Поучете ги своите деца дека не може да се биде христијанин надвор од Црквата
Како добар родител, Бог на своите деца им дава храна што заситува, т.е. своето Слово, по кое растеме во верата, истакна папата Фрањо во проповедта на литургијата за празникот Крштение Господово, која ја служеше во недела 11 јануари 2015 година во Сикстинската капела и за време на која беа крстени 33 деца на ватикански вработени. Како што се дождот и снегот добри за земјата, бидејќи ја прават плодна, така и родителите, кумовите и кумите, бабите и дедовците, им помагаат на децата да растат ако им го предаваат Словото Божјо, Христовото Евангелие, па така и помагаат и со својот пример со редовно читање на Евангелието, истакна Папата и продолжи:
Мајките ги хранат своите деца со млеко. Да се помолиме за оние мајки, кои за жал се многу, а кои не можат да ги нахранат своите деца. Да се молиме и да им помогнеме на тие мајки. Тоа што млекото го прави за телото, Божјото Слово го прави за духот: со Божјото Слово расте верата, а по верата сме деца Божји. Тоа е она што се случува при крштевањето, објасни Светиот Отец.
Во таа вера децата ќе ви бидат крстени, им порача на родителите. Денес тоа е ваша вера и вера на Црквата, во која малите ќе го примат крштението. Но утре, со Божјата милост, тоа ќе биде нивна вера, нивно лично „да“ на Исус Христос. Верата во Црквата, тоа е многу важно. Крштението нѐ вградува во телото на Црквата, во Божјиот свет народ. А во тоа тело верата се предава од колено на колено: тоа е верата на Црквата; верата на Марија, на нашите мајки, верата на Јосиф, Петровата, Андреевата, Ивановата, верата на апостолите и мачениците, која по крштението нѐ поврзува сите нас. Тоа е синџир на пренесување на верата, нагласи Папата.
Ова пренесување на верата се означува и со палењето на свеќите во обредот на крштението на големата воскресна свеќа, која го претставува Христос. Тоа светло го примаме во Црквата, во Телото Христово, меѓу Божјиот народ кој е на пат, во секое време и место. „Поучете го своите деца дека не може да се биде христијанин надвор од Црквата, дека не може да се следи Христос надвор од Црквата, бидејќи Црквата е мајка и дава да растеме во љубовта кон Исус Христос“, истакна Светиот Отец.
Во крштението, понатаму сме посветени со Светиот Дух. Тоа и значи зборот „христијанин“, посветен со истиот Свети Дух како и Исус. Тој е „Христос“, Помазаник, а крстените се „христијани“, помазани. Ако сакате вашите деца да станат вистински христијани, помогнете им да растат „потопени“ во Светиот Дух, во топлината на Божјата љубов, во светлото на неговите зборови. Затоа, не заборавајте често, секој ден, да го повикувате Светиот Дух – им препорача Светиот Отец на родителите
РВ/В.Н.