Кардинал Паролин: Грижата за заедничкиот дом покрај пандемијата е најитната задача на човештвото
Семејството и човечкиот живот, грижата за заедничкиот дом и залагањето за мир се некои од централните теми кои Папскиот државен секретар Пиетро Паролин ги истакна во своето обраќање до учесниците на собранието на Советот на европските епископски конференции кое овие денови се одржува во Рим.
По кој пат да тргнеме за да дадеме нов поттик во пасторалното делување, во смисла на тоа да бидеме мисионерска Црква? Тоа беше едно од прашањата кое државниот секретар Пиетро Паролин го постави за време на говорот на Генералното собрание на Советот на европските епископските конференции на тема: „Советот на европските епископски конференции, 50 години во служба на Европа, сеќавање и перспективи на хоризонтот на енцикликата Fratelli tutti“.
Кардиналот го истакна аспектот на преиспитување со сериозност и посветеност за образованието посебно оние задолжени за формацијата. Потсети и на ризикот на самообразование – каде сѐ што кружи на интернет и на социјалните мрежи се прифаќа како вистина, без објективни критериуми за расудување и без потребниот контакт со црковната заедница која е местото на вистинската формација.
Пандемијата, додаде државниот секретар ја забрза на некој начин таа динамика, па дури и верниците денес со задоволство остануваат во удобноста на своите домови од каде се поврзуваат и обединуваат со Господ по пат на раширената комуникациска технологија, изоставувајќи го токму физичката и лична средба со црковната заедница која ја слави Евхаристијата. Повикот на Светиот Отец да бидеме „Црква која излегува“ мора да го поттикне не само посланието и евангелизацијата на нашиот континент – кој сѐ помалку е свесен за својата историја и корените, туку мора да нѐ поттикне на една жива братска љубов.
Советот на европските епископски конференции може да поттикне нови и конкретни гестови на солидарност со кои би се помогнало на европското население кое поминува низ тешка ситуација влошена од пандемијата. Меѓу соработките во Советот посебно е важна поддршката за семејствата и семејните политики. Тесна со тоа е поврзана заштитата на човечкиот живот, рече кардиналот. Многу е важно Црква во Европа меѓусебно да се поддржува во навестувањето на Евангелието на животот, спротивставувајќи се на многуте навестувања на смртта. Европа, рече кардиналот доживува благосостојба каква што до сега не доживеала и е во искушение она што на изглед се чини сувишно. За жал, меѓу тие „сувишни добра“ неретко се и човечките битија. Затоа е од клучна важност Црквата да се потпре на пасторалното делување за заштита на животот, формација на луѓето, особено на оние со политички одговорности за културата на смртта да не доминира во европското законодавство.
Понатаму државниот секретар потсети дека Црквата не може на било кој начин да се откаже од образованието на младите генерации. За да расте, на човечката личност и се потребни учители кои најпрво се сведоци, а посебно денес кога толку се спротивставува на било кој облик на авторитет. Како епископи, повикани сме во прва рака да бидеме сведоци за да бараме во младите луѓе личен одговор.
Кардинал Паролин го истакна и вниманието кон најкревката општествена реалност – на отфрлените, односно на сиромашните и мигрантите. Порача дека милосрдието кое се живее како љубов и служење е прилика за евангелизација и сведочење. Како епископи повикани сме да покажеме дека заедништвото ги надминува конфликтите. Кардиналот потсети и на важноста на екуменската соработка во Европа.
Обраќајќи им се на учесниците на собранието, кардиналот рече дека грижејќи се за другите значи и да се грижиш за животната средина. Заштитата на создаденото е предизвик кој покрај пандемијата е еден од најитните задачи со кои човештвото мора да се соочи. Дури ниту моменталната здравствена криза не смееме да ја запре предноста на грижата за заедничкиот дом, напротив таа може да ни помогне во проширувањето на мислите и пред сѐ да не поттикне на спроведување на конкретни активности.
Уште една потреба на Европа е мирот кој бара заедничко залагање и искрен дијалог со претставниците на другите религии. Присетувајќи се на неодамнешното патување во Словачка, Паролин ги истакна зборовите на Светиот Отец нека таа земја биде „порака на мирот во срцето на Европа“. Секој народ, секоја заедница, голема или мала на овој континент може да одговори на овој повик да биде миротворец, реле ватиканскиот државен секретар.
На крајот осврнувајќи се на синодата која ќе ја собере целата Црква кардинал Паролин потсети на трите столба на кои ќе се фокусира: заедништво, учество и послание. Синодата ќе биде една прилика за размислување за евангелизацијата пред предизвиците кои не чекаат во денешно време, заврши кардинал Паролин.
Ватикан њузка/к.мк