Во март Папата повикува да молиме за светата Тајна Исповед

Во март Папата повикува да молиме за светата Тајна Исповед

Во март, папата Фрањо нè поттикнува да се молиме за да може таинството на Помирувањето да се доживее „со нова длабочина за да се вкуси бесконечната милост Божја“.

Во текот на овој месец, молитвената накана на Папата, која ја доверува на целата Црква е посветена на светата Тајна Помирување – Исповед. Повикани сме повторно да ја откриеме обновителната сила на Исповедта. Не станува збор за појавување пред судија, туку за средба со Отецот, кој секогаш нѐ прифаќа и простува. „Да се молиме“, нагласува Папата, „Бог да ѝ даде на својата Црква милосрдни свештеници, а не мачители“.

Милостиви слуги

За време на неговиот понтификат, папата Фрањо повеќе пати ги повикува свештениците да бидат милостиви, служители на милосрдието. Во Апостолското писмо Misericordia et misera, на крајот на Вонредниот јубилеј на милосрдието, Папата ги повикува да бидат како Исус, исполнети со сочувство и трпеливост. Да „бидеме сведоци на татковската нежност“, да бидеме „дарежливи во давањето на Божјото простување“. За време на молитвата Ангел Господов на 14 февруари, папата Фрањо повика да се заблагодариме на милостивите исповедници и потсети дека „Бог никогаш не се изморува да простува“. На човекот секогаш му е потребна Божјата љубов. Центар на Исповедта е Исус, кој не чека, објаснува папата Фрањо во видео порака, која ја содржи неговата молитвената накана за март.

Кога одам на исповед, тоа го правам за да се лекувам себе си, за да си ја залечам душата. Да излезам со поголемо духовно здравје. Да се префрлам од мизерија во милост. Главната работа во Исповедта не се гревовите што ги кажуваме, туку Божјата љубов, која ја примаме и која секогаш ни е потребна. Центар на Исповедта е Исус, кој нè чека, нè слуша и ни простува. Запомнете го ова: во срцето на Бога сме први, а потоа нашите гревови. Да се молиме да ја доживееме тајната на помирувањето со обновена длабочина за да ја вкусиме Божјата бесконечна милост. И да се молиме Бог да и даде на својата Црква милосрдни свештеници, а не мачители.

Таинството на помирување

„Оној што ги признава своите гревови и ги осудува“, вели свети Августин, „веќе е во согласност со Бога“. „Добрите дела“, додаде тој, „започнуваат со признавање на лошите“. Помирувањето му помага на човекот да го добие дарот на милоста на Отецот. Катехизмот на Католичката црква посебно потсетува дека оваа тајна на грешникот му порадува љубов кон Бога, со која се помирува: „Ве молиме во името на Христа: помирете се со Бога!“ (2 Коринтјаните 5,20). „Оној што живее со милосрдна љубов кон Бога, подготвен е да одговори на Господовата покана: Оди прво и помири се со својот брат“.

Видеото на Папата и Светската молитвена мрежа

Во последниве години, молитвените накани на Папата се раширија во форма на видео пораки, глобална иницијатива на Светската молитвена мрежа на Папата. Неговата главна задача е да ги мобилизира католиците преку молитва и дејствување за предизвиците на човештвото и посланието на Црквата: предизвици прикажни во форма на молитвени накани доверени од Папата на целата Црква. Денес, Светската молитвена мрежа е присутна во 98 земји и е составена од повеќе од 35 милиони католици, вклучувајќи го и Младинскиот огранок на младинското евхаристиско движење.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот