Порака на папата за Светскиот ден на мирот: Братството – темел и пат за мирот

Без братство не е возможно да се гради праведно општество и траен мир, истакнува папата Фрањо во својата прва порака за Светскиот ден на мирот, која е објавена на 12 декември. Тема на пораката е: „Братството – темел и пат за мирот“. Во пораката папата упатува искрен апел до оние кои сејат насилство и смрт да се откажат од оружјето и да се денунцира корупцијата и организираниот криминал.

Откажете се од оружјето и појдете во пресрет на другиот со дијалог, простување и помирување, за да градите околу праведност, доверба и надеж, порачува папата Фрањо до оние кои со „своите оружја сејат насилство и смрт“. Папата додава: „Повторно откријте го својот брат во оној кој што го сметате за непријател, кој треба да го убиете и запрете ја раката“. Светиот Отец повика на „преобраќање на срцата“ и упатува силен апел за „целосно разоружување, почнувајќи од нуклеарното и хемиското разоружување“.

Срж на документот е братството, „важна димензија на човештвото“, без која не е можно да се гради праведен, цврст и траен мир. Братството кое пред своите очи го нема заедничкиот Отец, како свој последен темел, нема да опстане, бидејќи вистинското братство претпоставува и бара „трансцедентално татковство“. Коренот на братството се содржи во Божјото татковство, татковство кое раѓа братство и кое го преобразува нашиот живот. На тој „повик“ за братство денес често се спротивставува „глобализацијата на рамнодушност“ во која полека се навикнуваме на трпење на другиот и се затвораме во самите себе. На вооружените судири, пишува понатаму Папата, треба да се додат малку видливте, но затоа и не помалку суровите војни кои се водат на економско и финансиско поле, со исто така разорни средства со кои се уништваат животи, семејства, претпријатија.

Папата се осврнува и на моменталната економско-финансиска криза и нејзината причина ја гледа во постепеното оддалечување на човекот од Бог и ближниот, во алчноста за материјалните добра и осиромашениот однос меѓу луѓето и во заедниците. Папата истакнува дека економските кризи кои се редат една по друга, мора да доведе до тоа, да се преиспитаат моделите на економскиот развој и до промена во начинот на живот. Многу повеќе, сегашната криза може да биде добра можност луѓето да се повратат на крепостите: мудрост, умереност, праведност, јакост.

Папата силно ја денунцира корупцијата и организираниот криминал. Политичката заедница, предупредува Папата, мора да работи на транспарентен и одговорен начин за да создаде мир во општеството. Граѓаните мора да се чувствуваат дека се претставувани од јавната власт со почитувањето на нивната слобода. Во спротивно во односоот помеѓу граѓаните и институциите се јавува едностран интерес кои го нагрдуваат тој однос, што создава атмосфера на судир. На крајот од пораката папата Фрањо повикува на зачувување на природата, а истовремено упатува и апел против „соблазата“ на глад во светот. Природните добра нека се искорисат за да не гладува никој, порачува Светиот Отец во својата порака, која ја потпиша на 8 декември, на празникот Безгрешно зачатие на Пресвета Богородица.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот