Во традиционалната порака Urbi et orbi – до градот и светот на празникот Рождество Христово, 25 декември 2022 година, папата Фрањо посочи дека Исус доаѓа во свет кој е болен од рамнодушност. Тој ги спомна драматичните ситуации во Сирија, Либан, Мјанмар, Иран, Јемен, Хаити и Африка и го осуди фрлањето на големи количини храна и трошењето средства за оружје. Не користете ја храната како оружје, повика Папата. Тој уште еднаш упати апел за Украина да се стави крај на таа бесмислена војна. Божиќната порака на Папата ја пренесуваме во целост
Драги браќа и сестри од Рим и од целиот свет, Среќен Божиќ!
Господ Исус, роден од Дева Марија, нека ви ја донесе целата Божја љубов, тој извор на доверба и надеж. Заедно со тоа нека го донесе и дарот на мирот, кој ангелите им го објавија на витлеемските пастири: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2,14).
На овој ден кога празнуваме, да го свртиме погледот кон Витлеем. Господ доаѓа во светот во една пештера и е положен во јасли од каде се хранат животните, бидејќи неговите родители не можеле да најдат сместување, иако за Марија веќе се испони времето да се породи. Тој доаѓа меѓу нас во тишина и темна ноќ, бидејќи на Божјото Слово не му требаат рефлектори или врева на човечки гласови. Тој самиот е Словото што му дава смисла на животот, светлината што го осветлува патот. „Вистинската светлина што го просветлува секој човек – се вели во Евангелието – дојде во светот“ (Иван 1,9).
Исус се раѓа во нашата средина, тој е Бог со нас. Доаѓа да ни биде сопатник во секојдневието, да сподели сè со нас, радости и таги, надежи и грижи. Доаѓа како беспомошно дете. Тој е роден на студ, како едноставен и сиромашен. Имајќи потреба од сè, тој чука на вратата на нашето срце за да најде топлина и засолниште.
Како витлеемските пастири, да дозволиме таа светлина да нè засветли и да одиме да го видиме знакот што ни го дава Бог. Да ја надминеме вкочанетоста на духовниот сон и лажните поими за празнување кои не наведуваат да заборавиме кој е славеникот. Да го оставиме џагорот што го прави срцето бесчувствително и нè наведува повеќе да погледнеме какви украси и подароци ќе купиме отколку да размислуваме за Настанот: За нас се роди Синот Божји.
Браќа и сестри, да се свртиме кон Витлеем, каде што се слушна првиот плач на Кнезот на мирот. Да, затоа што Тој Самиот, Исус, е нашиот мир: оној мир што светот не може да го даде и кој Бог Отецот го дарува на човечкиот род испраќајќи го Својот Син во светот. Од Свети Лав Велики доаѓа израз кој, во прецизноста на латинскиот јазик, ја сумира пораката на овој ден: „Natalis Domini, Natalis est pacis“, „Раѓањето на Господ е раѓање на мирот“ (Беседа 26:5).
Исус Христос исто така е и пат на мирот. Со Своето воплотување, страдање, смрт и воскресение, Он отвори премин од затворениот свет, потиснат од темнината на непријателството и војната, кон отворен свет, слободен за живот во братство и мир. Да го следиме тој пат! Но, за да можеме да го направиме тоа, да можеме да го следиме Исус, мора да се ослободиме од товарите што нѐ спречуваат и кочат.
А кои се тие товари? Кој е тој „баласт“? Тоа се истите негативни страсти што го спречија цар Ирод и неговиот двор да го препознаат и прифатат раѓањето на Исус: приврзаност кон моќта и парите, гордоста, лицемерието, лагите. Овие товари го оневозможуваат одењето во Витлеем, ја исклучуваат благодатта на Исусовото раѓање и го спречуваат пристапот до патот на мирот. И навистина, мораме со тага да забележиме, додека ни се дарува Кнезот на мирот, ветровите на војната продолжуваат да го дуваат својот леден здив врз човештвото.
Ако сакаме да се случи Божиќ за нас, раѓањето на Исус и раѓањето на мирот, да го погледнеме Витлеем и да ги насочиме очите кон лицето на Детето кое се роди за нас! И во тоа мало невино лице, да го препознаеме лицето на децата од сите делови на светот кои копнеат за мир.
Погледот нека ни се исполни со лицата на нашите браќа и сестри од Украина, кои овој Божиќ го живеат во темнина, во студ или далеку од своите домови, поради уништувањето предизвикано од десетмесечната војна. Нека Господ ни даде подготвеност за конкретни дела на солидарност да им помогнеме на оние кои страдаат и нека ги просветли умовите на оние во чија моќ е да замолкнат оружјата и веднаш да се стави крај на оваа бесмислена војна! За жал, претпочитаме да се придржуваме до други идеи, диктирани од логиката на светот. А гласот на Детето, кој го слуша?
Нашето време страда од сериозен недостаток на мир и во други региони, во други жаришта од оваа трета светска војна. Да се потсетиме на Сирија, сè уште измачувана од конфликт кој падна во втор план, но не е завршен. Да се потсетиме и на Светата Земја, каде во последните месеци има пораст на насилство и конфликти, со загинати и ранети луѓе. Го молиме Господ таму, во земјата каде што е роден, да продолжи дијалогот и потрагата по взаемна доверба меѓу Палестинците и Израелците. Младенецот нека биде поддршка за христијанските заедници кои живеат на целиот Блиски Исток, за да се доживее во секоја од овие земји убавината на братскиот соживот меѓу припадниците на различните вери. Посебно нека му помогне на Либан, со помош на меѓународната заедница и силата на братството и солидарноста, конечно да го започне патот на закрепнувањето. Нека Христовата светлина го осветли регионот Сахел, каде мирниот соживот меѓу народите и традициите е загрозен од конфликти и насилство. Нека ги насочи срцата кон трајно примирје во Јемен и кон помирување во Мјанмар и Иран, за да престане целото крвопролевање. Нека ги вдахнови политичките власти и сите луѓе со добра волја на американскиот континент да работат на смирување на политичките и социјалните тензии што зафатија многу земји. Посебно мислам на народот на Хаити кој веќе многу долго страда.
На овој ден, на кој е убаво да се собереме околу богатата трпеза, да не го одвраќаме погледот од Витлеем, што значи „куќа на лебот“, и да се потсетиме на оние кои страдаат од глад, посебно децата, додека секој ден се фрлаат големи количини храна, а средства се трошат на оружје. Војната во Украина дополнително ја влоши ситуацијата, изложувајќи го целото население на ризик од беда, посебно во Авганистан и земјите на Африканскиот Рог. Секоја војна – ние го знаеме тоа – предизвикува глад и ја користи самата храна како оружје, спречувајќи ја нејзината дистрибуција до населението на кое им е потребна. На овој ден, учејќи од Кнезот на мирот, сите, пред се оние во чии раце е политичката одговорност, да се стремиме храната да биде само орудие на мирот. Додека уживаме во радоста повторно да се сретнеме со нашите најблиски, да мислиме на семејствата кои се најмногу повредени од животот и оние кои во ова време на економска криза, ги мачи невработеноста и немаат основни потреби за живот.
Драги браќа и сестри, денес, како и во минатото, Исус, вистинската светлина, доаѓа во свет болен од рамнодушност – грда болест – рамнодушност што не го прифаќа (сп. Иван 1,11 ), но, уште повеќе, го отфрла, како што им се случува на многу странци, или го игнорираат, како што често правиме со сиромашните. Да не ги заборавиме бројните бегалци и прогонети кои денес тропаат на нашите врати барајќи утеха, топлина и храна. Да не ги заборавиме маргинализираните, осамените, сираците и постарите – мудроста на луѓето – кои се во опасност да бидат отфрлени, затворениците кои ги гледаме само преку нивните грешки, а не како човечки битија.
Браќа и сестри, Витлеем ни ја покажува Божјата едноставност, која не им се објавува на мудрите и умните, туку на најмалите, на оние кои имаат чисто и отворено срце (сп. Матеј 11,25 ). Како пастирите, да одиме без двоумење и нека нѐ обземе восхитот за незамисливиот настан, Бог стана човек за наше спасение. Оној што е извор на сето добро стана сиромашен [1] и моли како за милостина за нашето кутро човештво. Да дозволиме Божјата љубов да ги допре нашите срца и да го следиме Исуса, кој се соблече од својата слава за да нè направи учесници во неговата полнота [2].
Среќен Божиќ на сите!
————-
[1] Сп. Свети Грегориј Назијански, Говор 45.
[2] Сп. исто .
Ватикан њуз/к.мк