Папата: Само Бог може да го исполни човечкото срце
Само Бог може да ја исполни мерката на човечкото срце – стои во пораката која папата Фрањо ја испрати преку кардинал Пиетро Паролин по повод 36. средба на пријателство меѓу народите, која се одржува во Римини, од денес до 26 август.
Како што стои во пораката на Папата, христијаните треба да бидат совеста на луѓето кога одлучувачките прашање се замаглуваат со делумни одговори. Срцето е немирно, никогаш не е задоволено и секогаш е во потрага. Преиспитува за важноста на животот и смртта, љубовта и работата, праведноста и среќата. Но, денешниот свет – се вели во пораката – пред човекот става мноштво делумни одговори кои нудат само лажна бесконечност. Постои опасност од негирање на човечкото достоинство, а идеолошката колонизација спречува видување на вистинската потреба на срцето и нуди ограничени одговори.
Бог нуди одговор кој ги задоволува очекувањата на срцето; но денешниот човекотој одговор го бара во успехот, парите, моќта, разни дроги и ги исполнува моменталните желби. Меѓутоа само Бог може да ја исполни мерката на срцето – пишува Папата, истакнувајќи дека Бог се наоѓа во животот на секој човек, дури и ако тој живот е полн со трње и плевел. Секогаш постои простор во кое семето на доброто може да расте. Треба да се има доверба во Бог – потсети Светиот Отец.
Средбата во Римини може да придонесе за посланието на Црквата – стои на крајот од пораката – односно да не се дозволи било кој да се задоволи со нешто мало, туку да се навестува на сите Исус – кој одговара на бесконечниот копнеж на секое човечко срце. Папата од организаторите и волонтерите на средбата посака да одат во пресрет на сите, носени од желбата во силата, убавината и едноставноста да ја предлагаат радосната вест на Божјата љубов која – според зборовите на Светиот Отец – и денес клекнува над нашите празнини за да ги исполни со животворната вода која извира од воскреснатиот Исус.
РВ/к.мк/Д.И.