчински, шпански јазик, поттикувајќи ги младите да ги отворат своите срца за Исус и да не заборават да се молат.

Повеќе од 150.000 млади се собраа на аеродромот близу Кампала за да го чујат Папата и да му посакаат добредојде. Пред да им се обрати, Светиот Отец ги слушна сведоштвата на две млади лица кои во животот имаале проживеано многу тешки настани.

Папата рече дека ги ислушал нивните сведоштва со голема болка и истакна дека негативните искуства, по Исусовата милост, можат да се преобразат од „ѕид“ во „пат кој е отворен кон иднината“. Исто така, спомна дека и самиот Исус поминал низ најнегативното искуство во историјата: беше навреден, отфрлен и убиен, но со Божја сила воскресна од мртвите. Папата од младите побара сите негативни работи да ги претворат во позитивни, прашувајќи ги: „Дали сте подготвени омразата да ја претворите во љубов, а војната во мир?“

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот