Прифати го Исус – Евхаристија наместо своето „јас“

Прифати го Исус – Евхаристија наместо своето „јас“

Светиот Отец во наговорот кој го одржа на 18 јуни 2017 година зборуваше за значањето на Евхаристијата за верникот христијанин. Ја изрази својата близина на португалскиот народ, и ја најави својата претстојна поклоничка посета на Боцоло и Барбијано (Италија).

Во продолжение наговорот го пренесуваме во целост…

                                                        * * * * *

Драги браќа и сестри,

Во Италија и во многу други земји ова недела се слави празникот Тело и Крв Христови – често се користи латинскиот назив „Corpus Domini“ или „Corpus Christi“. Секоја недела црковната заедница се собира околу Евхаристијата, света Тајна која ја востанови Исус, на Последната вечера. Меѓутоа, секој година ја имаме радоста да го славиме празникот посветен на тој центар на таинството на верата, за да ја изразиме полнотата на своето почитување кон Христос кој се дарува како храна и питие за спасение.

Денешниот дел од Евангелието според свети Иван, е дел од беседата за „живиот леб“ (6, 51-58). Исус вели „Јас сум живиот леб што слезе од небото (…) а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот“ (ред 51). Тој сака да каже дека Отецот го испратил на светот како храна за вечниот живот, а за тоа самиот себе ќе се жртвува; своето тело.

Всушност, Исус  на крстот го дава своето тело и ја пролева својата крв. Распнатиот Син Човечки е вистинското Пасхално Јагне, кое избавува од ропството на гревот и поддржува на патот кон ветената земја. Евхаристијата е светата Тајна на неговото тело дарувана за живот на светот; кој јаде од ова храна останува во Исус и живее за Него. Да го јадеш Исус значи да бидеш во Него, да станеме синови во Синот.

Во Евхаристијата Исус – како што тоа го направил со учениците од Емаус – нѐ придружува нас поклониците во историјата, за да ја храни нашата вера, надеж и љубов; за да нѐ теши во искушенијата; и нѐ поддржува во заложбата за правда и мир. Тоа солидарно присуство на Синот Божји е насекаде: во градовите и по селата, на северот и на југот, во традиционално христијанските земји, како и онаму каде само што започнува да се евангелизира. И во Евхаристијата Тој се дава како духовна сила за да ни помогне да ја одржиме заповедта – да се љубиме еден од друг како што Тој нѐ љуби – со градење на заедница која прифаќа и е отворена за потребите на сите, а посебно за најзагрозените, сиромашните и оние во потреба.

Да се храниш со Исус – Евхаристија, исто така значи да Му се препуштиш со доверба Нему и да му дозволиш да те води. Тоа значи да го прифатиш Исус наместо своето „јас“. На овој начин, бесплатната љубов примена од Христа во евхаристиското заедништво, со делувањето на Светиот Дух ја храни нашата љубов кон Бог и кон нашите браќа и сестри кои секојдневно хранети со Христовото Тело, стануваме се поконкретно мистично Тело Христово. На тоа нѐ потсетува апостол Павле: „Чашата на благословот, која ја благословуваме, не е ли општување со крвта Христова? Лебот што го кршиме, не е ли општување со телото Христово? Бидејќи лебот е само еден, едно тело сме ние многуте, зашто сите се причестуваме од еден леб.“ (1Кор 10, 16-17)

Дева Марија, која секогаш е соединета со Исус – Живиот Леб, нека ни помогне повторно да ја откриме убавината на Евхаристијата, да ја јадеме со вера, за да живееме во заедништво со Бог и со другите.

По молитвата Ангел Господов 

Драги браќа и сестри,

Задутре се одбележува Светскиот ден на бегалците, кој го промовира Обединетите нации. Овогодинешната тема е „Со бегалците. Денес од било кога мораме да останеме на страната на бегалците.“ Тоа е темата. Конкретно внимание ќе биде посветено на жените, мажите, децата кои бегаат од конфликти, насилство и прогон. Исто така во молитвата да се сетиме на многу од нив кои го загубиле животот на море или во напорното патување по копно.

Нивните приказни за болката и надежта можат да станат можност за братска средба и средба со искрено меѓусебно разбирање. Всушност, личната средба со бегалците го растерува стравот и искривената идеологија и станува фактор за раст во хуманоста, која е во состојба да даде место на чувствата за отвореност и градењето на мостови.

Ја изразувам својата близина на саканиот португалски народ заради катастрофалниот пожар кој беснее по околните шуми, предизвикувајќи голем број жртви и повредени. Да молиме во тишина…

Ве поздравувам сите вас Римјани и поклоници; посебно оние кои доаѓаат од Сејшелите, од Севиља (Шпанија), Умуарама и Толедо (Бразил).

Ги поздравувам верниците од Наполи, Аржано и света Катерина во Педара.

Посебен поздрав упатувам до претставниците на Централно Африканската Република и Обединетите нации, кои овие денови во Рим се на состанок во организација на заедницата „Свети Егидиј“. Во срцето ја носам својата посета која ја остварив во 2015 година, на таа земја, а се надевам со Божја помош и со добра волја на сите, во целост ќе заживее и се зацврсти мировниот процес, неопходен услов за развој.

Вечерва на плоштадот пред базиликата Свети Иван Латерански, ќе се служи света Литургија, по што следува процесија со Пресветата Тајна Евхаристија, до базиликата Света Марија Велика. Ве поттикнувам сите да учествувате во тоа, па и духовно; мислам посебно на клаузурните заедници, болните и оние во затвор. Во тоа помагаат исто така радиото и телевизијата.

Следниот вторник заминувам во посета на Боцоло и Барбијано, ќе оддадеме почест на дон Примо Мацолари и дон Лоренцо Милани, двајца свештеници кои на сите нас ни го даваат денес толку потребниот пример. И во овој случај им благодарам на сите, а посебно на свештениците кои ќе ме придружуваат со своите молитви. На сите ви посакувам пријатна недела. И ве молам не заборавајте да се молете за мене. До гледање!

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот