Папата Фрањо се сретна со претседателот Џозеф Кабила
Папата Фрањо на 26 септември 2016 година во аудиенција го прими претседателот на Демократска Република Конго, Џозеф Кабила кој потоа се сретна со надбискупот Паул Ричард Галагер секретар за односи со државите.
Во изјавата на Канцеларијата за печат на Светиот Престол стои дека за време на „срдечниот разговор“ Светиот Отец, надбискупот Галагер и претседателот Кабила се присетиле на добрите односи помеѓу Светиот Престол и Демократска Република Конго. Тоа посебно се однесува на важниот придонес на Католичката црква за Конго, која со своето образование, социјални и здравствени институции го поддржува развојот на таа земја и намалувањето на сиромаштвото. Покрај тоа двете страни го изразија своето задоволство заради потпишувањето на рамковниот договор помеѓу Светиот Престол и Демократска Република Конго на 20 мај оваа година.
Во изјавата на Канцеларијата за печат исто така стои дека посебно се разговарало за сериозните предизвици на моменталната политичка ситуација во Конго, како и за неодамнешните конфликти во главниот град Киншаса. Имено граѓаните на Конго неодамна во Киншаса протестираа против претседателот Кабила кој е на власт од 2001 година. Имено тој сака да се кандидира на претстојните претседателски избори што е спротивно на Уставот на таа земја. Според проценките на Обединетите нации најмалку 50 луѓе загинаа за време на простестите во Кинашаса.
Во разговорите понатаму се истакнала важноста за соработка помеѓу политичките актери и преставниците на граѓанските здруженија и верските заедници со цел за општото добро и тоа со помош на дијалог со кој би се обезбедил стабилен мир во земјата. Конечно двете страни го издвоија проблемот со насилството на истокот на Конго и потребата од итна соработка на национално и меѓународно ниво за да се загарантира неопходната помош и за повторно воспоставување на мирниот соживот.
РВ/к.мк