Предбожиќно размислување: Од што да се одречеме?
Живееме согласно редот кој светот го „озаконил“: работиме, создаваме и оставаме нешто зад себе. Секојдневните обврски ги исполнуваат нашите мисли, ги окупираат нашите срца, ни го крадат времето, а ние градиме живот. Важно е да ја испланираме иднината, да ги оствариме плановите, за да бидеме некој и нешто во општеството. Се потпираме на сопствените сили и правиме сè што е нормално за светот. Градиме кариера, помагаме на луѓе за да нè чукаат по рамото – колку сме хумани. И ќе се разочараме ако тргне нешто спротивно од планираното. Тогаш ќе се јават многу виновници, а животот ќе ни биде тежок, ќе нема смисла, а можеби и депресијата ќе нè надвладее.
Одлуката која сме ја донеле за да преземеме одреден чекор во животот и да внесеме некоја промена сме ја направиле според сопствената волја, согласно нашиот план за животот. И Дева Марија имала план за својот живот, била свршена за Јосиф. Барањето на Бог до Марија значи и промена на нејзиниот план. Марија не размислува, не наоѓа причини кои би го оправдале неприфаќањето на Божјата волја, таа да биде Мајка на Синот Божји. Можела да се оправда дека Јосиф нема да и верува, родителите нема да и веруваат, луѓето нема да и веруваат, но Таа му верувала на Бог. Се одрекува од себе. Ако му дозволиме на Исус да влезе во нашите животи, тогаш тоа значи дека треба да бидеме подготвени на промена на нашите планови кои можеби и нема да бидат по наша волја, подготвени на одрекување од себе, да бидеме нови луѓе.
И Јосиф сонува за иднина според негова замисла. Јосиф има свој занает со кој го исполнува времето, добар и праведен човек со голем углед, го очекува времето за да се оствари свршувачката со Марија.Но, Бог сака да му даде нешто уште повеќе и затоа неочекуваниот настан ќе го исправи пред еден избор: Дали да го прифати Бог кој живее во Марија? Дали навистина тоа Дете е Синот Божји? Или да остане на стариот живот? Се плаши од новото, се плаши од непознатото, се плаши од тоа дали навистина тој ќе може да ја изврши волјата Божја? Истовремено чувствува лутина – неговиот план за животот беше поинаков! Токму кога Јосиф размислува со отворено и понизно срце, Бог му дава одговор: „Јосифе, не бој се!“ Јосиф слуша, иако тоа ќе му донесе големо одрекување, сепак Му верува на Бог.
Дали ќе избереме да се откажеме од нашата горделивост за да му простиме на ближниот, дали ќе избереме да се откажеме од нашата себичност и времето ќе го потрошиме некого да направиме среќен. Или ќе останеме на стариот живот?
к.мк/Данче Ичева