Папа: Секое насилство врз жените е чин на хулење против Бога

Папа: Секое насилство врз жените е чин на хулење против Бога

На празникот на Света Марија Богородица и на 53. Светски ден на мирот папата Фрањо ги поттикна верниците да ја погледнат Дева Марија; таа е светлина која го покажува патот на Црквата. Гледајќи го нејзиниот пример Папата упати силен повик на почиување на телото на жената која се искористува, навредува и злоупотребува, како и на заштта на мајчинството кое често се понижува во име на економскиот раст

Во крилото на Марија е историјата на човештвото, иднината на Црквата, во него се животите на мајките кои оставаат сè и тргнуваат на опасни патувања за да му ја обезбедат иднината на своето дете, но кое се смета за вишок; во него се раните на жените чие тело не се почитува, а од телото на жената дојде спасението – истакна папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на празникот на Света Марија Богородица и на 53. Светски ден на мирот.

Папата напомена дека секое насилство направено врз жената е сквернавење на Бога, роден од жена; таа го става на срце животот, благодарејќи на нејзините дарови се градат подобар свет и мир, затоа треба да се штити нејзиното достоинство, а пред се треба да се вклучи жената во донесување на одлуки бидејќи нејзиното достигнување е достигнување за целото човештво.

Без жената нема спасение

Нашето човештво секогаш ќе биде во Бог, и Марија секогаш ќе биде Мајка Божја – истакна Папата напоменувајќи дека во нејзините крила Бог и човекот се соединиле за никогаш повеќе да не се одвојат; и сега, во небото Исус живее во тело кое го зеде во крилото на мајката. Во Бог е нашето човечко тело!

Од неа, жена, дојде спасението затоа нема спасение без жена. Таму Бог се соедини со нас и, ако сакаме да се соединиме со Него, се проаѓа по истиот пат – преку Марија, жена и мајка. Поради тоа, годината ја започнуваме во знакот на Богородица, жена која го проткае Божјето човештво. Ако сакаме да го исткаеме човештвото во нашите денови, мора да тргнеме од жената – рече папа Фрањо.

Жената, извор на животот, но постојано навредувана

Потребно е да се тргне од животот зашто – како што Папата истакна повеќе пати – жените се извор на животот, но не се почитуваат; постојано се навредувани, удирани, силувани, наведувани на проституција и убивање на животот кој го носат во утробата. Секое насилство направено врз жената е сквернавење на Бога, роден од жена – рече Папата и додаде: Од телото на жената пристигна спасението за човечкиот род; според тоа како се однесуваме кон телото на жената го сфаќаме своето ниво на човечност

Понижено мајчинство

Папата во своето размислување не ја изостави ниту сликата за телото на жената, жртвувано на безбожните олтари за реклами, заработки, порнографија, искористувана како површина која треба да се искористи; тоа тело повикува на почитување, зашто е најблагородното тело на светот, ја зачнала и родила Љубовта која нѐ спаси. Денес и мајчинството се понижува, бидејќи единствен раст кој нѐ интересира е економскиот раст. Има мајки кои ризикуваат на опасни патувања и очајнички се обидуваат на плодот на својата утроба да му дадат подобра иднина, но тогаш се сметани за „вишок“ од луѓето со полн стомак, додека нивното срце е лишено од љубов – истакна папата Фрањо.

Кој гледа со срце, добро гледа

Како што ни вели Библијата, жената доаѓа на врвот на создавањето, како резиме на сето создадено. Таа, имено, ја опфаќа во себе целта на создавањето, а тоа е раѓање и заштита на животот, заедништво со сите, грижа за сѐ – така папа Фрањо ја објасни заштитта на Марија, тоа „уредување“ со љубов дури и неволја, прикажувајќи и доверувајќи сѐ на Бог. Тоа ќе го обележи нејзиниот живот на мајка од раѓањето на Детето па сѐ до Крстот.

Всушност, жената го зема животот на срцето. Жената покажува дека смислата на животот не е во продолжување на создавање работи, туку да се земе на срце она кое постои – напомена Папата и додаде: Само оној кој гледа со срце, добро гледа зашто знае „да гледа од внатре“, знае да ја гледа личноста без оглед на нејзините грешки, братот без оглед на неговите слабости, надеж во тешкотиите, во сѐ го гледа Бог.

Жената, посредник на мирот

Папата Фрањо го истакна тоа „ гледање од внатре“, поттикнувајќи го секој од нас да се запрашаме дали го гледаме животот на луѓето околу нас навистина со срце, не уништувајќи ги со оговарање, и ставајќи го во центарот Бог, а не моќта, богатството и успехот. Само ако животот ни е на срце – рече Папата – ќе знаеме да се грижиме за него и да ја надвладееме рамнодушноста која нѐ опкружува. Тоа е милост која треба да ја бараме оваа година: да ги земеме другите на срце, да се грижиме за другите.

А ако сакаме подобар свет, кој ќе биде дом на мирот, а не воено поле, нека ни биде на срце достоинството на секоја жена. Кнезот на мирот се роди од жена. Жената е давател и посредник на мирот и потребно е во целост да ја вклучиме во донесување на одлуки. Кога жената, имено, може да ги пренесе своите дарови, светот е тогаш соединет и мирен. Поради тоа достигнувањето на некоја жена е достигнување за целото човештво – истакна Папата.

Црквата има срце на мајка

Во Марија Црквата го наоѓа својот центар и своето единство и покрај тоа што ѓаволот се обидува да ја подели, ставајќи ги во прв план разликите, идеологијата, поединечните интереси и странки. Но Црквата не ја разбираме ако ја набљудуваме почнувајќи од структурата; Црквата не ја разбираме тргнувајќи од програмата и струјата, од идеологијата, од функционалноста: нешто ќе сфатиме и така, но не и срцето на Црквата. Зашто Црквата има срце на мајка. О ние, децата, денес ја повикуваме Богородица која нѐ обединува како верен народ. О Мајко, роди во нас надеж, донеси ни единство! Жено на спасението, ти ја доверуваме оваа година, чувај ја во своето срце! – рече на крајот папа Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот