Папата се сретна со членови на заедницата Шалом

Папата се сретна со членови на заедницата Шалом

На 4 септември 2017 година во Ватикан папата Фрањо се сретна со млади и семејства кои припаѓаат на заедницата Шалом.

Светиот Отец на присутните им зборуваше без подготвен текст на својот мајчин шпански јазик, одговарајќи притоа на прашања на тројца млади членови на таа заедница, за тоа како е да се навести верата во свет кој често е одбележан со рамнодушност и безнадежност.

Католичката заедница Шалом е основана во раните 80 години од минатиот век во градот Форталеза, кој се наоѓа на североистокот на Бразил. Денес брои околу 3.800 членови во цел свет, а заедницата е фокусирана на контемплација, заедништво и евангелизација.

Одговарајќи на прашање на момчето Хуан од Чиле, Папата ја истакна важноста за „излегување од себе“ за да им се подели на другите радосната вест на Божјото милосрдие. Бог е секогаш со нас – нѐ чека, па и во најтешките моменти од нашиот живот, како што таткото на блудниот син истрчал за да го прегрне своето дете, и покрај сите грешни работи кои синот ги направил.

Потоа девојка од Франција му постави прашање за улогата на младите во животот и посланието на Црквата. Папата Фрањо во својот одговор зборуваше за радоста која е спротивставена на тагата која својот извор го има во тоа личноста секогаш да е фокусирана на самата себе. Нарцизмот е – продолжи Светиот Отец – болест која предизвикува тага, така што доведува до тоа секојдневно да се грижиме за тоа како да излеземе подобро отколку што навистина сме. Нарекувајќи ја „болест на огледалото“, Папата ги поттикна младите да го „скршат огледалото“ и да го фокусираат својот поглед на другите за да побегнат од денешната потрошувачка култура.

Папата Фрањо потоа одговараше на прашањето на младиот Бразилец кој многу години живеел како зависник од дрога пред да ја открие заедницата Шалом. Папата рече дека дрогата господари со човечките животи уништувајќи ги нашите корени и сето она што ни е важно и мило во животот. Ги поттикна младите да станат свесни за тие корени и со другите слободно да ги делат сите благослови кои тие самите ги примиле.

Конечно Светиот Отец ги поттикна присутните да учат од мудроста на постарите членови на заедницата, посебно од своите дедовци и баби. Учеството во тој меѓугенерациски дијалог – заклучи папата Фрањо – е еден од главните предизвици со кои денес се соочува нашето општество.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот