Велики Четврток – почеток на Пасхалното тродневие
Свечените обреди во Страсната седмица, како темел на целата литургиска година, ни помагаат подлабока да размислуваме и да потонеме во централните настани на нашето откупување: Господовата мака, смртта и воскресението.
Во приквечерието на Велики Четврток започнува Пасхалното тродневие. Свети Августин го означува како тродневие на Господовата смрт, погребение и воскресение. Веќе од овие зборови се сфаќа зошто зборуваме за пасхално тродневие и мистерија наместо за воскресно. Воскресението е дури трета, завршна – вистина, најважниот вид на мистерија. Пасхата ако ја сфатиме во рамките на ослободувањето од Египет, означува: излегување (од египетското ропство) – премин (преку Црвеното Море и пустината) – влегување (во Ветената земја). Ако го примениме тоа на Исусовиот живот: во маката, погребот и воскресението, тогаш Воскресението е последниот, славниот дел на неговото влегување во заедништвото со Отецот.
Велики Четврток е денот на Исусовата Последна вечера и Неговата порака за човечкиот род. На Последната вечера Исус во обредот го искажува своето неотповикливо „да“ на волјата на Отецот и го протолкувал значењето и смислата на својот престој меѓу луѓето, својата мака и смртта на крстот. Овде Тој однапред ја доживеал и проживеал маката на Голгота. Во обредот и гестовите ја покажал својата посветеност на Бог и луѓето.
Воведот во Пасхалното тродневие е свечената Литургија за осветување на елеј, која во четврток претпладне ја служи епископот со своите свештеници и на која заеднички ги обновуваат свештеничките ветувања изговорени на денот на своето ракополагање. Тоа е силен чин со кој свештениците повторно ја потврдуваат сопствената верност на Христос Кој ги избрал за свои служители. На Литургијата за осветување на елеј исто така се благословува елеј за Елеопомазание на болните, катекуменски елеј и осветен елеј за Миропомазание. Овие обреди на симболичен начин ја означуваат полнината на Христовото свештенство и она црковно заедништво кое го прави живо тело христијанскиот народ, собран заради евхаристиската жртва и оживеан во единството со дарот на Светиот Дух.
На попладневната Литургија Господовата Вечера, Црквата си спомнува на воспоставувањето на Евхаристија, служителско свештенство и новите заповеди на љубовта кои Исус ги оставил на своите ученици. За она што се случило во салата на Последната вечера, во пресрет на маката Господова, свети Павле ни го нуди едно од најдревните сведоштва: „Господ Исус – пишува тој повикувајќи се на усни преданија кои тогаш биле многу раширирени – Господ Исус онаа ноќ, кога Го предадоа, зеде леб и откако заблагодари, го прекрши и рече: „Земете, јадете, ова е телото Мое, кое се крши за вас; правете го ова за спомен Мој!” По вечера, исто така, зеде и чаша, па рече:”Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв; ова правете го, кога ќе пиете за Мој спомен (1Кор 11, 23 -25).
Христос на денот во пресрет на својата смрт склопува нов сојуз помеѓу Бог и неговиот народ и го потпишува со Својата Крв. Често Исус зборува во параболи, но на Велики Четврток нема повеќе параболи. Тој е директен и конкретен: „Ова е Моето Тело – за вас.“ Она за кое порано зборувал сега станува реалност. Тој станува присутен со своето посветено тело и со својата пролеана Крв. Треба да имаме на ум дека Евхаристијата ја собира нашата вера и дека можеме да ја примиме единствено во ставот на поклонување, во духот на детската доверба. Славејќи го тоа таинство сѐ повеќе го разбираме.
Велики Четврток преставува нов повик за заблагодарување на Бог за најголемиот дар Евхаристијата, која треба побожно да ја примиме и на која треба со жива вера да и се поклонуваме. Всушност, затоа Црквата по славењето на Литургија поттикнува на бдение во присуството на Пресветата Евхаристија потсетувајќи на часот на жалост, низ кој Исус поминал во осаменост и молитва во Гетсиманија, пред да биде фатен и уапсен и потоа осуден на смрт.
Во славењето на Вечерата Господова, силна симболика преставува и Исусовото миење на нозете на учениците, со кое што значително е потврден неговиот збор дека „не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина (Марко 10, 45).
И за Евхаристијата и за миењето на нозете е неверојатен контрастот помеѓу чинот и неговотото значење. Сиромаштвото и едноставноста, тие два знака ги прави достапни на сите. Миењето на нозете ни пружи можност за размислување за Исусовата понизност. Тој ја соблекува наметката и ја отстранува од себе заштитата и далечината. Со својот пример ни покажува дека да љубиш значи да излезеш од својот оклоп, да се направиш ранлив, да се изложиш и да се приближиш на другиот, да му послужиш на другиот.
Клучот на целиот денешен ден е всушност во екстремната љубов. Да станеш свесен за врската помеѓу Евхаристијата и служењето е изворот на вистинската внатрешна обнова за денешниот човек. Таинството на Евхаристијата и служењето на другите ја изразуваат потполно мистеријата на Исусовото битие во крајната едноставност. Исус поинаку отколку со зборови покажува што лежи во срцето на Неговата Радосна Вест: „Ве љубев до крај.“
Фра Далибор Милас/Д.И.