Папата до француските епископи: Црквата има пророчки авторитет во јавниот простор

Папата до француските епископи: Црквата има пророчки авторитет во јавниот простор

На средбата со француските епископи во Лурд, папата Лав XIV го истакна правото и должноста на Црквата да го изнесува својот глас во општеството и ги охрабри епископите да го поддржуваат духовниот живот на семејствата, свештениците и младите.

Папата Лав XIV во недел, 27 септември 2026 година, се сретна со епископите на Франција во Лурд, недалеку од местото каде што Пресвета Богородица ѝ се јавила на света Бернадета Субиру во 1858 година.

Заблагодарувајќи им се што својата служба ја ставиле под заштита на Дева Марија, Светиот Отец рече дека „нема подобар пат до Исус од оној преку Марија“.

Потсетувајќи на длабоката историска побожност на францускиот народ кон Богородица, папата Лав XIV истакна дека во Франција и понатаму постои жива вера, која епископите се повикани да ја негуваат и продлабочуваат.

Тој ги охрабри да покажуваат храброст и мисионерска креативност, и покрај предизвиците на денешното време и човечките слабости.

„Секогаш имајте храброст со љубов кон вистината да ги признаете неуспесите и со милосрдието на Добриот Пастир решително да ги преврзувате раните“, рече Папата.

Гласот на Црквата е потребен во општеството

Папата истакна дека Црквата дала голем придонес во изградбата на француското општество и дека нејзиниот глас има „целосно право да биде чуен во јавниот простор“.

„По својата природа, Црквата поседува пророчки авторитет“, рече тој. „Дури и кога нејзиниот глас не е секогаш разбран, тој и понатаму е потребен.“

Француската црква, продолжи Светиот Отец, живее во посебен облик на секуларност, laïcité, кој има зад себе турбулентна историја, но со текот на времето достигнал посмирена и тешко стекната рамнотежа.

Сепак, предупреди Папата, таа рамнотежа „постепено повторно се доведува во прашање“.

„Ве повикувам да останете будни во одбраната на слободата и правото на Црквата да евангелизира, да воспитува за вистинската слобода и јавно да ја слави верата, за милосрдието да може видливо да се остварува во името на Исус Христос“, рече тој.

Да се обнови наследството на верата

Папата Лав XIV се надоврза и на повикот на папата Фрањо до француските католици повторно да го откријат и присвојат сопственото наследство на верата.

Тоа наследство, рече тој, се изразува во свеста за неотуѓивата вредност на секоја човечка личност, но и во богатството на уметноста и културата што произлегле од христијанската вера.

Во време кога Франција и светот се соочуваат со поларизација, слабеење на братството и пораст на насилството, Црквата е повикана да остане пророчки знак на обнова, за општеството повторно да може да ја чуе надежта на Евангелието.

Папата ги охрабри епископите на младите да им го покажуваат „сигурниот пат“ на Евангелието со јасност во верата и учењето и заедно со нив да го бараат сето она што е „убаво, вистинито и добро“.

„За да се обнови надежта и да ѝ се даде нов поттик на мисијата на Црквата во Франција, што искрено го посакувам, постои само еден ‘патоказ’, кој секогаш останува ист: Исус Христос да биде познат и сакан, автентично, со жар и секогаш одново“, рече Светиот Отец.

Католичко образование и заштита на малолетниците

Папата потоа посочи на неколку големи предизвици со кои се соочува Црквата во Франција.

Меѓу нив го спомена и католичкото образование, кое, според него, треба да биде отворено за сите, но истовремено на секој човек да му понуди можност за вистинска средба со Христос.

Светиот Отец им се заблагодари на француските епископи и за „храбрите мерки“ што ги презеле во справувањето со „болното зло на сексуалната злоупотреба на малолетници од страна на членови на свештенството или во црковна средина“.

„Мора да продолжите по патот што веќе сте го започнале, со најголема можна будност“, рече Папата. „Истовремено, вашите свештеници треба да бидат поддржани и охрабрени.“

Свештениците да бидат сакани и поддржани

Папата Лав XIV нагласи дека свештениците треба да бидат „посакувани, прифатени и сакани“ и дека верниците треба подлабоко да го разбираат нивниот идентитет како луѓе кои преку својата служба се сообразуваат со Христос.

Светиот Отец се осврна и на намалувањето на духовните звања, особено кон контемплативниот живот, изразувајќи жал поради затворањето на „древни и прочуени монашки заедници“ кои оставиле длабока трага во историјата на Франција.

Поради тоа, тој ги охрабри епископите целосно да ги поддржуваат католичките семејства, за тие да можат автентично да ја живеат верата во Христос и да создаваат средина во која младите ќе можат слободно да го препознаат Божјиот повик.

„За човек да го посвети својот живот да го следат Исус по еден толку тежок пат, покрај дејството на благодатта, потребни се особена великодушност, длабоко вкоренета вера, постојан внатрешен живот и посебна близина со Него“, рече Папата.

Единство наместо идеолошки поделби

На крајот, папата Лав XIV ги повика епископите на Франција да останат обединети во љубовта и да не дозволат идеолошките поделби да го ослабнат нивното сведоштво.

„Ова единство не е безлична униформност, туку овозможува секоја чувствителност што е автентично католичка природно да се вклучи во заедничкото исповедање на верата, преку послушност кон законските пастири и особено кон Петровиот наследник“, рече тој.

Таквото единство, додаде Папата, се збогатува преку меѓусебен дијалог, останува вкоренето во верата и се изразува во синодалниот стил што Црквата настојува сè подлабоко да го живее.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот