Размислувајќи за свети Јосиф како заштитник на среќната смрт, папата Фрањо во својата катехеза на Генералната аудиенција в среда 9 февруари 2022 година ги повика христијаните да се соочат со смртта со вера во воскресението, нагласувајќи дека христијанската вера не е начин да се истера стравот од смртта, туку ни помага да се соочиме со тоа.
Во склоп на својата катехеза на Генералната аудиенција, Папата се осврна на широко распространетата побожност кон свети Јосиф како заштитник на среќната смрт – произлезено од помислата дека умрел покрај Богородица и Исус.
Преку Јосиф до Марија, преку Марија до Исус
Светиот Отец потсети на зборовите на папата Бенедикт XV, кој пред еден век рече дека преку Јосиф одиме директно кај Марија, а преку Марија до изворот на сета светост, Исус. Бенедикт XV ја поттикнувал побожноста и почитувањето на свети Јосиф, особено како заштитник на оние кои се на умирање.
Култура на „добро чувствување“
Нашиот однос кон смртта никогаш не е за минатото, туку за иднината, истакна Папата, нагласувајќи дека некои луѓе мислат дека овој јазик и тема е „наследство од минатото“. Згора на тоа, т.н културата на „добро чувствување“ се обидува да ја отстрани реалноста на смртта, но пандемијата ја врати во фокусот на драматичен начин: многу луѓе умреа одвоени од своите најблиски, што ја прави смртта потешка за прифаќање и процесуирање.
Се обидуваме на секој можен начин да ја избркаме мислата за нашиот крај, залажувајќи се да веруваме дека можеме да ја отстраниме моќта на смртта и да го отфрлиме стравот, забележа Папата. Но, христијанската вера не е начин да се истера стравот од смртта, туку ни помага да се соочиме со неа.
Соочување со смртта со вера во воскресението
Само со вера во воскресението можеме да се соочиме со бездната на смртта без да нѐ опфати стравот, рече Папата, бидејќи вистинската светлина што ја осветлува тајната на смртта доаѓа од Христовото воскресение. Во извесна смисла, размислувањето за смртта просветлена од Христовата тајна ни помага да гледаме на целиот живот со нови очи.
Папата исто така советуваше да не собираме празни имоти, имајќи ја на ум нашата смртност. Наместо тоа, она што треба да го акумулираме е милосрдието, способноста да споделуваме, а не да останеме рамнодушни кон туѓите потреби.
Светиот Отец потоа потсети дека Евангелието ни кажува дека смртта доаѓа како разбојник, и покрај тоа што се трудиме да одржиме нејзиното доаѓање под контрола или дури и да планираме за неа. Тоа е настан на кој мора да сметаме и за кој мора да носиме одлуки.
Која е смислата да се расправаме со брат, со сестра, праша Папата. Пред смртта, многу прашања се сведуваат на величина. Добро е да се умре помирен, без гнев и жалење, нагласи Светиот Отец.
Две теми за размислување
Папата истакна две теми за размислување. Прво, дека смртта не може да се избегне, па откако направивме сѐ што е во наша моќ да ги излечиме болните, неморално е да се занимаваме со залудно лекување (сп. ККЦ, 2278).
Втората тема се однесува на квалитетот на животот на човекот што умира. Мора да бидеме благодарни за сета помош што ја дава медицината преку т.н. палијативна нега. Сепак, треба да се внимава оваа помош да не се меша со неприфатливи потези за евтаназија, рече Светиот Отец.
Истакнувајќи ја потребата да се придружуваат оние кои се на умирање, но не и да се предизвикува смрт или да се овозможи потпомогнато самоубиство, Светиот Отец повика да се даде приоритет на правото на грижа и лекување на сите, особено на слабите, старите и болните.
Постарите луѓе се богатство на човештвото
Понатаму, тој предупреди на изолираноста и забрзувањето на смртта на постарите лица. Многу пати во одреден општествен слој се гледа дека на старите лица поради недостиг на средства им се даваат помалку лекови отколку што треба, а тоа е нехумано: тоа не им помага, побрзо ги доведува до смрт. А тоа не е ниту човечки ниту христијански. Постарите луѓе треба да се третираат како богатство на човештвото: тие се наша мудрост, нагласи Папата, додавајќи: галењето на старите носи иста надеж како и галењето дете, бидејќи почетокот и крајот на животот секогаш се таинство, таинство кое мора да се почитува, придружува, внимава, љуби.
Животот е право, а не смртта, која мора да се прифати, а не да се спроведува, рече Папата, додавајќи дека овој етички принцип важи за сите, не само за христијаните и верниците.
На крајот од катехезата, Папата побара застапништво на свети Јосиф за да ни помогне на најдобар можен начин да го живееме таинството на смртта, бидејќи за христијанин добрата смрт е искуство на Божјата милост, кое ни е блиску дури и во последните моменти од нашиот живот. Катехезата ја заврши со молитвата Здраво Марија за сите луѓе кои се на умирање и ожалостени.
Ватикан њуз/к.мк