Црквата е верна ако Исус е нејзино единствено богатство

Црквата е верна ако нејзино единствено богатство и единствен интерес е Исус, а е млака и просечна ако бара сигурност во световните работи – рече папата Фрањо на светата Литургија на 23 ноември во капелата на домот Света Марта.

Литургиското Евангелие зборува за сиромашната вдовица која во касата на храмот фрлила две пари додека богаташите се фалеле со своите големи дарови. Но, Исус вели дека вдовицата дала повеќе од сите затоа што таа го дала сето она што го имала додека другите давале од својот вишок.

Во Библијата вдовицата е жена без заштита морала да се грижи за себе, а знаела да живее и од милостина. Единствена надеж на жената од денешниот евангелски дел е Господ – рече папата Фрањо споредувајќи ја положбата на таа вдовица со Црквата која го чека Исусовото враќање.

Црквата е Исусовата свршеница и нејзино единствено богатство е Господ. Меѓутоа кога Црквата не е верна или нема многу доверба во љубовта на својот Господ тогаш бара сигурност во други работи кои повеќе припаѓаат на светот отколку на Бог – рече Светиот Отец. Вдовиците во Евангелието пак ни даваат убава порака за Исус и Црквата.

Го истакна примерот за вдовицата од Наин чиј син умрел. Иако била опкружена со погребната поворка во срцето била сама. Друга вдовица заминува кај неправедниот судија и го моли да ја одбрани; му го прави животот невозможен и му чука на вратата по цели денови молејќи за правда која што на крајот ја постигнува. А Црквата – вдовица како што се изрази папата Фрањо – моли и заговара за своите деца. Срцето на Црквата секогаш е со нејзиниот свршеник, со Исус.

И нашата душа е слична со Црквата. Кога се приближува до Исус се одделува од многу световни работи кои се бескорисни, кои не помагаат и всушност разделуваат од Исус. Така е и со Црквата која бара, го чека својот Свршеник, која плаче за своите деца и се бори за нив; дава сè што има затоа што нејзин интерес само е нејзиниот свршеник – рече Светиот Отец.

Црквата е како вдовица затоа што го чека Исуса. Таа може да биде верна во тоа исчекување, имајќи доверба во враќањето на свршеникот или пак може да биде неверна на тоа – како што рече Папата – барајќи ја својата сигурност во други работи. Тоа е млака, просечна и световна Црква – нагласи поттикнувајќи и ние да се запрашаме за состојбата на својата душа: бараме ли сигурност само во Господ или бараме други сигурности кои на Господ не му се допаѓаат?

Во овие последни денови од литургиската година би било добро да се запрашаме за својата душа: дали таа е како Црквата која го сака Исуса се свртува ли кон својот свршеник зборувајќи: Дојди Господи Исусе? Да го оставиме настрана сè она што е некорисно и што не помага на нашата верност – поттикна на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот