Папата Фрањо во недела 20 април 2025 година, на празникот Воскресение христово, се појави на ложата на базиликата Свети Петар. Во пораката Urbi et orbi, прочитана од директорот на канцеларијата за Папските богослужни обреди, монсињор Равели, Папата упатува апел за прекин на огнот во Газа, за мир во Украина и во Африка и охрабрување за поддршка на населението на Мјанмар погодено од земјотресот. Мирот не е можен без вистинско разоружување, напоменува Папата, повикувајќи на почитување на верските слободи и ослободување на воените и политичките затвореници за време на јубилејот.
Драги браќа и сестри, Честит Велигден!
Како благо ветре, гласот на папата Фрањо денеска, 20 април, во Неделата на Воскресението Господово, од ложата на базиликата Свети Петар се разнесе низ градот и светот. По неколкунеделни шпекулации и предвидувања, Папата беше присутен на еден од најважните настани во животот на Црквата, велигденскиот благослов Urbi et Orbi – На градот и на светот, кој тој самиот го подели.
Тоа го направи тоа пред околу 50.000 верници кои се собраа на плоштадот Свети Петар, а кои штотуку учествуваа на велигденската света Литургија, која во име на Папата ја предводеше кардинал Анџело Комастри. Папата во ложата беше придружуван од кардиналот протоѓакон Доминик Мамберти и кардиналот Фернандо Вергез Алзага, почесен претседател на Управа на градот Ватикан. Монсињор Диего Равели, директор на канцеларијата за Папските литургиски обреди, ја прочита воскресната порака на Папата.
Сурово е да се бомбардираат училишта и болници
Во својата порака, Папата сака Христовото воскресение да дојде во свет кој изгледа дека тапка во темнината на смртта и војните, политичките и социјалните несогласувања и братоубиствените поделби, трката во вооружување и суровоста на војната.
Принципот на човечност никогаш да не исчезне како основа на нашите секојдневни постапки. Соочени со суровоста на конфликтите кои ги погодуваат невините цивили, напади на училишта, болници и хуманитарни работници, не смееме да заборавиме дека не се гаѓаат цели, туку луѓе со душа и достоинство.
Злото веќе нема превласт
Палестина, Израел, Украина, Јемен, Демократска Република Конго, Ерменија и Азербејџан, Судан, Јужен Судан, Мјанмар, се некои од областите кои страдаат, а кои ги спомна Римскиот бискуп во својата порака, повикувајќи ја врз нив воскресната светлина.
Љубовта ја победи омразата. Светлината ја победи темнината. Вистината ја победи лагата. Простувањето ја победи одмаздата. Злото не исчезна од нашата историја, ќе остане до крај, но веќе нема власт, нема повеќе моќ над оние кои ја прифаќаат благодатта на овој ден.
На сестрите и браќата во болка и мака, папата Фрањо им ветува: „Вашиот тивок плач е услишан, вашите солзи се собрани, ниту една не е изгубена! Во Исусовото страдање и смртта, Бог го зеде на себе сето зло на светот и го победи со својата бескрајна милост: ја искорени ѓаволската гордост што го труе човечкото срце и насекаде сее насилство и расипаност.“
Славење на животот и волја за смрт
Исусовото воскресение е основа на надежта, а надежта не разочарува. „Spes non confundit! – нагласува Папата, наведувајќи го насловот на булаа, со која ја прогласи јубилејната година. „Христос воскресна!“; Оваа порака ја содржи целата смисла на човековото постоење, кој не е создаден за смрт, туку за живот. Велигден е празник на животот – повторува Папата, додавајќи: В очите на Бога секој живот е скапоцен; животот на детето во мајчината утроба, како и животот на старите или болните, кои во сé повеќе земји се сметаат за личности кои можат да се отфрлат.
Колку волја за смрт гледаме секој ден во бројните конфликти што ги погодуваат различните делови на светот! Колку насилство гледаме, често дури и во семејствата, врз жени или деца! Колку презир понекогаш се покажува кон најслабите, маргинализираните, мигрантите!
„Мирот е можен“
Римскиот бискуп се надева дека на овој ден ќе се вратиме на надежта и довербата во другите, дури и во оние кои не ни се блиски или доаѓаат од далечни земји со различни навики, начини на живот, идеи и обичаи. Затоа што сите сме Божји деца!
Би сакал да се вратиме на надежта дека мирот е можен!
Хуманитарната ситуација во Газа е драматична и за презир
Папата потоа ги насочи своите мисли кон Светиот гроб, каде оваа година католиците и православните го слават Велигден на ист ден и од каде доаѓаат вести за тензии. Нека свети светлината на мирот од тоа свето место за целата Света Земја и за целиот свет – ова е желбата на папата Фрањо, кој уште еднаш ја изрази својата близина со напатените христијани во Палестина и Израел, како и со целиот израелски народ и со целиот палестински народ.
Загрижен сум поради растечката клима на антисемитизам што се шири низ целиот свет. Во исто време, моите мисли се насочени кон жителите, а особено кон христијанската заедница во Газа, каде што ужасниот конфликт продолжува да предизвикува смрт и уништување и создава драматична и недостоинствена хуманитарна ситуација. Апелирам до завојуваните страни: прекин на огнот, ослободете ги заложниците и пружете им помош на гладните луѓе кои копнеат за иднина во мир!
Папата исто така силно се моли за христијанските заедници во Либан и Сирија, кои минуваат низ чувствителен период од нивната историја. Двете земји се стремат кон стабилност и учество во судбината на своите народи – истакна папата Фрањо, охрабрувајќи ја целата Црква со внимание и молитва да ги придружува христијаните од саканиот Блиски Исток. Тој, исто така, посебно го спомена народот на Јемен, кој поради војна ја доживува една од најтешките „долгорочни“ хуманитарни кризи во светот. Затоа ги охрабри сите да бараат решенија преку конструктивен дијалог.
Праведен и траен мир за Украина
Во својата порака до градот и светот, Папата не можеше да ја изостави настраданата Украина. Ги охрабрувам сите вклучени актери да продолжат со своите напори за постигнување праведен и траен мир.
Римскиот бискуп – како и во други прилики – го спомна и Јужен Кавказ со молитва наскоро да биде потпишан и спроведен конечниот мировен договор меѓу Ерменија и Азербејџан, кој ќе доведе до толку посакуваното помирување во тој регион.
Папата Франциско се надева и на дух на хармонија во земјите од Западен Балкан, така што партнерите во регионот ќе го отфрлат опасното и дестабилизирачко однесување. Повикува на мир и утеха за африканското население кое е жртва на насилство и конфликти, особено во Демократска Република Конго, Судан и Јужен Судан, Сахел, Африканскиот Рог и регионот на Големите езера. Посакува мир и поддршка за „христијаните кои не можат слободно да ја исповедаат својата вера на многу места“.
Нема мир таму каде што нема верска слобода или каде што нема слобода на мислата и говорот и нема почитување на мислењата на другите.
Не за трка во вооружување
Мирот не е можен без вистинско разоружување – истакнува папата Фрањо и додава: Потребата секој народ да ја осигура сопствена одбрана не смее да се претвори во општа трка во вооружување.
Светлината на Воскресението не поттикнува да ги срушиме бариерите кои создаваат поделби и кои имаат сериозни политички и економски последици. Нè поттикнува да се грижиме еден за друг, да ја зајакнеме меѓусебната солидарност и да се вклучиме во промовирањето на интегралниот развој на секој човек.
Поддршка за Мјанмар, погоден од земјотресот и насилството
Папата уште еднаш повика за помош и молитва за Мјанмар, кој со години е погоден од вооружени конфликти, а сега храбро и трпеливо се соочува со последиците од разорниот земјотрес во регионот Сагаинг, кој однесе илјадници животи и предизвика страдање на бројни преживеани, вклучувајќи сирачиња и стари лица. Да молиме за жртвите и нивните семејства и им благодариме од се срце на сите дарежливи волонтери кои пружаат помош. Најавата за прекин на огнот на повеќе страни во таа земја е знак на надеж за цел Мјанмар, нагласи Папата.
Апелирам до сите во светот кои имаат политичка одговорност да не подлегнуваат на логиката на стравот што ги ограничува, туку да ги користат расположливите ресурси за да им помогнат на оние на оние во потреба, да се борат против гладот и да промовираат иницијативи кои го поттикнуваат развојот. Ова се „оружјата“ на мирот: оние кои градат иднината, наместо да сеат смрт!
На крајот од пораката, пред благословот Urbi et Orbi – До градот и светот, папата Фрањо апелираше во оваа јубилејна година Велигден да биде и можност за ослободување на воените и политичките затвореници!
Ватикан њуз/к.мк