Папата: Исусовата љубов ја лекува нашата кратковидност
Исусовиот милосрден поглед ја преобразува историјата – рече Папата на вчерашната (21 септември) Литургија на празникот свети Матеј евангелист во Холгуин – по големина третиот град во Куба кој прв пат во историјата го посети Петров наследник.
Исус го гледа Матеј цариник во служба на Римјаните, предавник во очите на своите сонародници. Колку моќ на љубов имал Исусовиот поглед од кој толку многу бил погоден Матеј и се разбудил. Тоа е поглед на милосрдие. Исус го погледнал како никој до тогаш и тоа го отворило срцето на Матеј, го ослободило, го излекувало, му дало надеж и нов живот. Дури и ако ние не се осудиме да ги подигнеме очите кон Господ Он секогаш прв нè гледа, рече Папата во проповедта.
Неговата љубов нè претекнува, неговиот поглед однапред ги знае нашите потреби. Тој гледа над привидот, над гревот, неуспехот или недостојноста. Гледа погоре од општествените категории на кои припаѓаме – рече Светиот Отец. Исус го гледа достоинството на децата кое сите го имаме, понекогаш извалкано од гревот, но секогаш присутно во длабочината на нашата душа. Дојде за да ги бара оние кои се чувствуваат недостојни за Бог и другите луѓе. Да дозволиме Исус да нè гледа, Неговиот поглед да ни ја врати радоста и надежта.
Средбата со Исус го преобрази Матеј – продолжи Папата – и тој го остава собирањето на данокот. Порано седејќи чекал од другите да зема, а сега со Исус треба да стане за на другите да им даде и да им пружи. Матеј како цариник профитирал од своите сограѓани, но сега им служи. На тој начин Исусовиот поглед ја раѓа мисиската активност и служење. Неговата љубов ја лекува нашата кратковидност и нè поттикнува да гледаме повеќе, да не запреме на привидите или политичката коректност – рече папата Фрањо и поттикна да се запрашаме:
Верувам ли дека е можно некој кој ги искористувал луѓето да се претвори во слуга? Мислам ли дека е можно еден предавник да стане пријател? Исусовиот поглед го преобразува нашиот поглед и Неговото Срце го преобразува нашето срце. Бог е Отец кој сака спасение на сите свои деца, а Исусовиот поглед нè поттикнува да ја делиме неговата нежност и милосрдие со болните, затворениците, старите и семејствата во тешкотии.
Папата Фрањо потсети на напорите и жртвите на Црквата во Куба, каде што таа работи за сите и оние во најодалечените подрачја да им го донесе Христовото Слово и присуство. На крајот ја спомна „мисионерската куќа“ која – како недостаток на цркви и свештеници на многу луѓе им пружи простор за молитва, слушање на Божјото Слово, катехези и живот во заедница. Тие се како што рече Папата мали знаци на Божјото присуство во нашите градови.
РВ/Д.И.