Папата Фрањо: Христијанинот се бори против ѓаволот кој сака сѐ да уништи

Папата Фрањо: Христијанинот се бори против ѓаволот кој сака сѐ да уништи

Во саботата попладне, на 7 октомври 2023 година, папата Фрањо служеше Света Литургија за хорот на Ватиканската жандармерија. Коментирајќи го неделното евангелие, Папата рече дека нашите животи се како лозје што треба внимателно да се негуваат

Во саботата попладне, на 7 октомври 2023 година, папата Фрањо ја предводеше светата Литургија за хорот на Ватиканската жандармерија. Со литургијата, која се служеше во Лурдската пештера во ватиканските градини, беше одбележан споменот на заштитникот на жандармите, свети Архангел Михаил, чијшто празник се празнува на 29 септември.

Кој не се бори не е христијанин

Во својата проповед Светиот Отец ја зеде сликата за лозје од првото читање од Книгата на пророкот Исаија. Работата на жандармот, истакна тој, е како лозје во кое непријателите влегуваат ноќе за да го расипат и уништат засаденото. Лозјето, продолжи тој, е и слика за нашите животи, каде доброто и злото се борат едно против друго.

Папата Фрањо истакна: Господ не засади сите, како да сме фиданки во добро лозје, но непријателот секогаш доаѓа да нѐ уништи. Тоа е секојдневна борба: твоја и моја и на сите нас. Кој не се бори не е христијанин, кој не поднесува искушенија не е христијанин.

Секој од нас мора да се грижи за лозјето

Сите ние, продолжи Папата, сме грешници, но сакаме да одиме напред и затоа мора да се бориме против ѓаволот кој сака да влезе во нашите животи. Потсетувајќи дека свети Архангел Михаил помага во оваа борба, додаде: Мораме да внимаваме и да го чуваме лозјето, лозјето на секој од вас, лозјето на вашите семејства, вашите деца; и лозјето овде, во Ватикан, да не влезе лоша фиданка.

Ѓаволот се обидува да победи со уништување

Параболата за злите слуги од Евангелието по Матеј (21,33-43) ни покажува дека кога ѓаволот сака да заземе нешто, го уништува. Војна со која сака сѐ да уништи е валкана војна, истакна Папата, велејќи дека токму тоа е тактиката на ѓаволот кој се обидува да победи уништувајќи сѐ. Но, свети Архангел Михаил, заклучи Папата, ни помага да го избркаме.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот