Папата Фрањо во понеделник 30 мај 2022 година се сретна со делегација на еврејската организација B’nai B’rith International, основана во 1843 година во Њујорк за поддршка на сиромашните и борба против антисемитизмот и упати силен повик да го паметиме минатото за да се спречи ескалација на злото
За да се спречи ескалација на злото, важно е да се потсетиме на минатото, да се сеќаваме на војните, холокаустот и многу други злодела – рече папата Фрањо во говорот пред делегацијата на еврејската организација B’nai B’rith International, кои ги прими во аудиенција. Осврнувајќи се на конфликтите што го растргнуваат светот, на опасните екстремизми кои ја загрозуваат безбедноста на сите, тој повтори дека насилството секогаш е поврзано со лаги и рамнодушност.
„Каде е твојот брат?”
Светиот Отец се осврна на заедничкото јудео-христијанско сеќавање и на прашањето што Бог му го упати на Каин, кој е одговорен за убиството на неговиот брат Авел: „Каде е твојот брат?“ Да дозволиме ова прашање да нѐ предизвика и нас – рече Папата – затоа што не можеме да се најдеме себе си, ако не го бараме братот, не можеме да го најдеме Вечниот ако не го прегрнеме ближниот. Не можеме божествениот сон, во кој е светот на браќата, да го замениме со светот на осамените, насилниците и рамнодушните. Пред насилството, пред рамнодушноста, Светото Писмо нè навраќа во лицето на нашиот брат. (…) Овде се мери верноста за она што сме, за нашата човечност: се мери со братство, со лицето на другиот.
„Најконкретен начин да се промовира поголемо братство е да им се помогне на последните, сиромашните, болните. Имено, луѓето кои имаат потреба имаат право на помош, солидарност и надеж. Помагањето на сиромашните, за Евреите и христијаните, значи и извршување на волјата на Севишниот“.
Сиромаштвото поттикнува омраза
Размислувајќи за бројните конфликти и опасните екстремизми кои ги загрозуваат животите на сите луѓе – додаде Папата – најголем ризик фактор е материјалната, образовната, духовната сиромаштија, која станува плодна почва за поттикнување омраза, гнев, фрустрација и радикализам. Живееме во време кога мирот е загрозен во многу делови од светот; партикуларистички и националистички перспективи, поддржани од себични интереси и алчност за профит, како сè повеќе да сакаат да преовладуваат. Но, тоа го зголемува ризикот на крајот да се изгуби и да биде погазено самото човечкото достоинство.
Сеќавање против лагите на насилството
Папата затоа поттикна да се потсетиме на минатото, војните, холокаустот, како и бројни други злосторства за да се спречи ескалација. Во секоја религиозна традиција или човечко општество, истакна Светиот Отец, постои скриена опасност од злоба и несогласување, дури и во име на апсолутните и светите принципи. Тоа е лажно искушение на насилство, тоа е злобно влечење пред вратата на срцето (сп. 1. Мојсеј 4,7). Тоа е измама според која споровите се решаваат со насилство и војна. Меѓутоа, насилството секогаш поттикнува друго насилство, оружјето предизвикува смрт, а војната никогаш не е решение, туку проблем.
Еврејско-католички дијалог
Затоа мораме да работиме заедно за да ги заштитиме најслабите и заборавените, да го заштитиме човечкото достоинство и да бараме мир, правда и заштита на целото создание. Ова е апелот на Папата до делегацијата на B’nai B’rith International, која има долга историја на контакти со Светиот Престол, рече папата Фрањо, уште од времето на објавувањето на Соборната декларација ‘Nostra aetate’. Освен тоа Папата, исто така, рече дека е среќен што може, по две години пандемија, повторно да прими еврејска делегација во Ватикан. Тој се присети на своите еврејски школски другари и истакна дека унапредувањето и продлабочувањето на еврејско-католичкиот дијалог отсекогаш му било блиску до срцето.
Ватикан њуз/к.мк