Папата Лав XIV испрати порака до Меѓународниот саем на книгата во Торино, што се одржува оваа недела во северниот италијански град, повторувајќи дека литературата треба да го промовира човечкото достоинство, мирот и братството. Тој нагласи дека децата, особено во услови на „ужасите на војната“ и „студот на рамнодушноста“, му нудат надеж на светот.
„Потребна е литература што помага да се препознае достоинството на секоја личност, особено на најранливите, и што сè повеќе станува училиште на братство и мир.“
Ова го изрази папата Лав XIV во својата телеграма за Меѓународниот саем на книгата, што се одржува во Торино, Италија, од 14 до 18 мај 2026 година.
Пораката, испратена во име на Светиот Отец од државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин, беше упатена до надбискупот од Торино, кардиналот Роберто Реполе, и до учесниците на меѓународниот саем. Таа беше прочитана на церемонијата на отворањето на настанот во четврток наутро, 14 мај 2026 година, од директорот на саемот.
Во пораката, Папата го опиша насловот на ова издание, инспириран од делото на писателката Елса Моранте „Светот спасен од децата“, како „значаен и навремен“.
Папата Лав забележа дека „во време кое изгледа задушено од ужасите на војната и од студот на рамнодушноста, децата, со својата вродена способност да го гледаат светот со свежи очи, запалуваат светлина на надеж во општеството“.
Светиот Отец ја заврши својата порака изразувајќи надеж дека „настанот ќе инспирира обновена свест за важноста на културата во поттикнувањето на дијалогот и слогата“.
Зборовите на папата Лав во телеграмата се надоврзуваат на пораката што тој претходно овој месец ја упати до претставниците на Ватиканската издавачка куќа, која учествува на настанот во Торино, по повод стогодишнината од нејзиното основање.
Во таа пригода, Светиот Отец истакна дека „читањето го храни умот, помага во развивањето на свесно и добро формирано критичко чувство и штити од фундаментализми и идеолошки поедноставувања“. Тој ги повика сите да читаат книги „како противотров на затвореноста на умот, која се пројавува во крути ставови и ограничени погледи на реалноста“.
Ватикан њуз/к.мк

