Задушница
Единствено што на човекот неопходно мора да му се случи, а што човекот веќе со векови сака да го избегне е смртта. Колку човекот да се труди да ја избегне, таа сепак ќе си дојде по своето.
Отсекогаш човекот се трудел да пронајде нешто што ќе му овозможи вечна младост, ќе го одложи времето на смртта понатаму ако не и засекогаш, но сè е залудно. Денес ситуацијата е се поапсурдна. Благодарение на развојот на медицината и науката воопшто не е човековиот животен век подолг од порано, младешкиот изглед може да се задржи речиси до длабока старост, но сè е залудно смртта е неизбежна. Уште повеќе денес смртта се заканува од сите страни, апокалиптичните слики од денешните војни и терористичките напади, неконтролираното производство на оружје за масовно уништување како и природните катастрофи и новите болести кои можат да станат смртоносна пандемија не даваат многу оптимизам. Материјата има свој крај. Смртта е реалност: стари или млади, богати или сиромашни, црни или бели, сеедно!
Погребението или посетата на гробиштата, влегувањето во градот на мртвите, град во кој сите кога тогаш ќе стигнеме нè поттикнува на размислување за смртта, на размислување за животот. Гробиштата можат да бидат место на очај, места каде сè престанува, каде што секоја улога од животот ја губи смислата. За нас христијаните гробиштата се место на надеж, место на исчекување на воскресението на телата. Гробиштата се место на молитва, место каде човекот доаѓа со голема почит. Гробиштата се и мост кои го спојуваат земското и оној свет во кое земското завршува, а оној свет започнува.
Смртта која секогаш е сметана за проклетство кое е неизбежно, смртта која го водела човекот во подземниот свет и тука закован го држела, благодарение на нашиот Спасител станува само премин од минливиот и тежок живот во вечниот блажен живот. Вечниот Бог од љубовта кон грешниот и смртен човек станува човек. Ја прифаќа целата човечка беда и гревот на целото човештво, дури и смртта и подземјето. Со својата смрт и слегувањето во подземјето во царството на мртвите, Христос се идентифицира со човекот во неговата најболна точка и нерешливиот проблем: проклетството на подземјето. Христос со своето воскресение го ослободува човекот од оковите на подземјето и го води во вечниот живот, животот на вечната среќа и блаженствата во Бог.
Препорачувајќи ги овие денови нашите покојни на Божјото милосрдие молиме Бог што побрзо да ги придружи на групата на своите светии во небото, молиме и за нас самите, нашиот живот да биде живот на надеж, живот насочен кон Бог Кој го љуби човекот и му дава живот вечен.
Фра3 нет/к.мк/Д.И.