Светиот Престол потпиша договор со Хондурас

Светиот Престол потпиша договор со Хондурас

Кардиналот државен секретар Пјетро Паролин и претседателот на Хондурас, Насри Хуан Асфура Забла, потпишаа договор со кој се зацврстуваат постојните добри билатерални односи меѓу Светиот Престол и Хондурас, се гарантира правниот субјективитет на Црквата и се унапредува соработката меѓу Црквата и државата.

Кардиналот државен секретар Пјетро Паролин и претседателот на Хондурас, Насри Хуан Асфура Забла, во четврток, 22 октомври 2026 година, во Салата за договори во Апостолската палата во Ватикан, го потпишаа Договорот меѓу Светиот Престол и Република Хондурас.

Договорот, составен од 25 члена, „ги зацврстува постојните добри билатерални односи, го штити правниот субјективитет на Црквата и промовира плодна соработка меѓу Црквата и државата за унапредување на општото добро и на духовните, човечките и културните вредности на народот на Хондурас“, се наведува во соопштението објавено од Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

Содржина на Договорот

Договорот има за цел дополнително да ја гарантира верската слобода, во согласност со Декларацијата Dignitatis humanae на Вториот ватикански собор од 1965 година, вклучително и слободата на богослужба и слободата на Црквата да ја извршува својата мисија.

„Билатералниот договор го потврдува правото на слобода на мислата, совеста и религијата, во согласност со меѓународните инструменти за човекови права“, се нагласува во соопштението.

„Државата го признава правото на Црквата да дејствува според сопствените норми, да се самоуправува и слободно да ги именува своите верски служители. Исто така, го гарантира правото на приговор на совеста и ја штити неповредливоста на светотаинскиот печат без никакви услови или ограничувања, како и доверливоста на пасторалните работници, која е еднаква на онаа што се применува за информациите доверени во исповед“, продолжува соопштението.

„Понатаму, се признава правото на Црквата да основа образовни и добротворни установи, како и нејзиното право да обезбедува духовна помош и пасторална грижа за лицата кои престојуваат во социјални, образовни, здравствени и казнено-поправни установи, без оглед дали се јавни или приватни. Конечно, ќе се олесни и пасторалната грижа за припадниците на вооружените сили и полицијата.“

Договорот ќе стапи во сила на денот на размената на инструментите за ратификација и подлежи на постапкa за ратификација предвидени во правните системи на двете страни.

Церемонија на потпишување во Апостолската палата

По церемонијата на потпишување, присутните одржаа средба на која разговараа за позитивниот придонес на Црквата во човечкиот, општествениот и културниот развој на земјата, како и за повеќе прашања од заеднички интерес на регионално и меѓународно ниво.

Од страна на Светиот Престол на церемонијата присуствуваа и надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите и меѓународните организации; монсињор Хавиер Доминго Фернандез Гонзалез, началник на Протоколот на Државниот секретаријат; монсињор Карлос Дијаз Панијагва, службеник во Секторот за односи со државите и меѓународните организации; и монсињор Франциско Хавиер Дијаз Тенза, службеник во истиот Сектор.

Во делегацијата на Хондурас беа Миреја Агуеро де Коралес, државен секретар за надворешни работи и меѓународна соработка; Хуан Карлос Гарсија Медина, министер на Претседателството; и Гилијам Ноеми Гомез Гифаро, амбасадор на Република Хондурас при Светиот Престол.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот