Папата ги прими епископите од Кенија
„Разобличување на секоја форма на насилство, особено она во името на Бог. Бидете пример за помирување, праведност и мир за цела Кенија“. Ова беше повикот на папата Фрањо до епископите од Кенија, кои ги прими во аудиенција за време на нивната посета Ад Лимина.
Светиот Отец ги повика епископите да работат, со христијанските и нехристијанските лидери на промовирање на мирот и правдата во Кенија, преку дијалог, братски односи и пријателство“. „Црквата треба да остане верна на својата мисија, да биде средство за помирување, праведност и мир“ , рече Папата.
Папата потсети на трагичните настани во земјата со нападите од страна на исламските екстремисти на групата „Ал Шабаб“ и изјави дека „се моли за сите убиени во терористички напади или поради етничка и племенска освета во Кенија и во други делови на африканскиот континент“. Папата истакна дека посебно се моли за сите мажи и жени убиени во универзитетот на Гариса, на Велики Петок: „Нека нивните души почиваат во мир; нека нивните блиски бидат утешени; нека сторителите на оваа бруталност сфатат да бараат милост“, рече Папата.
„Црквата во Кенија треба да инсистира, особено пред носителите на лидерски позиции и моќниците, за моралните принципи кои го поттикнуваат општото добро и за изградба на општеството“, ова е желбата на папата Фрањо, кој исто така, истакна дека „Црквата треба да го сведочи ветениот живот од Исус во Евангелието: нејзината мисија е да завземе пророчка позиција во заштита на сиромашните и против секоја форма на корупција и злоупотреба на власт, пред сè преку личен пример“.
Светиот Отец ги потсети епископите „да не се плашат да бидат пророчки глас, да проповедаат убедливо и да ја шират мудроста на Црквата“. Освен тоа ги повика да „имаат татковски грижи за младите, кои одговараат на повикот за свештенство и кои сакаат да дадат сè на Христос преку служењето во Црквата“. „Бројните семинаристи во земјата се огромен ресурс и елоквентен знак на Божјата добрина кон епархиите во Кенија и универзалната Црква“, истакна Папата.
Во Годината на богопосветен живот, папата Фрањо изрази задоволство од служењето на сите богопосветени во Кенија, кои преку институтите на Црквата, „даруваат духовна и материјална помош на многу луѓе во полето на образованието, здравството и социјалната заштита, давајќи витален придонес за благосостојба на целата нација“.
На крајот папата Фрањо се задржа на јубилејната Година на милосрдието, посака тоа да „биде време на голема прошка, исцелување, обраќање на срцето и благодат“, за целата Црква во Кенија и сите верници.
РВ/В.Н.