Папата молеше од Пресвета Богородица „антитела“ за вирусите на денешното време

Папата молеше од Пресвета Богородица „антитела“ за вирусите на денешното време

На 8 декември 2017 година попладне, на празникот Безгрешно зачнување на Блажена Дева Марија, папата Фрањо го посети Шпанскиот плоштад и се помоли пред статуата на Безгрешното зачнување на Блажена Дева Марија и положи цвеќе.

Опкружен од бројниот народ, Светиот Отец молеше до Пресвета Богородица заблагодарувајќи ѝ се најпрво што постојано се грижи за нас и нè придружува на нашето патување, патувањето на семејството, на човекот со посветен живот, на работникот, на болниот, на старите, сиромашните, како и оние кои се преселиле во Рим од места во кои има војна и глад.

Папата потоа именуваше серија, како што ги нарече „вируси на нашето време“: рамнодушноста која вели „тоа не се однесува на мене,“ несоцијално однесување кое го мрази општото добро, стравот од странци и оние кои се поинакви од нас, конформизам, лицемерието кое ги обвинува другите додека ги правиме истите тие работи, резигнација во однос на животната средина и етичка деградација, искористувањето на многу мажи и жени. Да ја замолиме Пресвета Богородица на градот Рим, како и на сите нас да ни помогне да развиеме антитела кои доаѓаат од Евангелието за да ги отфрлиме тие и другите вируси. Поттикна да создадеме добра навика за секојдневно читање на дел од Евангелието и следејќи го примерот на Пресвета Богородица, да го задржиме Словото Божјо во своето срце и како добро семе да дадеме род во нашите животи.

На својот пат кон Шпанскиот плоштад, Папата застана во базилката Света Марија Велика во која се помоли пред иконата „Salus Populi Romani – Спас на римскиот народ,“ на која е прикажана Пресвета Богородица со Детето Исус. На враќање од Шпанскиот плоштад, приватно ја посети римската базилика Sant’Andrea delle Fratte во која пред 175 години францускиот Евреин Алфонс Ратисбон доживува објава од Блажена Дева Марија и според зборовите на папата Фрањо од атеист и противник на Црквата станува христијанин. Уште повеќе Алфонс станува свештеник и мисионер и подоцна основа сопствена конгрегација посветена на Пресвета Богородица Синајска.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот