Во својот говор на 7. Конгрес на поглаварите на светските и традиционалните религии во Нур-Султан, папата Фрањо нагласува дека религиите треба да растат во пријателство за да одговорат на жедта за мир во светот и за бесконечното што се наоѓа во срцето на секој од нас.
Првиот голем настан од распоредот на Папата во Казахстан се одржа во среда 14 септември 2022 година наутро во главниот град Нур-Султан, кога тој им се обрати на учесниците на 7. Конгрес на поглаварите на светските и традиционалните религии.
Дводневниот состанок, кој се одржува на секои три години, ги собира верските водачи од целиот свет за да се фокусира овојпат на тоа како верските водачи можат да го поттикнат духовниот и социјалниот развој во постпандемискиот свет. Заедно со Папата, на тркалезната маса седнаа имами и патријарси, рабини и будистички монаси, муфтии и дипломати и претставници на меѓународни организации: околу стотина учесници, од 50 земји. Пред отворањето на Конгресот се молеа заедно, во тишина, секој на својот јазик и според своето верување.
Таинството на бесконечното
Обраќајќи им се на почетокот на собирот со зборовите: „Браќа и сестри“, Светиот Отец потсети на „тоа братство што нѐ обединува сите, како синови и ќерки на истото небо“. Тој истакна дека „пред таинството на бесконечното што нè надминува и нè привлекува, религиите нè потсетуваат дека ние сме суштества, не сме семоќни, туку мажи и жени кои патуваат кон истата небесна цел“.
Таа заедничка природа потоа природно создава „заедничка врска, автентично братство“, рече Папата, потсетувајќи како централноазиската нација Казахстан историски била земја на средби што вклучува идеи, вери и трговија, како што било на древниот пат на свилата.
Тој изрази надеж дека средбата на верите секогаш ќе се заснова на меѓучовечки односи кои се карактеризираат со „почит, искрен дијалог, почитување на неповредливото достоинство на секое човечко суштество и меѓусебна соработка“.
Автентична религиозност
За време на своето обраќање, Светиот Отец го цитираше најпознатиот казахстански поет и таткото на националната модерна литература, Абаи (1845 – 1904), чии дела ја одразуваат длабоката религиозна посветеност и „благородната душа на овој народ“.
Тој потсети како Абаи често поставуваше ултимативни прашања за животот и смислата за негување на духовноста, и цитирајќи го него, Папата рече дека тоа ја одржува „душата жива и умот чист“, и дека луѓето очекуваат верниците да бидат „примери за живи души и бистри умови“ и дека тие ја одразуваат автентичната религиозност.
Папата потсети дека фундаментализмот „ја осквернува и расипува секоја религија“ и дека мора да имаме „отворени и сочувствителни срца“.
„Стремежот за трансценденција и светата вредност на братството може да ги вдахнови и да ги осветли одлуките што треба да се донесат среде геополитичката, социјалната, економската, еколошката, но фундаментална духовна криза што многу современи институции, вклучително и демократии, во моментов ја доживуваат, на штета на безбедноста и хармонијата меѓу народите. Потребна ни е религијата за да одговори на жедта за мир во светот и на жедта за бесконечното што живее во срцето на секој маж и жена“.
Верска слобода
Папата Фрањо потоа ја истакна важноста на верската слобода како „суштински услов за вистински човечки и целосен развој“. Создаден слободен, секој човек има право јавно да сведочи за својата вера: да ја предложи без да ја наметнува. Тоа е добра пракса за навестување, различна од прозелитизмот и индоктринацијата, која секој е повикан да ја избегнува.
Ранливост и одговорност
Обраќајќи се на темата на Конгресот за тоа како да се понуди духовна и социјална поддршка во постпандемискиот свет, Папата се фокусираше на четири предизвици со кои сите се соочуваме и конкретно ги повика религиите да работат заедно кон поголемо единство за да се оставари целта. Првиот од предизвиците е пандемијата што ги стави сите „во ист брод“, истакна Папата, додавајќи дека ја разоткри нашата заедничка ранливост и потреба од помош.
Го пофали „силното чувство на солидарност“ што произлезе од пандемијата, но предупреди дека не смееме да го расипуваме. Тој рече дека религиите „се повикани да бидат присутни на првите линии, како промотори на единството среде сериозните предизвици кои се закануваат за уште поголема поделба на нашето човечко семејство“.
„На нас, кои веруваме во Божественото, останува да им помогнеме на нашите браќа и сестри во сегашно време да не ја заборават својата ранливост… Со еден збор, чувството на заедничка ранливост што се појави за време на пандемијата треба да нѐ мотивира да се движиме напред, не како порано, туку сега со поголема понизност и далекувидност“.
Папата потоа додаде дека верниците се повикани да се грижат за човештвото и да станат „создатели на заедницата, сведоци на соработка која ги надминува границите на нашата заедница, етничка, национална и верска припадност“. Тој посочи дека со тоа можеме да започнеме слушајќи ги сиромашните, со давање глас на кревките, со ширење на глобална солидарност која првенствено се однесува на оние кои најмногу настрадаа од пандемијата, „која ја извади на виделина неправедноста на планетарната нееднаквост“.
Предизвикот на мирот
Друг глобален предизвик што го истакна Папата е предизвикот на мирот. Иако верските водачи разговараат за тоа, особено во последните децении, неволјите од војните и конфликтите сè уште го мачат светот, истакна Светиот Отец. Ова бара „чекор напред“ од големите религии за активно обединување и посветеност на мирот, рече Папата, доколку сакаме луѓето од нашето време да бидат поттикнати да се вклучат во одговорен дијалог со и почит.
„Бог е мир и Тој секогаш води до мир, никогаш до војна. Затоа, мораме да се залагаме за унапредување и зајакнување на потребата за решавање на конфликтите не со неубедливи причини за сила, оружје и закани, туку со единственото средство благословено од небото и достојно за човекот: средба, дијалог и трпеливи преговори, кои особено напредуваат кога ги имаат на ум младите и идните генерации… Да вложиме, ве молам, во ова: не во повеќе оружје, туку во образование!“
Братско прифаќање
Третиот предизвик со кој се соочуваме е „братско прифаќање“, објасни Папата, истакнувајќи дека секој ден „децата, родени и неродени, мигрантите и постарите се отфрлаат… но секое човечко суштество е свето“.
Посебно задача на религиите е да го потсетуваат светот на ова, рече Папата, истакнувајќи го масовниот егзодус на денешните луѓе поради војна, сиромаштија и климатски промени. „Наша должност е да имаме на ум дека Создателот, кој бдее над секое негово создание, нè поттикнува да ги набљудуваме другите како што Тој тоа го прави и да видиме лице на брат или сестра во нив“, рече Светиот Отец.
„Повторно да ја откриеме уметноста на гостопримството, гостољубивост, сочувството. И да учиме да се срамиме: да, да го чувствуваме тој здрав срам што доаѓа од сожалување за човек кој страда, од тоа што сме трогнат и восхитени од неговата состојба, од неговата судбина со која сочувствуваме. Тоа е патот на сочувството, кој нѐ прави почовечки и повеќе верници“.
Грижа за заедничкиот дом
Последниот глобален предизвик што го спомена Папата во својот говор е зачувување на заедничкиот дом, заштита на природната средина од штетите што ги предизвикуваме преку загадување, експлоатација и уништување. Тој забележа како „односот на експлоатација“ го уништува нашиот заеднички дом и води до „затемнување на религиозната визија за светот што ја има замислено Создателот“.
Заедно да се оди напред
На крајот, папата Фрањо ги охрабри сите „заедно да чекорат напред, за да биде патот на религиите уште повеќе во знак на пријателство“. Не бараме лажни помирувачки синкретизми, туку ги чуваме нашите идентитети отворени за храброста на другоста, за братска средба. Само така, во мрачните времиња во кои живееме, ќе можеме да зрачиме со светлината на нашиот Создател, рече Папата, додавајќи на крајот, покрај подготвениот говор, да му се заблагодари на Казахстан за напорите што ги прави околу обединувањето, поттикнувањето на дијалог и склопување пријателства. „Тоа е примерот што Казахстан ни го дава на сите нас, и ние мора да го следиме, да го поддржуваме“, рече папата Фрањо.