Генерална аудиенција: Молитвата е здив, кој дава смисла на секоја наша постапка

Генерална аудиенција: Молитвата е здив, кој дава смисла на секоја наша постапка

Папата Фрањо на Генералната аудиенција во среда 9 јуни 2021 година зборуваше за упорноста во молитвата и истакна дека е нехумано да се биде толку преокупиран со работа па така повеќе да не можеме да најдеме време за собраност во нашиот однос со Бога.

Молитвата не е во спротивност со секојдневните активности, со многуте мали обврски и состаноци, туку е место каде секоја активност ја пронаоѓа својата смисла, своите причини и својот мир – рече папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција која се одржа во дворот Свети Дамас, зборувајќи за упорноста во молитвата.

Размислувајќи за тоа како упорно да се моли, Папата тргна од духовниот пат на „Рускиот поклоник“, руски текст напишан помеѓу 1853 и 1861 година. Зборовите на Свети Павле во Првото послание до Солунјанте: „Молете се постојано! Благодарете за сè!“, го погодуваат тој човек кој се прашува како е можно да се постигне ова, бидејќи нашиот живот е расцепкан во многу различни моменти, кои не секогаш ја прават можна концентрацијата. Од тоа прашање започнува неговото барање, кое ќе го доведе до откривање на „молитвата на срцето“.

Таа се состои од повторување со вера: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме, мене грешниот! Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме, мене грешникот!“, повтори Папата и ги охрабри присутните да ја повторат оваа кратка молитва со него: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме, мене грешникот!“ Едноставна, но многу убава молитва. Молитва што малку по малку се прилагодува на ритамот на дишењето и се шири во целиот ден – забележа Папата.

Всушност, дишењето никогаш не престанува, дури и додека спиеме; а молитвата е здив на животот – забележа и го спомна Евагриј Понтикус, монах од IV. век, кој велел: „Не ни е заповедано непрестајно да работиме, да бдееме и постиме – не, тоа не се бара – додека постојаната молитва за нас е закон“. Значи станува збор за ревен христијански живот, кој никогаш не смее да недостасува; скоро како светиот оган што се чувал во античките храмови, кој горел без прекин – истакна Папата и додаде: Така, светиот оган треба да биде и во нас, така што тој постојано би горел и ништо да не може да го изгасне.

И зборовите на Свети Иван Златоуст – уште еден грижлив пастир за конкретен живот, епископ и црковен учител кој живеел во IV и на почетокот на V век – се корисни за упорноста во молитвата: ‘И на пазар или за време на осамена прошетка е можно да се молиме често и усрдно. Можно е и во вашата продавница, и кога купувате и додека продавате, па дури и додека готвите’. Молитвата е – истакна Папата – вид на музичка линија на која ја сместуваме мелодијата на нашите животи.

Папата е свесен дека овие принципи не се лесни да се применат во пракса. На пример, таткото и мајката, преокупирани со илјада работи, истакна тој, може да почувствуваат носталгија за период од животот во кој им било полесно да најдат редовно време и простор за молитва. Потоа, децата, работата, семејните животни обврски, родителите кои стареат … Изгледа дека никогаш не можете да ставите крај на сè. Тогаш е добро да се мисли дека Бог, нашиот Отец, кој треба да се грижи за целиот универзум, секогаш мисли на секој од нас. Значи, и ние секогаш мора да се сеќаваме на Него!

Имено, важна е и работата, која отсекогаш била голема чест во христијанското монаштво, и не само поради моралната должност да се грижиме за себе и за другите, туку и заради еден вид внатрешна рамнотежа. Опасно е за човекот да негува таков апстрактен интерес така што тој ќе изгуби контакт со реалноста – забележа Папата и додаде: Освен тоа, во човечко битие сè е „бинарно“: нашето тело е симетрично, имаме две раце, две очи. Така работата и молитвата се надополнуваат. Молитвата – која е „здив“ на сè – е животна позадина на работата, исто така и во моментите кога не е јасно изразена. Нехумано е да бидеме толку преокупирани со работа што повеќе не наоѓаме време да молиме. Во исто време, не е здрава молитвата која е туѓа на животот. Молитвата што нè оддалечува од конкретното живеењето станува спиритизам или уште полошо, ритуализам.

Имено, откако Исус им ја покажа славата на своите ученици на планината Тавор, не сакаше да го продолжи тој момент на занес, туку продолжи со своето секојдневно одење, затоа што тоа искуство мораше да остане во срцата како светлина и сила на нивната вера – објасни Папата и истакна дека времето поминато со Бога ја оживува верата, која пак ни помага во конкретниот живот, а верата, пак, постојано ја зајакнува молитвата. Затоа, токму во овој циклус меѓу верата, животот и молитвата се чува огнот на христијанската љубов, која Бог ја очекува од нас – рече папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот