Urbi et orbi: Христовото воскресение е вистинска надеж за целиот свет

Urbi et orbi: Христовото воскресение е вистинска надеж за целиот свет

Папата Фрањо на 1 април 2018 година по светата Литургија на плоштадот Свети Петар во својот традиционален говор „Urbi er orbi – Градот и светот“, од балконот на базиликата Свети Петар повика на мир за сите земји во светот кои се обележани со неправда и насилство.

Воскресението Христово е вистинска надеж за светот која не разочарува – рече Папата и додаде: Тоа е силата на пченичното зрно кое го обновува светот и донесува плодови и денес. Донесува плодови на надеж и достоинство таму каде што е сиромаштвото и исклученоста, гладот и невработеноста, прогонети и бегалци, жртви на трговија со дрога и луѓе, и „робови“ на денешното време.

Светиот Отец се молеше за плодовите на мирот за целиот свет започнувајќи од измачената Сирија чиј народ е исцрпен од војната на која не ѝ се гледа крајот. Се молеше Христос да ја просветли совеста на сите одговорни во политиката и војската за веднаш да се запре истребувањето кое е во тек за да се почитува хуманитарното право и да се олесни пристапот до хуманитарната помош која итно е потребна, и да се обезбедат соодветни услов за враќа на сите кои се раселени.

Папата Фрањо молеше за плодовите на помирувањето за Светата Земја која и овие денови е ранета од конфликтите кои не ги штедат беспомошните; за Јемен и целиот Блиски Исток за дијалогот и взаемното почитување да преовладее над поделбите и насилството. Браќата во Христос кои често поднесуваат злоупотребување и прогонството да можат да бидат просветлени сведоци на Воскреснатиот и на победата на доброто над злото.

Папата се молеше за Јужен Судан и за сите делови на Африка кои се измачени од гладот, од локалните конфликти и тероризмот кои ги погодуваат посебно децата, повикувајќи на солидарност со оние кои се присилени да ја напуштат својата земја и кои се лишени од она најосновното за живот. Не заборави да го охрабри дијалогот помеѓу двете Кореи барајќи од одговорните мудро и со разбирање да делуваат залагајќи се за доброто и градењето на довербата во тој народ, внатре во меѓународната заедница. Потоа се молеше за плодовите на слогата во Украина и утеха за венецуелскиот народ кој живее како во некоја „странска земја“, а не во својата; тој народ преку силата на воскресението Господово да го најде вистинскиот пат за излез од политичката и хуманитарната криза.

Светиот Отец потсети на децата кои заради војната и гладот растат без надежа, образованието и здравствената заштита; како и на старите луѓе кои денешната себична култура ги отфрла и исклучува затоа што не се „продуктивни“. Плодови за мудрост молеше за оние кои во целиот свет ја имаат политичката одговорност за секогаш да го почитуваат човечкото достоинство.

Папата Фрањо на крајот рече дека и на нас како и на жените кои дошле на Исусовиот гроб им е упатено Словото: Зошто го барате живиот меѓу мртвите? Не е овде воскресна! Смртта, осаменоста и стравот не се повеќе последниот збор. Постои збор кој оди понатаму и кој само Бог може да го изговори: тој збор е воскресение. Со силата на Божјата љубов тој го победува злото, ги мие гревовите, ја враќа невиноста на грешниците, радоста на ожалостените, ја распрснува омразата, ја свиткува тврдоста на моќните, поттикнува на слога и мир.“ Посакувајќи им на сите Среќен Велигден, Светиот Отец заврши поделувајќи го благословот „Urbi et orbi – Градот и светот“ на кој е придружен целосна прошка односно целосно отпуштање пред Бог на временските казни за гревовите на кои вината веќе им е избришана (ККЦ 1471)

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот