Духовна обнова за Богопосветени лица – Милосрдието духовна и материјална придобивка

Пишува: д-р Зоран И. Стојанов

Кога денес ќе се начне темата Милосрдие, веднаш се мисли на Папата Фрањо. Сигурно една, ако не најпопуларната личност во светот. Популарен во позитивен правец и смисла.

Папата Фрањо како да сака овој збор, овој израа, овој предизвик да го поедностави, да го популаризира. Зошто? Би било многу едноставно да се знае одговорот да се искаже во дефиниција, но не е можно. ДА! Можно е, ама, постои она ама!?

Да го популарзира, не во форма која ние ја користиме во смисла на популарен, познат, славен: научник, уметник, спортист, новинар… или слично, да го популаризира во латински смисол на зборот, го направи народен. Тука почнуваат тешкотиите.

За мене подготвувајќи се за денешната наша средба овде во Радово како и да почнував, како и да сакав да се обратам цело време ми излегуваше Исус. Се друго кога сакав да споделам со вас, ми излегуваше да започнувам фрази, искажувања кои ме плашеа токму да не тргнам во правец на популаризирање на зборот, а не на суштината и сржта. Зашто денес Блаженото милосрдие (Мт. 5,7) изгледа како туѓо (странско) пророштво.

Така читајќи во Библијата и барајќи ги директно поврзаните настани со милосрдието, се доаѓа до сознание дека темата Милосрдие се протега низ целиот текст на Библијата, ќе пробаме да разделиме четири разглобувања, односно гледања на милосрдието во Библијата:

  1. Објавата – на Бог верен, милосрден и свет.

Тема за денешното размислување

—————————————————————–

  1. Исус Христос, откровение на милосрдието на Отецот.
  2. Милосрдието како “блаженство“. Денес Блаженото милосрдие (Мт. 5,7) изгледа како туѓо (странско) пророштво.
  3. Маршута во “срцето“ на Евангелието.

Теми  на кои ќе размислуваат во следната прилика

————————————————————————

Изразот „милосрдие“ во еврејската традиција доаѓа составен од два збора: Рехем и Хесед.

Рехем кој би значел утроба, интимна љубов, или може да се употреби и изразот интуитивноста на мајка и татко. Па затоа може да се каже материјална, телесна или родителска. Ако одиме според контекстот на значењето на зборот, односно изразот, таквото милосрдие (таквиот израз за милосрдие) може да се интерпретира како “сочувство“ или „простување“. Аналогно се применува на самиот Бог во однос на луѓето и на верниците поединечно (споредено со: Пс.106,43 и Даниил 9,9).

Или ако сакаме уште да го поедноставиме изразот Рехем, тогаш можеме да кажеме дека укажува на матката на жената, како врска помеѓу мајката и детето, на интимност, благост, љубезност, трпение, жртва.

Хесед – симболизира добротворна љубов. Што само по себе не симболизира еден спонтан однос туку доброволен избор, односно позитивен акт да се љуби другиот. Значи сега одиме кон оној другиот дел од сфаќањето на милосрдие, зашто се однесува на рационален став што ја надминува логиката на должност: да се живее милосрдието значи да се створи однос на гостопримство и доброчинство. Може и изразот хесед да се поедностави и рече дека вклучува верност на вредностите.

Значи милосрдието не е инстинктивна добрина, ниту импулсивен израз на срцето или чувствата, туку избор на свесна и сакана доброта.

Тука некаде би сакал да го заокружам моето видување на изборот на Светиот Отец папата Фрањо, кога се обраќа до сите и вели: „Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот небесен Отец“.

Денес се употребуваат изрази од типот: Благодатта (милоста) е најбожественоста во Бога и најчовечноста во луѓето, зашто го опфаќа човекот во целост, односно неговата духовност и неговата телесност.

Милоста е Божја човечност, но милоста е и божествена иднина на луѓето…

Верен

Придавката хесед што би била “верен“ додадена на Бог, во главно означува доверливост и сигурност, суштински квалитет на пријателството кое се случува меѓу Бог и неговиот народ.

Еве ги цитатите:

(Пов. Закон 7,9:И така, знај дека Господ, твојот Бог, е Бог верен, Кој го пази од илјада поколенија Својот завет и има милост кон оние што Го сакаат и ги извршуваат заповедите Негови;

Псалм 31,6:Затоа секој праведник нека Ти се помоли навреме, и тогаш притисокот од многуте води нема да го достигне;

Исаија 49,7: Така вели Господ, Искупителот на Израилот, Светецот негов, на презираниот од сите, на прекоруваниот од народот, на слугата на силните: цареви ќе Те видат и ќе станат; кнезовите ќе се поклонат заради Господа, Кој е верен, заради Светецот Израилев, Кој Те избрал.)

Користењето на придавката „верен“ во Стариот Завет било типично да се покаже оној кој ја покажува верноста. Во контекстот на израелскиот народ сфаќањето Бог-верен значело убеденоста и сигурноста дека ветувањата ќе се исполнат. Самото неговото име ја искажува довербата (верноста), сигурноста и кредибилноста. Во називот “верен“, укажан на Бога, ја искажуваат неговата апсолутна лојалност на преземените задачи од сојузот, и неговата апсолутна вистинитост и автентичност, за разлика од непостојаноста (недоследноста) на идолите.

Милосрден

Доаѓаме до придавката која длабински се применува на Бога. Било тоа називот „милосрдие“ или придавката „милосрден“ се употребуваат скоро есклузивно за да се означи добротворното делување на Бог во однос на неговиот народ. Тоа би можело да се спореди со неколку цитати од Светото Писмо: – Захарија 7,8-10: И би слово Господово до Захарија: вака зборуваше тогаш Господ Саваот: извршувајте суд праведен и имајте милост и сочувство кон својот брат; вдовици и сираци, придојден и сиромав не злоставувајте и не мислите зло во срцата ваши еден против друг.

– Михеј 7,19-20: Он пак ќе се смили над нас и ќе ги избрише нашите беззаконија. Он ќе ги фрли сите наши гревови во морските длабочини. Ти ќе покажеш верност кон домот на Јакова, милост кон Авраама, како што со клетва си им ветил на татковците наши од првите дни.

– Псалм 102,8,14: Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив; Зашто Он го знае нашиот состав, помни дека сме земја.

Со еден антропоморфен јазик во Еремија 31,20 – читаме: „срцето Мое се трогнува за него“. Да се трогнеш е знак на сочувство, искажување на конкретно милосрдие и нежност. Зарем ни е лесно да разбереме како и покрај човековата грешност во Бога надвладува жаловитоста пред правдата.

Ние сме во една ера која е блажена, зашто преку Христос сме спасени, Он Бог слезе на земјата и во тело, материја, земен прав, преку Марија и духовен, преку Светиот Дух, пребиваше во и со сето свое милосрдие на земјата и пак ни е тешко да ја разбереме сета благодат со која Бог располага. Колкава била понизноста и духовната жед кон Бога на старозаветните пророци кои го препознале тој капацитет на Господ Бог кој знае да ја сфати вистинската потреба за помош на секое човечко битие преку целиот негов живот.

Оваа не го велам зашто милосрдието Божјо и капацитетот на Господ Бог се намали во пос-спасителната ера, туку поради фактот што во денешниот растрчан свет ни е тешко да разбереме како векови пред доаѓањето на Исус на земјата во тело некој бил во состојба за духовното и телесно милосрдие Божјо да напише во Пс. 85 (86), 15-16: Но Ти, Боже, Кој си штедар и милосрден, долготрпелив, многумилостив и вистинит, погледни на мене и помилуј ме; дај му ја Твојата сила на слугата свој… или во 102 (103),8-10: Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив; Он не се гневи до крај, ниту вечно се лути. Он не ни направи ништо според нашите безааконија и не постапи според нашите гревови; зашто, колку е големо растојанието од небото до земјата, толку е големо милосрдието на Господа спрема оние што се бојат од Него. Бог е опишан како “милосрден“ покажувајќи ја така реалноста на еден Бог кој снисходлив (попуслив) и отворен на прошка и на бладодат; но да не нѐ замараат оние претходни придавки, дека Бог е млитав и неодлучен, не, Тој таа реалност ја има зашто тоа ја акцентира неговата семоќ.

Благодарение на неговата семоќ ние, односно човекот со сите свои слабости и недостатоци е во планот Божји и влегува во Божествените сфаќања и сочувства. Бог не делува со гнев и лутина, туку се смилува, ги одалечува и проштева гревовите.

Бог му се претставува на Мојсеј како: “Господ, Господ, Бог штедар и милосрден, долготрпелив, многумилостив и вистински! Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови,…(Исход 34,6-7).

Библијата е полна со таквите сведоштва за Милосрдноста на Бога, кој проштева и љуби…

Бог проштева во сета своја милосрдност, разбирајќи го човекот во сите недостатоци со кои се судрува во своето телесно и духовно битие. Бог тоа го може, зошто, затоа што е создател и благ, и го познава човекот во потполност во сите негови бунтовности, слабости и маленкости на таквиот човек тој му влегува во пресрет на неговата природа и ги предвидува неговите издајства и навреди. Бог е неограничен, па затоа и е единствено достоен да го носи називот милосрден и добар, зашто тој никогаш не го погазува пактот и договорот со своето создание.

Пред да поминеме на придавката свет, сакам само да подвлечам дека Во оваа перспектива, тензијата меѓу милосрдието и правдата на Бога стои како генеративна динамика во развојот на библиско-теолошките размислување на Стариот Завет.

Свет

Третата придавка на која сакам да се задржам во духовно-телесното размислување на Милосрдието е дека Бог е свет (qadôsh).

Вообичаено се стреми за да се искаже или да се дададе на некој субјект или објект посебна важност со значење на различно, одделно, како во случајов на светото од осквернетото (профаното). Насочено на Бога, ’свет’ го презема значењето на божествено и станува негова постојана придавка; и е негова најинтимна суштина која е спротивставена на сѐ што е створено, и уште повеќе, на сѐ што е нечисто и грешно. Повторно ќе се навратам на Стариот Завет, навракајќи се на пророк Исаија, кому многу му е мил изразот ’Светецот Израилев‘, тој во своите 66 поглавија дури во 15 се навраќа на тој израз кој ја покажува апсолутната трансцендентност на Бог ( Исаја: 1,14; 5,19,24; 6,3;10,20; 12,6; 17,7; 30,11-12; 37,23; 40,25; 41,14; 43,3; 45,11; 47,4; 48,17; 54,5. Истиот израз го среќаваме и во Осија 11,9; Езекиил 36,20; Псалм 33,21).

И покрај тоа што Бог се укажува преку природни случувања (дожд, роса и сл.) или се занимава со проблеми на созданието, е сепак ’свет‘, всушност ’одделен‘ а со тоа и далеку од секое рационално разбирање.

Нормално неговото делување и начинот и милосрдноста ќе останат секогаш таинствени, над ограничената разбирливост за човекот. Тој се претставува несводлив за човечките шеми, како Бог на Израел, останувајќи секогаш покрај својот народ. Он е милосрден затоа што ги прифаќа и споделува сите негови потреси и неговите надежи и продолжува да го следи на негова страна во сите историски случувања.

Во својата енциклика Dives in misericordia од 1980 година свети Иван Павле II,(Богат во милосрдието), вели: последната дефиниција на христијанскиот Бог е милосрдие. (Dives in misericordia 11 од 30 ноември 1980)

Кон таа дефиниција на папата се надоврзува слугата Божји Џусани (Avvenimento di liberta. Ed. Marieti 2002), кој пак радикално ќе дефинира: „Кога во речникот ќе го најдете зборот милосрдие, извадете го, зашто речникот не е достоен да го носи, (да го содржи), тоа не еден човеков збор, „милосрдие“ е божествен збор. Да се направи едно битие од ништо, потребна е неограничена сила…“

Често сме сведоци дека ни е потребна таа сила и милост да успееме да ги задржиме нашите телесни похоти кои сакат да надвладеат над духовните, а ако застанеме ќе се сетиме дека Бог тоа го знае, ја разбира нашата немоќ, затоа нека и нам ни даде сила да ја разбереме неговата моќ, која е составена во љубов.

(Духовната обнова за Богопосветените лица е одржана во Радово 28 мај 2016)

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот