50 години од енцикликата „Populorum progressio“

50 години од енцикликата „Populorum progressio“

Целосниот развој е добар пат по кој човечкото семејство е повикано да оди – истакна папата Фрањо во својот говор до учесниците на Меѓународната конференција по повод 50-годишнината од објавувањето на социјалната енциклика „Populorum progressio“, на блажен Павле VI.

Целосниот развој е добар пат по кој човечкото семејство е повикано да оди – истакна папата Фрањо во својот говор до учесниците на Меѓународната конференција по повод 50-годишнината од објавувањето на социјалната енциклика „Populorum progressio“, на блажен Павле VI, во организација на Дикастеријата за промовирање на интегрален човечки развој.

Блажен Павле VI пред педесет години ја објави својата енциклика „Populorum progression,“ а впечатлива водечка мисла е: „Развојот е новото име на мирот.“ Во таа енциклика папата Павле VI ги повикува сите народи да започнат дијалог и соработка, за земјите во развој повеќе да не бидат во опасноста долгот да ги уништи. Таа исто така го изразува и начелото на солидарност. Учесниците на Меѓународната конференција се собраа за да ги проучат теолошките, антрополошките и пасторалните аспекти на енцикликата и да се формулираат насоки за работата на новата Дикастерија за промовирање на интегрален човечки развој.

Токму темата за интегралниот развој на човекот беше во фокусот на говорот на Папата до учесниците на конференцијата. На присутните ги запраша за значењето на таа фраза денес и во блиската иднина. Светиот Отец одговори дека интегралниот развој на човекот значи „да се интегрираат различните народи во светот.“ Обврската за солидарност од нас бара да трагаме по праведен начин за распределба, затоа што во светот постои драматична нееднаквост помеѓу оние кои имаат премногу и оние кои немаат ништо, вклучувајќи ги и оние кои отфрлаат и оние кои се отфрлени. Папата истакна дека единствено патот на интеграцијата ќе овозможи иднина на мир и надеж.

Зборувајќи за прашањето за социјалната интеграција, папата Фрањо се осврна на начелото на супсидијарност, потврдувајќи дека сите можат нешто да му понудат на општетсвото. Тоа е истовремени и право и обврска со цел хуман соживот отворен за сите. Папата истакна дека економијата, финансиите, бизнисот, културата, семејниот живот и религијата се важни елементи на тој развој. Ниту еден од тие елементи не е апсолутен и ниту еден не може да се исклучи од концептот на интегрален развој на човекот, кој смета со тоа дека човечкиот живот е како оркестар кој добро свири ако различните инструменти се усогласени и ги користат истите ноти.

Друг предизвик е интеграцијата на поединечните и заедничките димензии. Папата се осврна на западната култура која го издигна поединецот сѐ додека не стана како остров на таа идеолошка визија и на политичките сили кои ја здробија личноста, сфаќајќи ја како дел од масата и одземајќи ѝ ја слободата. Тој ги прозва економските сили кои ја трансформираат глобализацијата во пазар само за профит, наместо да поттикнуваат поголемо споделување меѓу луѓето (…).

Папата Фрањо потсети дека блажен Павле VI предупреди, развојот да не се сведе само на економски раст. Тој не се состои во поседување на сѐ повеќе и повеќе добра. Развојот на човекот – објасни Светиот Отец – значи интеграција на душата и телото. Но, таа интеграција истовремно значи дека никаков развој не може навистина да ја оствари својата цел ако не го почитува она место каде за нас Бог е присутен и каде зборува во нашите срца.

Исус е патот – објасни Папата – преку Него Бог се покажа во полнотата, во Него, Бог и човекот не се поделени и разделени еден од друг. Тоа е патот кој Црквата настојува да му го понуди на светот, патот кој го прават Христовите гестови на оздравување, ослободување и помирување кои што денес сме повикани повторно да им ги пружиме на многумина ранети.

Во таа смисла, поимот за човекот кој се родил и созрева во христијанството, помага во остварувањето на целосниот развој на човекот – истакна Светиот Отец. Човекот секогаш изразува однос, а не индивидуализам; вклученост, а не исклучување; единство и неотуѓиво достоинство, а не искористување; слобода, а не принуда. Црквата никогаш не се изморува да ја нуди таа мудрост и своето дело на светот, свесна дека интегралниот развој на човекот е добар пат по кој човечкото семејство е повикано да оди – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот