Министранти од Скопската парохија во Хрватска
Осум министранти од скопската катедрална парохија Пресвето Срце Исусово предводени од парохот дон Давор Топиќ во недела 28 јуни 2015 година, заминаа на патување во Ѓаково, Хрватска. Ова патување беше награда и благодарност кон министрантите за нивниот годишен придонес во литургиските прослави, како и во останатите црковни активности.
Во Ѓаково стигнаа во неделата навечер и се сместија во ѓаковачката богословска семинарија каде беа примени од ректорот дон Иван Андриќ и богословот од скопската парохија Емануел Матес. Во понеделник 29 јуни, министрантите заедно со богословите учествуваа на свечената утринска молитва. Посебен впечаток им остави Мисата на свештеничко ракополагање во Ѓаковачката катедрала, каде со полагање на рацете на надбискупот ѓаковачко-осијечки монс. Храниќ го прими свештеничкото ракополагање братот на скопскиот парох патер Анте Топиќ ДИ.
Во попладневните часови скопските министранти ја посетија прочуената ѓаковачка ергела липицанери каде се запознаа со 500 годишната историја на оваа ергела која е меѓу најстарите ергели на овие простори. По оваа посета, тие го посетија и контемплативниот Кармелски манастир во Ѓаковачка Брезница, каде учествуваа на свечената Вечерна молитва, а во таа пригода дон Давор ги запозна чесните сестри со животот и делувањето на Црквата во Македонија и го искажа своето лично искуство од посланието во скопската бискупија. Потоа тие остварија средба со две чесни сестри од истоимениот ред. Средбата со нив беше вистинско духовно освежување, исполнета со голема љубопитност кај министрантите за начинот на живот во манастирот, како и за нивните одлуки да го прифатат манастирскиот начин на живот. Особена радост кај министрантите предизвикаа тамбурашите, чии настап во склоп на градскиот настан „Ѓаковачки везови“ имаа можност да го проследат токму во центарот на градот. Ова беше можност министрантите да слушнат автентична славонска музика и да се развеселат.
Во вторникот на 30 јуни, на нивниот последен ден во Ѓаково, министрантите се сретнаа со богословот Домагој Лацковиќ кој им говореше за сопственото искуство на духовен повик, како и за начинот на живот во богословската семинарија. Потоа, тие заедно ја посетија катедралата, бискупскиот дом и Католичкиот богословски факултет.
Истиот ден во попладневните часови се упатија во Осиек каде беа пречекани од патер Анте Топиќ. Патер Анте ги прими министрантите во резиденцијата на Заедницата на Исусовците каде за нив славеше света Миса, која беше меѓу неговите први миси, што беше особена чест за министрантите. Младомисникот Топиќ во својата проповед ги запозна министрантите со животот на основачот на Дружбата на Исусовците свети Игнацие Лојолски. Потоа тие направија обиколка на градот Осиек и ги посетија најзначајните историски места. Тоа се конкатедралната црква свети Петар и Павле, театарот, исусовската гимназија, капуцинската црква и манастирот, како и тврдината. Осиечката тврдина е поврзана со скопската бискупија, зашто во црквата на фрањевците се наоѓа гробот на скопскиот надбискуп Михаел Сума (1777 год.) кој бил принуден да го напушти своето надбискупско седиште заради заканите од османлиите.
Со ова, министрантите од скопската парохија го завршија своето тродневно патување. Тие изразија голема благодарност кон ректорот Андриќ и воспитувачите во семинаријата во Ѓаково, како и кон богословот Емануел и патер Анте. Исполнети со многу убави и силни впечатоци, проникнати со дарот на верата и љубовта, министрантите во доцните пладневни часови се упатија назад во Скопје.
Е.М. Превод: Е.А.