Јубилеј на католичките инфлуенсери

Јубилеј на католичките инфлуенсери

На 28 јули, во Аудиториумот Кончилијазионе во Рим, беше отворен настан посветен на католичките дигитални мисионери. Државниот секретар на Неговата Светост, кардинал Пјетро Паролин, истакна дека Црквата мора да се соочи со „раните и прашањата“ на корисниците на интернет.

Темата на собирот е: „Дигиталната мисија и задачата за евангелизација на Црквата“, при што влијателните католици од дигиталниот свет се собраа во Рим на овој јубилеј.

Кардинал Паролин, обраќајќи им се на присутните, нагласи колку е возвишено тоа што оние кои обично се среќаваат на социјалните мрежи, сега се заедно, физички присутни, во заедништво едни со други и со целата Црква, на прославата на Јубилејот на надежта.

Една од мисиите на социјалните медиуми, рече кардиналот, е пренесувањето информации, но и поставувањето прашања — како дигиталниот простор, кој брзо ја менува општествената динамика и длабоко го преиспитува начинот на нашето постоење, може да стане средство за пренесување на верата?

Мудроста на Црквата веќе понудила одредени патишта како одговор на ваквите предизвици: да се биде во светот, но да се сведочи за она што е над светот; да се живее во времето, но да се носи Вечноста. Ваквиот однос се бара од евангелизаторите, на средбата да сведочат за Вистината и дејствувајќи во времето, го преобразува тоа време. Денешното искуство, кое произлегува од човечката генијалност, не претставува само технолошка промена, туку вистинска културна и епохална трансформација. Ја засега перцепцијата за времето, меѓучовечките односи, пристапот до информации и начинот на разбирање на сето тоа.

Кардинал Паролин подвлече дека мисијата на Црквата во оваа нова средина не може да биде пасивна или импровизирана: „Таа се состои во способноста да се понуди смисла и насока преку средбата со Бога. Бара внимателен, ангажиран, дијалошки и мисионерски став — отворен за читањето на знаците на времето со очите на верата и срцето на Исус“, посочи тој. Дигиталната технологија повеќе не е само алатка, ниту само најмоќна платформа — таа е јазик, средина, начин на живот. Црквата е повикана да го распознае и протолкува тоа, да го сведочи Евангелието верно и креативно во новата средина.

Кардиналот истакна дека зборувањето за „дигитална мисија“ не значи сведување на евангелизацијата на технички или комуникациски процес, туку признавање дека дигиталното е составен дел од начинот на кој современиот човек размислува, чувствува, бара и се поврзува. Затоа, повеќе од стратегии, потребно е присуство исполнето со човечност, сведоштво за евангелскиот живот, подготвеност за дијалог, слушање и заеднички одење — и на интернет.

Во таа смисла, кардиналот подвлече дека значењето на мисијата не се мери со виралноста на содржината, туку со способноста на Црквата да сведочи за Божјата близина во средина која често изгледа безлична, хаотична, исполнета со омраза, лажни вести и дезинформации. Да се биде дигитален мисионер значи да се прифатат ритамот, прашањата, болките и трагањата на оние кои го населуваат тој простор, без запаѓање во анонимност, површност или самопромоција — со цел да се покаже убавината на припадноста на Христос, припадноста на Црквата, и така да се донесе надежта и радоста на Воскреснатиот Христос — истиот, вчера, денес и засекогаш.

„Во епоха во која човечките односи се лесно фрагментирани или манипулирани од интереси кои го потценуваат човечкото достоинство, христијанската порака нè потсетува дека секое човечко битие е лице, а не профил; жива историја, а не збир на податоци“, подвлече кардинал Паролин.

Оттука, дигиталната мисија бара христијански стил кој дава приоритет на средбата над говорот, на сслужењето над самопромоцијата, на заедништвото над индивидуализмот, на трпеливоста над брзината, на вистината над практичноста. Евангелизирањето во дигиталниот свет не е привилегија на оние што ја совладале технологијата, туку заедничка одговорност на сите кои го примиле дарот на верата — и посебен повик за оние што имаат специфични дарови. Тие се повикани да создаваат нови дигитални алатки, нови платформи, нови економски модели.

Во завршницата, кардиналот потсети на зборовите на папата Лав, изговорени на 20 јуни оваа година: автентичната мудрост е поврзана со распознавањето на вистинската смисла на животот, а не со количината на достапни информации.

На собирот се обратија и монсињор Рино Физикела, главниот организатор на Јубилејот, како и префектот на Дикастеријата за комуникации, г. Паоло Руфини.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот