Порака на папата Фрањо за Светскиот ден на мисиите 2014 година

 Драги браќа и сестри

Денес постојат многу голем број луѓе кои сè уште не го познаваат Исус Христос. Поради тоа мисијата ад гентес и понатаму е итна. Сите членови на Црквата се повикани на таа мисија, бидејќи Црквата е мисионерска по својот карактер, таа е родена за да „излегува“. Светскиот ден на мисиите е привилигиран момент во кој верниците од различни континенти со молитви и конкретни дела на солидарност помагаат на младите Цркви во мисиските земји. На овој ден милоста и радоста се во центарот на славењето. Славење на милост, бидејќи Светиот Дух, пратен од Отецот, дава мудрост и сила на оние кои се препуштаат на неговото делување. Славењето е радост, бидејќи Исус Христос, Син на Отецот е пратен за да му ја навести на светот Радосната вест, да го потпомогне и да ја придружува нашата мисионерска работа. Токму таа радост на Исус и учениците, кои беа пратени во мисија, ме поттикна да го ставам пред очи библискиот настан кој го среќаваме во Евангелието според Лука (сп. 10,21-23).

1. Евангелистот ни пишува како Господ праќа седумдесет и двајца ученици, два по два, во градови и села за да навестат дека Царството Божјо е близу и да ги подготват луѓето за средба со Исус. Откако ја извршија таа мисија за навестување, учениците се вратија исполнети со радост: радоста е доминантна тема на тоа прво и незаборавно мисионерско искуство. Меѓутоа, божествениот Учител им вели: „Не радувајте се на тоа, што духовите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се напишани на небесата.Во тој час се зарадува Исус во Духот и рече: „Те прославувам, Оче“ (…).И откако се сврте кон учениците, насамо им рече: „Блажени се очите, кои го гледаат ова што го гледате вие!“ (Лука 10,20-21.23).

Лука ни претставува три сцени. Исус најпрво им зборува на своите ученици, потоа се обраќа на Отецот, а потоа повторно на своите ученици. Исус сака да ја подели својата радост со учениците, која била поинаква и поголема од онаа која самите ја искусија.

2. Учениците беа полни со радост, восхитени бидејќи им беше дадена власт да ослободуваат луѓе од демони. Но, Исус ги предупредува да не се радуваат толку поради власта што ја добија, колку поради љубовта што ја примија, бидејќи „вашите имиња се напишани на небесата“ (Лука 10,20). Имено на учениците им е дарувано искуството на Божјата љубов, но и можност таа љубов да ја споделат со други. А тоа искуство на учениците е причина за благодарност и радост во срцето Исусово. Лука ја забележува таа веселба низ призма на тринитарното заедништво: „се возрадува Исус во Светиот Дух“, обраќајќи се кон Отецот оддавајќи му слава. Во тој момент на интимна радост извира Исусовата длабока љубов како Син кон својот Отец, Господи на небото и на земјата, зашто си го сокрил ова од мудрите и умните, а си им го открил на малечките (сп. Лк 10,21). Бог сокрива и открива и во таа благодарна молитва пред сè се истакнува откривањето. Што е тоа што Бог го сокри и откри? Одговорот гласи: таинството на своето Царство, воспоставувањето на Божјото владеење во Исус и победата над Сатаната.

Сето тоа Бог го сокри од оние кои се преполни со себе и тврдат дека знаат сè. Тие се заслепени со својата презафатеност и не оставаат место за Бог. Тука веднаш помислуваме на некои од Исусовите современици, кои повеќе пати ги опомена, но станува збор за постојана опасност која се однесува и за нас. Напротив „малечки “ се оние понизните, едноставните, сиромашните, маргинализираните, оние чиј глас не се слуша, уморни оптоварени, кои Исус ги прогласи „блажени“. Тука веднаш се потсетуваме на Марија, Јосиф, рибарите од Галилеја и учениците кои Исус ги повика на својот пат додека проповедаше.

3.„Да, Оче, така ти се допадна!“ (Лк. 10,21). Тие Исусови зборови треба да се набљудуваат поврзани со неговиот восклик во духот каде што изразот „допадна“ се однесува на спасоносниот и благотворен план за спасение на човештвото. Таа Божја милостивост е причина за Исусовата радост, бидејќи Отецот одлучи да ги љуби луѓето со истата онаа љубов која ја има кон Синот. Понатаму Лука потсетува на сличниот восклик на Марија: „Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој (Лука 1,46-47). Тоа е Радосната вест која води кон спасение. Марија, носејќи го во својата утроба Исус, Благовесникот во вистинска смисла на зборот, ја среќава Елисавета и воскликнува од радост исполнета со Светиот Дух, пеејќи го своето Велича. Исус, гледајќи го добриот успех од посланието на своите ученици и нивната радост, воскликнува во Светиот Дух и се обраќа во молитва до Отецот. Во двата случаја, станува збор за радост поради спасението на дело, бидејќи љубовта со која Отецот љуби се протега сè до нас и по Светиот Дух нè исполнува и нè прави соучесници на животот на Пресветата Троица.

Отецот е извор на радоста. Синот ја објавува, а Светиот Дух ја дава. Веднаш откако ја искажа својата благодарност кон Отецот, како што ни зборува евангелистот Матеј, Исус нè повикува: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокојство за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно” (11, 28-30). „Радоста на евангелието го исполнува срцето и целиот живот на секој оној кој ќе се сретне со Исус. Оние кои ќе ја прифатат неговата понуда за спасение се ослободени од грев, жалост, духовна празнина и осаменост. Со Исус Христос радоста секогаш се раѓа одново“ (Апостолско писмо Evangelii gaudium, 1).

Дева Марија имала посебно искуството од таа средба со Исус и на тој начин стана “causa nostrae laetitiae” (причина за нашата радост). Учениците пак добија повик да бидат со Исус и тој да ги праќа да го навестуваат Евангелието (сп. Марко 3,14) и така се исполнуваат со радост. Зошто да не дозволиме и нас да нè опфати оваа река на радост?

4. „Голема опасност во денешниот свет, со својата многубројна и огромна понуда на потрошувачката, е тагата на индивидуалец која произлегува од удобено и скржаво срце, од болното копнеење за површни задоволства, од изолираната свест “ (Апостолско писмо Evangelii gaudium, 2). Поради тоа човештвото има голема потреба да го прифати спасението кое го донесе Христос. Учениците се оние кои дозволуваат Исусовата љубов посилно да ги опфати и да бидат продрени со големата љубов за Царството Божјо, за да би биле носители на радоста на Евангелието. Сите Господови ученици се повикани да негуваат радост кон евангелизацијата. Епископите, како оние кои се во прв ред одговорни за тоа навестување, имаат задача да го поттикнуваат единството во месната Црква во нејзината преданост кон мисионерската работа. При тоа мора да бидат свесни дека радоста да се навестува Исус Христос се изразува во грижата да се навестува во најоддалечените места, како и во постојано излегување кон периферијата на својата територија, каде голем број сиромашни ја чекаат таа порака.

Во многу краеви се чувствува недостаток од повици за свештеници и посветен живот. Често пати причина за тоа е непостоењето на заразен апостолски жар во заедниците во кои недостасува занес и не успева кон себе да привлече луѓе. Радост кон евангелието се раѓа од средбата со Христос и делење со сиромашните. Поради тоа ги поттикнувам парохиските заедници, здруженијата и групите да живеат интензивен братски живот, втемелен на љубовта кон Исус и внимателна на потребите на оние кои се во најнеповолна положба. Таму каде има радост, жар и желба да се донесе Христос на другите, се раѓаат вистински звања. Меѓу тие звања не смееме да ги заборавиме лаичките мисиски звања. Имено, дојде до зголемување на свеста за идентитетот и посланието на верниците лаици во Црквата, како и свеста дека тие се повикани врз себе да ја преземат важната улога во ширењето на Евангелието. Поради тоа треба да им се овозможи соодветна подготовка за делотворно апостолско делување.

5. „Бог го љуби оној што од срце дава“ (2 Кор 9,7). Светскиот мисиски ден воедно е можност повторно да ја заживее онаа желба и морална обврска за радосно учество во мисијата ад гентес. Личниот паричен прилог е знак на лично принесување, најпрво на Господ, а потоа и на браќата; на тој начин материјалниот прилог на поединецот станува средство за евангелизација на човештвото кое се темели на љубовта.

Драги браќа и сестри, на овој Светски ден на мисиите во мислите сум со сите месни Цркви. Да не дозволиме да ни се украде радоста за евангелизација! Ве повикувам да навлезете во радоста на Евангелието и да ја зајакнувате љубовта која може да го просветли вашиот повик и послание. Го повикувам секого од вас да се спомне, како на некое духовно поклонение од „првата љубов“, со која Господ Исус Христос го затопли срцето на секого од вас, не поради некое чувство на носталгија, туку за да издржите во радоста. Господовите ученици издржуваат во радоста кога се во неговата присутност, кога ја вршат неговата волја и кога со другите ја споделуваат својата вера, надеж и евангелска љубов.

Да ги упатиме своите молитви кон Марија, пример за понизна и радосна евангелизација, за да Црквата стане дом за сите, мајка за сите народи и овозможи раѓање на еден нов свет.

Од Ватикан, 8 јуни 2014, на празникот Духови

Папа Фрањо

Категорија: Ватикан

За авторот