Папата: Христијанинот е светлина во темнината на насилството и војната

Папата: Христијанинот е светлина во темнината на насилството и војната

Светилник во темнината на свет обележан со конфликти, повикан да свети таму каде што сè изгледа изгубено. Според папата Фрањо, ова е суштината за делување вдаховено од Евангелието, во кое живее Братството од Ромена во италијанската провинција Тоскана, чии членови Папата во четврток 23 ноември 2023 година ги прими во аудиенција. Големата група од околу 500 учесници ги охрабри да го остварат сонот за свет на братство и солидарност

На денешниот свет, обележан со насилство и конфликти, му треба братство, мир и општествено пријателство – рече папата Фрањо, примајќи во аудиенција во Ватикан околу 500 членови на Братството од Ромена, од провинцијата Арецо, Италија и групата Наин. Прифаќање, грижа и братство се три искуства кои овозможуваат светлината на Евангелието да проникне и да ја осветли темнината на животот – истакна Папата. Ова е искуството на оние кои, уморни и депресивни, доаѓаат до убавината на природата и привлечноста на тишината, да поминат неколку дена во старата романиска црква каде што е седиштето на Братството од Ромена, место на убавина, едноставност и слушање.

Бесплатна љубов

Во духот на евангелието во Ромена секој може да се чувствува како дома – истакна Светиот Отец и забележа: Божјата бесплатна љубов не ни наметнува услови и не ни става товар на грбот, туку едноставно не прифаќа и слободно нè љуби.

Никогаш не го губете тој дух, напротив, работете секогаш да се негува тој стил на отвореност и прифаќање, за да можете да продолжите да бидете оаза на слободата, која ја покажува бесконечната и слободна Божја љубов кон секое создание.

Да знаеме да плачеме заедно

Исусовото сочувство, внатрешното учество што го поттикнува да плаче со оние што плачат и да ги лекува раните, ги вдахновува услугите што ги дава групата Наин, која ги прифаќа и ги придружува на патот родителите кои ја доживеале драмата на губење дете. Тоа е неизмерна, неутешна болка која никогаш не треба да се банализира со празни зборови и површни одговори – нагласи Римскиот епископ. Да знаеме да плачеме заедно е специфичниот повик за Ромена – додаде тој и објасни: Црквата, имено е изградена во време на глад и криза, за да биде мала светлина во темнината на тој историски момент.

Ромена нè потсетува на следново: да се биде христијанин значи да се грижиш за ранетите и кои се во тага, да запалиш мали светилки каде што изгледа дека е сѐ загубено.

Сон за братски свет

Во центар на начинот на живот во Ромена е братството, простор во кој се негува убавината на заедничкиот живот и во лицето на секој човек се открива брат кој треба да се сака.

Исто така, би сакал да ви кажам дека ова е пророштвото на Ромена: да се оствари сонот за свет на братство и солидарност; да бидат сејачи на мир и општествено пријателство. На денешниот свет, сè уште обележан со насилство и конфликти, ова му е многу потребно.

Озборувањето е заразна болест

Меѓутоа, на општественото пријателство му се заканува заразна болест: озборувањето – предупреди папата Фрањо.

Знам, познавам еден многу добар лек за озборување, кој дава добри резултати, ако сакате ќе ви го кажам: гризнете го јазикот. Кога човек ќе почувствува нагон за озборување, нека се гризне за јазикот, му отекува и тогаш не може да …

Да практикуваме гостопримство

Покрај тоа, папата Фрањо ги охрабри членовите на братството да продолжат да практикуваат братско гостопримство, да обезбедат место каде што луѓето ќе можат да ги наслонат главите и каде секој ќе може да се чувствува сакан од Бога и дел од општото братство, она што Отецот сака да го исполни во Исус и на што Исус нè поттикнува да градиме заедно со него и со Светиот Дух.

Братството од Ромена – како што е наведено на нивната веб-страница – прима поединци или парови кои сакаат да живеат заедно неколку дена во работа, молитва и моменти на тишина, во едноставност и креативност.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот