Папата: Моето повлекување е подготвено во случај на сериозен здравствен проблем

Папата: Моето повлекување е подготвено во случај на сериозен здравствен проблем

Во интервју за шпанскиот весник ABC, папата Фрањо откри дека на почетокот на неговиот понтификат му предал на тогашниот државен секретар Бертоне писмо во кое тој изјавил дека се повлекува од Престолот на Свети Петар во случај на сериозни и трајни здравствени проблеми. Павле VI го направил истото во минатото. Во разговорот Папата ја осудува војната во Украина: „Таа е глобална, не го гледам нејзиниот крај на краток рок“.

Пред речиси десет години, на почетокот на неговиот понтификат во 2013 година (додека кардинал Тарчисио Бертоне сè уште беше државен секретар), папата Фрањо му предал писмо за повлекување „во случај на медицинска попреченост“. Оваа одлука, која во минатото ја имаше и Павле VI, ја откри самиот папа Фрањо во опширното интервју дадено за шпанскиот весник ABC. Папата, во разговор со директорот на изданието Хулијан Кирос и дописникот на Ватикан, Хавиер Мартинез-Брокал, допира многу прашања за моменталната состојба на Црквата и светот. Меѓу нив се војната во Украина, за која вели дека не гледа „крај на краток рок бидејќи е светска војна“, потоа случаите на насилство, улогата на жените во Римската курија, повлекувањето на Бенедикт XVI во 2013 година.

Писмо за повлекување

Во врска со тоа, Папата го открива постоењето на ова писмо. „Веќе го потпишав моето повлекување. Тоа беше во времето кога Тарцисио Бертоне беше државен секретар. Го потпишав повлекувањето и му реков: „Во случај на медицински проблем или што и да е, еве го моето повлекување. Го имаш“. Не знам на кого Бертоне го има предадено, но јас му го дадов кога беше државен секретар“. „Дали сакате да се знае ова?“, прашаа двајцата новинари. „Затоа и ви кажувам“, одговари папата Фрањо, потсетувајќи дека и Павле VI оставил писмо за повлекување во случај на медицински проблем, а веројатно истото го има сторено и Пиј XII. „Ова е прв пат да го кажам ова“, додава Папата. „Сега можеби некој ќе оди и ќе го праша Бертоне: „Дај ми го тоа писмо“… (Се смее). Сигурно тоа му го пренел на новиот државен секретар. Му го дадов во својство на државен секретар“.

Војната во Украина – огромна суровост

Нормално, во разговорот не недостасува рефлексија за тековниот конфликт во Украина, за кој Папата постојано се изјаснува. Исто така, во интервјуто за ABC, тој директно изјави: „Она што се случува во Украина е ужасно. Постои огромна суровост. Ова е многу сериозна работа…“ За папата Фрањо „крајот на краток рок“ не се гледа: „Тоа е прашање – вели тој – за светска војна. Да не го заборавиме тоа. Веќе има повеќе раце вклучени во војната. Таа е глобална. Верувам дека војната се води кога некоја империја почнува да слабее и кога има оружје што треба да се искористи, да се продаде и да се тестира. Изгледа дека има многу интереси. Папата се потсетува дека повеќе од сто пати истапил против војната: „Јас правам што можам. Тие не слушаат“, одговора Папата и додава: „Она што се случува во Украина е ужасно. Има огромна суровост. Тоа е многу сериозно. И ова е она што постојано го осудувам“. Папата потврдува дека ги прифаќа и ги слуша сите: „Сега Владимир Зеленски по трет пат ми испрати еден од своите верски советници. Во контакт сум, прифаќам, помагам…“.

Ватиканската дипломатија: Нејзиното оружје е дијалогот

Работата на Папата е во синхронизација со она што се прави на дипломатско ниво од страна на Светиот Престол. Во врска со ова, новинарите прашаа зошто Ватикан е толку претпазлив кога зборува против тоталитарните режими како оној на Даниел Ортега во Никарагва или Николас Мадуро во Венецуела. „Светиот Престол секогаш се стреми да ги спасува луѓето. Неговото оружје е дијалогот и дипломатијата“, одговори папата Фрањо. „Светиот Престол никогаш не дејствува самоиницијативно. Го исфрлаат. Секогаш се обидува да ги спаси дипломатските односи и да го спаси она што може да се спаси со трпение и дијалог“.

Злоупотреба: „Дури и еден случај е доволно монструозен“

Од друга страна, има нула дипломатија од страна на Папата во стигматизирање на случаите на злоупотреба од страна на духовништвото: „Многу е болно, многу болно“, вели тој во врска со средбите со жртвите што го одбележаа неговиот понтификат. „Тоа се луѓе кои се уништени од оние кои требаше да им помогнат да созреат и растат. Многу е тешко. Дури и да е само еден случај, монструозно е тој што треба да те води до Бога да те уништи по патот. А за ова прашање преговори не се можни.

Улогата на жената

Во разговорот со ABC, фокусот се префрла на теми од повеќе „црковна“ природа, почнувајќи од можна водечка улога на жените во Римската курија. „Ќе има“, уверува папата Фрањо. „Имам една работа на ум за ресор што ќе биде испразнет за две години. Нема пречка жена да го води одделот каде што верник може да биде префект“. „Но, ако тоа е служба од светотаински карактер, тоа мора да го води свештеник или епископ“, објасни Папата.

Идна конклава

Потоа го ублажи аргументот дека работата на идната конклава може да биде отежната поради фактот што кардиналите што ги именувал, сите доаѓаат од различни и далечни места и не се познаваат добро. Точно е дека може да има проблеми „од човечка гледна точка“, но „Светиот Дух е тој што дејствува во конклавата“, истакна Папата. Тој потсети на предлогот на германскиот кардинал на средбите во август посветени на Praedicate Evangelium, според кој „само кардиналите што живеат во Рим треба да учествуваат во изборот на нов Папа“. „Дали ова е универзалноста на Црквата?“, праша Римскиот бискуп.

Бенедикт XVI: светец, голем човек

Потоа доаѓа темата за односот со неговиот претходник Бенедикт XVI, „светец“ и „човек со висок духовен живот“, откривајќи дека често го посетува и секогаш се чувствува „подобрено“ од неговиот далекувиден поглед. „Тој има добра смисла за хумор, бистар ум, многу е жив, зборува тивко, но го следи разговорот. Се восхитувам на неговата јасност. Тој е голем човек“. Во овој контекст, папата Фрањо вели дека нема намера да го одредува правниот статус на почесниот папа: „Имам чувство дека Светиот Дух нема интерес да се занимава со овие работи“.

Црквата во Германија

Во врска со Црквата во Германија која се бори со синодалниот процес, кој предизвика и предизвикува различни реакции, вклучително и негативни, папата Фрањо потсетува на „многу јасното“ писмо напишано во јуни 2019 година: „Сам го напишав. Ми требаше еден месец. Тоа беше писмо за да се каже: „Браќа, размислете за ова“.

Каталонското прашање

Инаку, во интервјуто, Папата објаснува дека има предвидено патување во Марсеј на Медитеранската средба, прецизирајќи дека сепак тоа не е патување во Франција и дека приоритет на неговите апостолски патувања е посетата на најмалите земји во Европа. Запрашан за прашањето за Каталонија, Папата потврди дека „секоја земја мора да најде свој историски пат за решавање на ваквите проблеми. Нема единствено решение“. Тој потоа го наведе случајот со Северна Македонија или Јужен Тирол во Италија со свој сопствен статус. Што се однесува до улогата што Црквата треба да ја задржи во ова прашање, тој нагласи: „Она што Црквата не може да го направи е да пропагира една или друга страна, но може да ги придружува луѓето за да најдат конечно решение“. Во истиот дух, Папата повторува дека: „Кога свештеникот се меша во политиката, не е добро… Свештеникот е пастир. Тој треба да им помогне на луѓето да донесат правилни одлуки. Да ги придружува, а не да биде политичар. Ако сака да се занимавате со политика, нека го напушти свештенството и нека стане политичар“.

Препрочитување на историјата со херменевтиката на времето

Запрашан за негативната реинтерпретација за Откривањето на Америка, папата Фрањо повика на интерпретација за историски настан со херменевтиката од тоа време, а не со сегашноста. „Очигледно луѓето беа убивани таму“, вели Папата, „очигледно имаше експлоатација, но и Индијанците се убиваа меѓусебно“. Атмосферата на војна не е извоз од Шпанците. А освојувањето е правено од сите. Разликувам меѓу колонизација и освојување. Не сакам да кажам дека Шпанија само „освојувала. Контроверзно е многу, но и колонизирала“.

Motu Proprio за Опус Деи

На крајот, новинарите го спомнаа Папскиот документ во форма на Motu Proprio „Ad Charisma tuendum“ од јули оваа година, а се однесува за Opus Dei. „Некои – коментираше папата Фрањо – рекоа: „Конечно, Папата го стави Опус Деи на место…! Ништо не ставив на место. А други, пак, велеа: „Ах, Папата се меша во работите!“. Ништо од тоа. Мерката е дефинирање што требаше да се реши. Не е во ред нештата да се преувеличуваат, ниту да се прават жртви или некој да е виновен. Ве молам. Јас сум голем пријател со Опус Деи, многу ги сакам луѓето од Опус Деи тие вршат добра работа во Црквата. Доброто што го прават е многу големо“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот