Папата: Ако би се откажал од Папската служба би останал во Рим како бискуп во мирување

Папата: Ако би се откажал од Папската служба би останал во Рим како бискуп во мирување

Папата Фрањо зборуваше за неговата здравствена состојба и шпекулациите за неговото повлекување за стриминг каналот ViX на медиумската компанија Televisa Univision, а се осврна и на актуелни теми како што се пандемијата, војната во Украина, абортусот и борбата против злоупотребата на децата. Ако еден ден би морал да се откаже од службата, во тој случај ќе биде „римски епископ во мирување“ и можеби ќе отиде во Свети Иван Латерански. Што се однесува до коленото, тој уверува дека состојбата се подобрува.

Немам никаква намера да се откажам, не засега – рече папата Фрањо во интервјуто што им го даде на мексиканските новинарки Марија Антониета Колинс и Валентина Алазрака, за стриминг каналот ViX на медиумската компанија Televisa Univision. Во делот од интервјуто објавен на Јутјуб каналот Univision Noticias, Папата конкретно се осврнува на неговата здравствена состојба и на гласините кои во последните недели укажуваа на откажување од папската служба. Во овој момент не чувствувам дека Господ тоа го бара од мене – рече Папата, додавајќи дека доколку почувствува дека Бог такво нешто бара од мене, би го направил и тоа. Затоа, тој го нарече случајност фактот што ќе замине во Аквила, каде што е погребан Селестин V, во деновите на следниот Конзисториум, на крајот на август.

Што се однесува на коленото, Папата истакна дека иако се чувствува ограничен, состојбата се подобрува. Сепак – додаде тој – сигурно е дека во Конго не можев да одам. Немав сили – објасни тој – сега, по дваесет дена, има напредок. Истовремено, тој повторно го истакна одличниот пример на Бенедикт XVI, кој – како што рече – ќе му помогне да донесе одлука доколку е потребно. Потоа зборуваше за неговите големи симпатии кон почесниот Папа, „човек кој ја поддржува Црквата со својата добрина и со својата повлеченост во молитва“ и додаде дека чувствува радост секогаш кога ќе го посети во манастирот Mater Ecclesiae.

Одговарајќи на прашањето за можноста за воспоставување одредби за карактерот на почесниот папа, папата Фрањо рече дека самата историја ќе помогне за подобро регулирање; првото искуство помина многу добро – рече тој – затоа што Бенедикт XVI е свет и дискретен човек. Сепак, за во иднина добро би било работите да се прецизираат или подобро да се објаснат. Што се однесува до неговото евентуално повлекување, тој одговори дека нема да се врати во Аргентина. Јас сум бискуп на Рим, а во тој случај би бил бискуп на Рим во мирување – рече тој. За можноста во случај на повлекување да престојува во базиликата Свети Иван Латерански, рече дека е можно.

Потсетувајќи дека пред конклавата веќе го подготвил своето заминување во мирување како почесен надбискуп на Буенос Аирес, тој рече дека за него би било важно да може да исповеда и да ги посетува болните. Тоа би било неговиот апостолат, неговата „работа“. Да им служи на луѓето секаде каде што е можно; За тоа размислував во Буенос Аирес – рече тој и додаде дека тоа е план што би го сакал дури и да се повелече од службата.

Во интервјуто, кое во целост го пренесе Televisa Univision, Папата не пропушти да се осврне на многу други многу актуелни теми, вклучително и пандемијата. Притоа, тој го спомна потресниот момент на молитвата Statio Orbis одржана на 27 март 2020 година. Потоа ги изнесе своите размислувања за војната во Украина, нагласувајќи дека му е важно да зборува за земјата која е нападната, а не за агресорите. Тој, исто така, ја потврди намерата да се сретне со рускиот патријарх Кирил во септември, на меѓурелигискиот собир што ќе се одржи во Казахстан. Зборувајќи за драмата на земјите погодени од насилство – како што се Јемен и Сирија – тој повторно нагласи дека она што го доживуваме е „трета светска војна на делови“ и дека нуклеарното оружје е неморално, не само употребата, туку и поседувањето.

Папата повторно го осуди абортусот, бидејќи е целосно неправедно да се елиминира човечкиот живот, а тоа може да се потврди – објасни тој – тргнувајќи од научни податоци за кои не се дискутира. Зборувајќи за проблемот во Соединетите Американски Држави, по одлуката на Врховниот суд да ја укине пресудата за правото на абортус, Папата укажа на поларизацијата присутна во САД, нагласувајќи дека пастирите секогаш треба да се грижат за пасторалната димензија, во спротивно се создава политички проблем.

На прашањето каков треба да биде односот во случај кога католички политичар го го поддржува абортусот, папата Фрањо одговори дека тоа ќе го остави на неговата совест. Нека зборува за оваа недоследност со својот епископ, со својот пастир, со својот парохиски свештеник – рече тој. Од Соединетите Американски Држави, Папата потоа со мислите отиде во Куба и ја изрази својата љубов кон кубанскиот народ и епископите од таа земја. Истовремено, рече дека има човечки однос со поранешниот претседател Раул Кастро и го изрази своето задоволство од повторното воспоставување на дипломатските односи меѓу Куба и Соединетите Американски Држави, во времето на претседателот Обама.

к.мк/Ватикан њуз

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот