Светиот Отец на 12 ноември 2022 година во аудиенција ги прими учесниците на Генералното собрание на Светската унија на католички наставници при што истакна за важноста да се има добри и мудри воспитувачи во формациските години, ги предупреди на „идеолошката колонизација“ која ја уништува човечката личност
Идеолошките колонизации денес ја уништуваат човечката личност, а кога влегуваат во образованието предизвикуваат масакри, предупреди Папата говорејќи пред учесниците на Генералното собрание на Светската унија на католички учители (UCEN-WUCT). Потребно е да се поучат учителите да увидат што е иновација која овозможува раст, а што идеологизација, „идеолошка колонизација“, истакна Светиот Отец.
Светската унија на католички наставници е здружение составено од „мрежа на колеги во професијата и браќа и сестри по вера – рече папата Фрањо – кои во духот и стилот на пријателство, прифаќање, меѓусебно запознавање и заеднички духовен раст, се ставија во служба за да го зачуваат својот католички идентитет сите учители и да го продолжат нивното послание. На некој начин тие се како „соработниците на Папата“, бидејќи посланието на наследникот на Петар е да ги укрепи и поддржи своите браќа по вера (сп. Лука 22,32), истакна Светиот Отец.
Присуството на христијанските воспитувачи во училишниот свет е од витално значење, а стилот што тој или таа го прифаќа е одлучувачки. Навистина, христијанскиот воспитувач е повикан да биде целосен човек и целосен христијанин во исто време. Нема хуманизам без христијанство и нема христијанство без хуманизам, рече папата Фрањо. Затоа, христијанскиот воспитувач мора да биде вкоренет во сегашноста, во своето време, во неговата култура. Важно е неговата личност да е богата, отворена, способна да воспостави искрени односи со учениците, да ги разбере нивните најдлабоки потреби, нивните прашања, нивните стравови, нивните соништа.
Исто така, мора да биде способен да сведочи, пред сè со својот живот, но и со зборови – дека христијанската вера опфаќа сè што е човечко, дека носи светлина и вистина во секоја област на постоењето, не исклучувајќи ништо, не отсекувајќи ги крилјата на младешките соништа, не осиромашувајќи ги нивните стремежи.
Светската унија на католички наставници, потсети папата Фрањо, во својата понова историја доживеа тешки времиња, дури и моменти на сомнеж и обесхрабрување. Но, и во тие „бурни времиња“ не недостасуваше посветеност во духот на христијанската вера и надеж. Денеска унијата е повикана да ги поддржи наставниците од сите возрасти и во сите услови за работа: и оние со долгогодишно искуство – полни со задоволство, но и труд – и новата генерација, наставници мотивирани од ентузијазам и желба за работа, но со слабости и неизвесности кои често ги одбележуваат првите години од работата.
Сите овие учители – ако се гледаат од христијанска гледна точка – се способни да остават трага, во добро или во лошо, во животот на децата, адолесцентите и младите кои им се доверени долго време, истакна Папата. Одговорност и можност е да ги воведат, мудро и со почит, во патеките на светот и животот, придружувајќи го нивниот ум да се отвори кон вистината, убавото, доброто. Од лично искуство знаеме колку е важно да се има добри учители и мудри воспитувачи во годините на растење! – истакна папата Фрањо.
На крајот, Папата испрати покана до членовите на Светската унија на католички наставници, која, како што рече, му е „многу при срце“ и е поврзан со Глобалниот пакт за образование, иницијатива чија цел е да се обединат напорите во широк образовен сојуз за формирање зрели луѓе, способни да ја надминат фрагментацијата и противењето и да ја обноват структурата на односите за побратско човештво.
Верувам во вашата заложба да ги вклучите учителите на Светската унија на католички наставници во овој проект, чија цел е во центарот да ја стават личноста со нејзиното достоинство и убавина, а семејството како примарен образовен субјект, рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк