Папата: Жедта за власт станува страст

На Генералната аудиенција на 24 февруари на плоштадот Свети Петар продолжувајќи со катехеза за милосрдието во Светото Писмо, Светиот Отец зборуваше за милосрдието и моќта. Во делови од Светото Писмо се зборува за моќници, цареви, „службеници“ и за нивната вообразеност и злоупотреби – рече Папата.

Самоволието и злоупотребата на моќниците

Богатството и моќта можат да бидат добри и корисни реалности ако се во служба на општото добро, во служба на сиромашните и на сите со правда и љубов. Но кога, како што често се случува, ќе се користат како привилегија, со егоизам и самоволие тогаш се претвораат во оружје на корупцијата и смртта. Токму тоа се случува во сцената за лозјето на Навутеј опишана во Трета книга царства во 21 глава за која денес размислуваме.

Земјата е Божја

Во овој дел се проповеда како израелскиот цар Ахав сака да купи лозје од Навутеј затоа што лозјето граничи со царската палата. Предлогот изгледа оправдан, дури великодушен, но во Израилот земјишните поседи се сметале речиси за неотуѓиви. Левитскиот закон навистина пропишува: „Земјата не смее да се продаде целосно затоа што земјата ми припаѓа мене, додека вие сте само странци и гости кај мене.“ (Лев 25, 23) Земјата е света затоа што е дар Божји и затоа треба да се штити и чува затоа што е знак на Божјиот благослов кој се пренесува од генерација на генерација и е гаранција за достоинството на сè. Па разбирлив е негативниот одговор на Навутеј на царот: „Да ме чува Господ да ти го дадам наследството од татковците свои.“ (3 Царства 21, 3) – рече Папата.

Језавела злобна царица

Царот Ахав со огорченост и возбуден реагира на одбивањето. Се чувствува навреден – тој моќниот цар – понижен во својата царска власт и фрустриран затоа што не може да ја исполни својата желба за посед. Гледајќи го збркан со духот неговата жена Језавела царица поганка која го умножила идолопоклонството на култовите и ги убиваше Божјите пророци (3 Царства 18,4) – не била лоша, била злобна! Одлучила да преземе нешто. Многу се важни зборовите со кои се обраќа на царот: Слушнете ја злобата која е во таа жена: „Какво царство ќе биде во Израилот, ако ти постапуваш така? Стани, јади леб и биди спокоен; јас ќе го земам лозјето од Језреелецот Навутеј.

Таа го нагласува царскиот углед и неговата моќ, кои што таа смета дека одбивањето на Навутеј ги доведува во прашање. Таа пак таа моќ ја смета за апсолутна и затоа секоја царска желба треба да биде услишана. Свети Амврозиј напишал една книга за оваа сцена насловена како „Навутеј“. Би било добро да ја прочитаме во овој пост. Многу е убава, конкретна – рече папата Фрањо.

Моќта е во служењето

Исус зборувајќи ни за овие работи вели: „Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив; меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга; “ (Мт 20, 25-27) Ако се изгуби димензијата на служење, тогаш моќта се преобразува во вообразеност, станува владеење и угнетување. А токму тоа се случува во сцената за лозјето на Навутеј – рече Светиот Отец, додавајќи:

Језавела царицата бесрамно одлучува да го отстрани Навутеј и да го спроведе својот план. Се служи со лажните привиди на изопчената законитост: во името царско испраќа две писма до народните старешини и големците, наредува два лажни сведоци да го обвинат Навутеј дека хулел на Бог и на царот, а тоа злосторство се казнува со смрт. Вака завршува приказната: Навутеј умира царот може да го присвои неговото лозје – рече Папата.

Расипаните политичари и владетели ги експлоатираат сиромашните

Зборувајќи спонтано Папата додаде: Оваа приказна не е од други времиња, не. Таа е денешна приказна за моќниците кои ги експлоатираат сиромашните, за да добијат во своите раце пари ги искористуваат луѓето. Таа е приказната за трговијата со луѓе, за принудната работа, за бедници кои работат на црно и подмитени за да се богатат моќниците. Ова е приказна за расипаните политичари кои секогаш сакаат повеќе. Затоа реков дека читањето на книгата на свети Амврозиј за Навутеј ќе ни помогне, затоа што е многу актуелна – рече Светиот Отец.

Жедта за власт станува страст

Гледате каде води вршењето на власта без почитување на животот, без правда, без милосрдие. А еве каде води жедта за власт: станува страст која сака да поседува сè. Во тој поглед еден дел од книгата на пророкот Исаија е посебно поучен. Во него Бог вели дека треба да се чуваме од алчноста на богатите земјопоседници кои сакаат да поседуваат сѐ повеќе куќи и земји. Проркот вели: „Тешко ви вам, што притурата куќа кон куќа, што присоединувате нива кон нива, така што за другите да не останува место, како да сте само вие населени на земјата!“ (Исаија 5, 8) – потсети папата Фрањо.

Би било убаво кога експлоататорите денес би барале прошка

Пророкот Исаија – додаде Папата – не бил комунист, не! Бог е поголем од злото и од човечките валкани игри. Во своето милосрдие го испраќа пророкот Илија да му помогне на Ахав за да се преобрати. Сега ја свртуваме страницата… како продолжува приказната? Бог го видел тоа злосторство и затропал на срцето на Ахав, а царот соочен со гревот сфаќа се понижува и бара прошка. Колку би било убаво моќните експлоататори денес да го направат истото! Бог го прифаќа неговото каење; но убиен е невин човек, направениот грев ќе има неизбежни последици. Направеното зло навистина остава болни траги, а човечката историја ја носи раната на злото – рече Папата.

Милосрдието може да ги излекува раните и да ја промени историјата

Милосрдието и во овој случај го покажува исправниот пат по кој треба да одиме. Милосрдието може да ги излекува раните и да ја промени историјата. Отвори го своето срце за милосрдието! Божјото милосрдие е посилно од човечкиот грев. Посилно е, а Ахав е пример. Ние ја признаваме Божјата моќ кога го спомнуваме доаѓањето на невиниот Божји Син Кој стана човек за да го уништи злото со својата прошка. Исус Христос е вистински цар, но неговата власт е сосема поинаква. Крстот е неговиот престол. Тој не е цар кој убива, напротив дава живот. Неговото одење кон сите, посебно кон најслабите ја победува осаменоста и судбината на смртта која води до грев. Исус Христос со својата близина и нежност ги води грешниците во просторот на милостите и прошката. Тоа е Божјо милосрдие – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот