Во недела, 24 септември, Светиот Отец од прозорецот на својата работна соба во Апостолската палата, ја молеше молитвата Ангел Господов со верниците и ходочасниците собрани на плоштадот Свети Петар.
Обраќајќи им се на верниците собрани на плоштадот Свети Петар на неделната молитва Ангел Господов, на 24 септември, папата Фрањо ја фокусираше својата порака на безграничната Божја љубов, црпејќи инспирација од параболата за работниците во лозјето.
Параболата раскажува за сопственик на лозје кој ангажирал работници во текот на денот, од рано наутро до доцна навечер, но на сите им плаќал иста плата, дури и на оние кои работеле само еден час.
Можеби изгледа како неправда, призна Папата, но оваа парабола не треба да ја гледаме низ призмата на платата, туку таа сака да ни ги претстави критериумите на Бог кој не ги брои нашите заслуги, туку нè сака како деца.
Светиот Отец истакна две Божји дела кои произлегуваат од параболата. Прво: Бог излегува да нè повика во секое време; второ: на сите ни дава иста „плата“.
Божји постојан повик
Прво Оној кој излегува да нè повика во секое време, нагласи Папата. Параболата вели дека господарот излегува рано наутро за да ангажира работници за своето лозје, но потоа продолжува да излегува во различни периоди од денот до зајдисонце за да бара работници меѓу оние кои сè уште никој не ги вработил. Папата го спореди со Божјото неуморно настојување за човештвото. Бог не чека нашите напори да стигнат до нас; не ги испитува нашите заслуги пред да нѐ побара, рече римскиот епископ.
Тој не се предава ако се двоумиме да му одговориме. Напротив, Тој самиот презеде иницијатива и во Исуса излезе кон нас, за да ни ја покаже Својата љубов. И нè бара во сите часови од денот, кои претставуваат различни фази и периоди од нашиот живот до длабоката старост.
Истакнувајќи ја безграничната Божја љубов и Неговата непоколеблива посветеност на човештвото, папата Фрањо рече: За неговото срце никогаш не е доцна, Тој секогаш нè бара и нè чека.
Божји правичен надомест
Папата Фрањо го истакна второто делување на параболата: Божјата правда, која го надминува човечкото разбирање. Работниците од последниот час се платени исто како и оние од првиот бидејќи во реалноста, Божјата правда е повисока, објасни Папата. Човечката правда ни кажува на секого да му го дадеме она што го заслужува, според неговите заслуги, додека Божјата правда не ја мери љубовта врз основа на нашите возвраќања, напори или грешки: Бог едноставно нè сака, просто нè сака затоа што сме деца, и тоа го прави со безусловна и слободна љубов, рече Папата.
Ослободете се од стегите на калкулативната правда
Среде овие размислувања, папата Фрањо упати длабок предизвик до верниците. Тој предупреди дека понекогаш ни се заканува опасноста да имаме „трговски“ однос со Бога, фокусирајќи се повеќе на нашата умешност отколку на дарежливоста на Неговоите благодати. Понекогаш дури и како Црква, наместо да излегуваме во сите часови од денот и да ги подаваме рацете кон сите, можеме да се доживуваме себеси подобри од другите, а другите како оние кои се далеку од Бога, не мислејќи дека Бог ги сака со истата љубов како што Тој нè сака нас. Понатаму, тој ги охрабри поединците да се ослободат од ограничувањата на калкулативната правда во односите и да практикуваат великодушност, разбирање и простување, токму како што нè учи Исус.
Својата катехеза Светиот Отец ја заврши со молитва барајќи застапништво на Пресвета Богородица. Нека Богородица ни помогне да се свртиме кон Божјата мерка – а тоа е љубов без мерка.
Ватикан њуз/к.мк