Потребна е етика пријателски настроена кон човекот

Потребна е етика пријателски настроена кон човекот

На 20 октомври 2017 година, папата Фрањо во Ватикан се сретна со учесниците на работилницата во организација на Папската академија за општетсвени науки во соработка со Организацијата на католички универзитети во Латинска Америка (ODUCAL).

Работилницата започна на 19 октомври, а ќе заврши на 21 октомври 2017 година, а учесниците ќе расправаат на темата „Менувањето на односите помеѓу пазарот, државата и цивилното општество.“ Папата во својот говор ги повика на етика која е пријателски настроена кон човекот и околината, и во која темелните вредности не се жртвуваат врз олтарот на ефикасноста.

Светиот Отец размислуваше за две специфични причини кои поттикнуваат исклучување и егзестенцијални периферии. Првата е систематското зголемување на нееднаквоста и искористувањето на планетата и објасни дека нееднаквоста и искористувањето не се судбина, ниту историска константа. Не се судбина, бидејќи не зависат само од однесувањето на поединците, туку и од економските правила кои општеството ги усвојува – рече Папата и додаде: Ако крајната цел е профитот, тогаш демократијата се стреми кон тоа да стане плутократија во која расте нееднаквоста како и искористувањето на планетата.

Втората причина, исклучувањето е работа која не е достојна за човекот. Освен што целокупниот производствен процес би требало да му овозможи на работникот праведна плата, исто така треба да биде прилагоден на потребите на луѓето и на нивниот начин на живот, истовремено почитувајќи го создаденото, нашиот заеднички дом. Тоа бара ослободување од притисокот на јавните и приватните лобисти кои ги бранат секторските интереси, а исто така треба да се надминат облиците на духовна мрзеливост. Потребна е политика која навистина ќе биде во служба на човекот, општото добро и почитувањето на природата – објасни папата Фрањо.

Папата рече дека пазарот не може да биде само ефикасен во создавањето на богатства и гарантирање на одржливиот развој, туку мора исто така да биде во служба на целокупниот човечки развој. Не можеме врз олтарот на ефикасноста, тоа „златно теле“ на нашето време – продолжи Светиот Отец – да ги жртвуваме темелните вредности како што се демократијата, правдата, слободата, семејството, создаденото. Во суштина, треба да целиме на „цивилизирање на пазарот“ и тоа со перспектива на етика која е пријателски настроена кон човекот и неговата животна средина.

Државата не може да се замисли како единствен и ексклузивен носител на општото добро, не дозволувајќи притоа телата на цивилното општество слободно да го изразат својот полн потенцијал – предупреди папата Фрањо. Тоа би претставувало кршење на принципот за супсидијарност, кој во комбинација со солидарноста преставува камен темелник на социјалната наука на Црквата. Овде е предизвикот како да се усогласат поединечните права со општото добро – заврши Папата.

На крајот додаваме дека Папската академија за општествени науки во 1994 година ја основа свети Иван Павле II, а нејзината цел е да промовира истражување и напредок на општествените науки, пред сè економијата, социјологијата, правото и политичките науки, за на Црквата да им понуди елементи кои ќе ги користи во проучувањето и развојот на својата социјална наука. Исто така академијата има задача да размислува за примената на спомнатата наука во современото општество.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот