„Dignitas infinita“, декларацијата на Дикастеријата за наука на верата за човечкото достоинство, е објавена на 8 април во Ватикан, а е резултат на петгодишна работа. Главната новина на документот е вклучувањето на некои клучни теми од неодамнешното Папско учителство кои ја надополнуваат биоетиката.
Декларацијата се состои од четири поглавја – во првите три дела потсетува на основните принципи и теории со цел да се дадат појаснувања за да се избегнат честите забуни предизвикани од употребата на терминот „достоинство“. Во последното поглавје се претставени „некои сериозни повреди на човечкото достоинство“. Се наведуваат абортусот, евтаназијата и сурогат мајчинството, но и војната, сиромаштвото, лошата состојба на мигрантите, насилството врз жените, сексуалната злоупотреба и трговијата со луѓе.
Основни принципи
Говорејќи на почетокот на декларацијата за основните принципи, се наведува дека „Црквата, во светлината на Објавата, апсолутно го поткрепува и потврдува (…) онтолошкото достоинство на човечката личност, создадена според образ и подобие Божјо и откупена во Христа Исуса“ (1). Упатена е критика кон оние кои „сметаат дека личност е само „суштество способно за расудување“. Од таквото размислување произлегува дека достоинството и правата се изведени од способноста да се знае и од слободата. „Така, според тоа, нероденото дете не би имало лично достоинство, ниту пак независните стари лица, па дури и лицата со ментална попреченост. Црквата, од друга страна, инсистира на фактот дека достоинството на секој човек, токму затоа што е својствено за секој човек, важи „во сите околности“ (24). Понатаму, се наведува дека „концептот на човечко достоинство понекогаш се злоупотребува за да се оправда произволното умножувања на нови права (…) како да мора да се гарантира можноста за изразување и остварување на секоја индивидуална преференција или субјективна желба (25).
Сиромаштво, војна и трговија со луѓе
Наведувајќи „некои сериозни повреди на човечкото достоинство“,најпрво ја споменува „драмата на сиромаштвото“, која е една од „најголемите неправди на современиот свет“ (36). Потоа се споменува војната, „трагедија која го негира човечкото достоинство“ и која секогаш е „пораз на човештвото“ (38). Денес, „многу е тешко да се поддржат рационалните критериуми кои созреале низ вековите за да се зборува за можна „праведна војна““ (39), се истакнува во декларацијата.
Се споменуваат и „страдањата на мигрантите“, чии „животи се доведени во опасност бидејќи веќе немаат средства за создавање семејство, работа или за прехрана“ (40). Се зборува и за трговијата со луѓе, која добива „трагични димензии“. Тоа е дефинирано како „безобразна активност, срам за нашите општества кои тврдат дека се цивилизирани“ и ги повикува експлоататорите и клиентите на сериозно испитување на совеста (41). Исто така е искажан и апел за борба против појавите како што се „трговија со човечки органи и ткива, сексуална експлоатација на момчиња и девојчиња, ропска работа, вклучително и проституција, трговија со дрога и оружје, тероризам и организиран меѓународен криминал“ (42). Сексуалната злоупотреба се наведува и како сериозно нарушување на човечкото достоинство, кое „оставува длабоки лузни во срцата на оние кои го трпат“ (43). Се споменуваат и дискриминацијата и насилството врз жените, истакнувајќи го проблемот со принудниот абортус „кој ги погодува и мајката и детето, често за да ја задоволи себичноста на мажите“ и практиката на полигамија која е „против еднаквото достоинство на жените и мажите“ (45). Исто така се осудува и фемицидот (46).
Абортус и сурогат мајчинство
Декларацијата го осудува абортусот: „Меѓу сите злосторства кои човек може да ги изврши против животот, намерниот абортус претставува дело кое го прават особено тешко и секако може да се избегне“ и потсетува дека „одбраната на животот на нероденото е длабоко поврзана со одбраната на сите други човекови права“ (47 ). Се критикува и сурогат мајчинството, што го прави детето „предмет на договор“, а е практика што „сериозно му наштетува на достоинството на жената и нејзиното дете“ (48). Се зборува и за евтаназијата и потпомогнатото самоубиство, потсетувајќи дека „со страдањето не се губи достоинството на болниот, кое е негово и неотуѓиво“ (51). Затоа е нагласена важноста на палијативната нега и избегнувањето на „секаква терапевтска упорност или неразумна интервенција“ (52). Помеѓу сериозните повреди се наведува отфрлањето на лицата со попреченост (53).
Родова теорија
Се наведува дека Црквата сака да „потврди дека секој човек, без разлика на неговата сексуална ориентација, треба да биде почитувано неговото достоинство и прифатен со почит, и треба внимателно да се избегнува „секаков знак на неправедна дискриминација“, посебно било каква форма на агресија и насилство“ и дека фактот што на некои места луѓето, поради нивната сексуална ориентација, се затвораат, мачат, па дури и се лишени од добрата за живот е против човечкото достоинство.
Во исто време, се истакнуваат некои „критични прашања“ во однос на родовата теорија, која е „многу опасна, бидејќи ги брише разликите во барањето сите да бидат еднакви“ (56). Црквата потсетува дека „да се сака да се располага со самиот себе, како што пропишува родовата теорија (…) не е ништо друго, туку потклекнување на древното искушение на човечко суштество да стане бог и на тој начин влегува во конкуренција со вистинскиот Бог“ ( 57).
Родовата теорија „сака да ја негира најголемата можна разлика меѓу живите суштества: половата (58). Не се одобрува „промена на полот“ што „не значи исклучување на можноста лицето кое страда од аномалии на гениталиите кои се веќе видливи при раѓање или кои се развиваат дополнително, да побара лекарска помош за да ги реши овие аномалии. Во овој случај, интервенцијата не би претставувала промена на полот во тука наведената смисла“ (60).
Дигитално насилство
На крајот декларацијата, зборува за „дигитално насилство“ и споменува „нови форми на насилство, на пример злоставување преку интернет (cyberbullying) или „ширење на порнографија и експлоатација на луѓе за сексуални цели или коцкање“ на Интернет (61).
Документот завршува со поттик „почитувањето на достоинството на човечката личност во сите околности“ да се стави во центарот на застапувањето за општото добро и на секој правен систем“ (64).
Ватикан њуз/к.мк