Истакнувајќи ги силните врски на папата Лав XIV со августинската заедница и со наследството на Света Клара, Папата го посети августинскиот манастир Света Клара во Монтефалко, во централна Италија, каде служеше света Литургија, се помоли и заедно ручаше со клаузурните монахињи.
По средбата со италијанските бискупи и посетата на гробот на Свети Фрањо во градот Асизи во четврток, 20 ноември 2025 година, папата Лав XIV отпатува во блискиот град Монтефалко, каде што го посети августинскиот манастир Света Клара каде разговараше со клаузурните монахињи, служеше света Литургија и заедно со нив ручаше традиционален умбриски ручек.
Манастирот, кој го почитува правилото на Свети Августин од 1290 година, е дом на тринаесет монахињи и го чува споменот на Света Клара од Монтефалко, позната како „Света Клара од Крстот“.
Клара станала игуманија на дваесет и тригодишна возраст, оживувајќи ја заедницата, прифаќајќи ги сиромашните и нудејќи мудри совети на свештениците и верниците. Таа починала во 1308 година и била канонизирана од папата Лав XIII во 1881 година.
„Невооружени и разоружани“
Во интервју за „Ватикан њуз“, игуменијата Марија Кристина Дагуати го опиша Папата како „невооружен и разоружачки“ и „миротворна личност“. Таа додаде дека посетата се одвивала во дух на фамилијарност и едноставност, одразувајќи ги долгогодишните врски со Папата од неговото време како Генерал на августинскиот ред.
Папата пристигна во градот Монтефалко со хеликоптер и беше пречекан од локалните власти и луѓе што се туркаа по средновековните улици на градот. Тој веднаш ја посети црквата Света Калара, во која се наоѓаат нејзините мошти, вклучувајќи го и нејзиното срце, и капелата на Светиот Крст, украсена со фрески од 14 век.
За време на посетата, Папата и монахињите разговараа за нивниот августински повик, важноста на молитвата и искуството на синодалноста во Црквата.
Монахињите му подарија на папата календар за 2026 година, во кој се илустрирани теми од неговите говори и списите на Августин, како и локални подароци, вклучувајќи типично вино од Сагрантино и рачно изработени производи.
Игуменијата истакна дека посетата го истакнала трајното сведоштво на Света Клара и монашката побожност, живеејќи го повикот на Августин за единство.
„Света Клара покажува дека животот со Христос е прекрасен“, рече таа, „и ние се стремиме да го споделиме тоа преку молитва и братство, како што направивме денес со Папата“.
Ватикан њуз/к.мк

