Во Центарот за култура „Антон Панов“ – Струмица во сабота 8 април 2017 година се одржа промоција на монографијата „Денови на света Мајка Тереза“. На промоцијата присуствуваше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скоспки бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, кој на крајот од средбата се обрати истакнувајќи дека иницијатива за „Татковинската прослава“ беше во духот на света Мајка Тереза и никој не исклучуваше, туку напротив беше отворена за соработка и во неа се вклучија бројни институции, организации и луѓе, од различна национална, верска и секаква друга припадност. Промотори на книгата беа о. д-р Зоран И. Стојанов и Ацо Гогов.
Настанот започна со видеото насловено: „Македонија и светот добија светица“ во кое беа прикажани инсерти од Литургијата за канонизација на Мајка Тереза во Рим и благодарствената Литургија на плоштадот Македонија во Скопје.
Веднаш потоа господин Ацо Гогов во име на Центарот за култура „Антон Панов“ – Струмица ги поздрави присутните гости, а потоа во својата реч се задржа на делото кое беше публицирано пред струмичката јавност.
По музичкиот настап на гитара на Горан Гогов и Филип Костов, промотивна реч одржа д-р Зоран И. Стојанов, кој осврнувајќи се на делото, истакна дека во рамките на тие настани Н.В.П. монс. д – р Киро Стојанов во заедништво со Папскиот делегат Винко кардинал Пуљиќ, капелата во Спомен куќата „Мајка Тереза“ ја прогласи за светилиште, и покрај Паљурци е второ официјално светилиште во Македонија признато од црковната хиерархија.
Промоцијата заврши со коктел, дружење и разговор во фоајето на центарот за култура во Струмица.
Издавач на монографијата „Денови на света Мајка Тереза“ е „Софија“ Богданци, главен и одговрен уредник е монс. д-р Киро Стојанов и уредништво дон Давор Топиќ, Катица Трајковска Абјаниќ, м-р Ена Абјаниќ, о. д-р Зоран И. Стојанов и о. Гоце Костов.
к.мк