Кој убива во Божјо име не го познава Бог
Абуџа, 10.5.2013 /к.мк/ – Кој убива во Божјо име не го познава Бог – истакна кардинал Џон Онаикен, архиепископ во Абуџа, Нигерија, во проповедта на светата Литургија по повод неговиот јубилеј, 30 години епископство.
Правдата и мирот секогаш одат заедно, а никој не може да биде добар управител ако не е оддан на праведноста, еднаквоста и внимание кон сиромашните – рече кардиналот и со тоа ги предупреди сите кои ја злоупотребуваат религијата за поделба на луѓето. Кој во името на верата убива други не е Божји ученик, а ако поради верата ги исклучува другите или ги гледа со потценување тогаш постои опасност од скренување од патот кој води кон Бог – опомена архиепископот на Абуџа.
Зборувајќи за штетата која ја нанесува фанатизмот за угледот на државата, нетрпеливоста и пролевањето крв, кардиналот рече дека сето тоа не смее веќе да се дозволи. Ние мора да бараме во нашата земја да живееме во мир, со нашите различни племиња, култури, традиции, јазици и религии. Во таа смисла во секој ближен треба да се гледа Божјо лице и во животот да се применува златното правило, на другиот да го правиме она што сакаме на нас да ни го прават – рече кардиналот.
Завршувајќи ја проповедта, кардиналот потсети дека вистинската вера треба да биде отворена за сите, миротворна и против пролевањето на крв. Со кардиналот на светата Литургија сослужуваше и претседателот на Епископската конференција на Нигерија, архиепископот Игнациус Каигама. Тој упати апел до верските водачи за решавање на проблемите, како што се несигурноста и тероризмот во државата. Претседателот на Нигерија Гудлак Џонатан, кој исто така присуствуваше на Литургијата, ја пофали улогата на Црквата за нациналното помирување. Црквата е во фокусот на процесот за изградба на општеството, ако таа го едуцира народот, Нигерија сигурно ќе биде подобра држава – рече претседателот Џонатан.
Б.У