Молитвена осмина за единство на христијаните – Четврти ден

Молитвена осмина за единство на христијаните – Четврти ден

„Цел и смисла на Молитвената осмина за единство на сите христијани, кои припаѓаат на различни цркви е да се молат за единството христијаните во период од осум дена, поттикнати од иста библиска содржина и истите тематски размислувања, во согласност со Исусовата молитва и желбата за единство. На неговите ученици оваа желба ја искажа на многу места во Евангелијата, а особено е нагласено, дури и драматично, на неговата последна вечера“.

Тема: Молете се заедно

„Не ве нарекувам веќе слуги … туку ве нареков пријатели“ (Иван 15, 15)

Читање од посланието на светиот апостол Павле до Римјаните (8,26–27)

„Исто така и Духот нè поткрепува во нашите немоќи“

Бидејќи не знаеме за што да се помолиме, како што треба, туку Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување. А Оној, Кој ги испитува срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Он по волјата на Бога посредува за светиите.

Читање од светото Евангелие според Лука (11,1-4)

„Господи, научи нè да се молиме“

Еднаш беше Он на едно место и се молеше, и кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: „Господи, научи нè да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои.” А Он им рече: „Кога се молите, говорете: »Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата: лебот наш насушен дај ни го денес; и прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштаваме на секој наш должник; и не нè воведуј во искушение, но избави нè од лукавиот!”

Размислување

Бог копнее да воспостави врска со нас. Тој нè бара како што го бараше Адам, кога го бараше во Едемската градина: „Каде си?“ (1. Мојсеева 3,9).

Бог нè сретнува во Христа. Животот на Исус беше молитва. Во молитвата, тој бил тесно соединет со својот Татко и создавал пријателство со своите ученици и со сите што ги сретнал. Тој им даде удел во она што му беше најскапоцено: во односот на Љубовта со Отецот, кој е исто така и наш Отец. Исусовите ученички и ученици биле вкоренети во нивната богата еврејска традиција и заедно пееле псалми. Но, Исус исто така понекогаш се повлекувал и се молел во осаменост.

Можеме да се молиме сами или заедно со други. Молитвата може да изрази воодушевување и исто така, жалење, молба, благодарност или едноставно тишина и мир. Понекогаш би сакале да се молиме, но не знаеме како. Ако тогаш се свртиме кон Исус и го прашаме: „Научи нè да се молиме“, тоа може да ни го отвори патот. Самата наша желба е веќе молитва.

Може да биде од помош ако се собереме во група. Заедништвото расте со помош на песна, зборови и тишина. Кога се молиме заедно со христијани од други традиции, ќе бидеме изненадени од искуството на поврзаност со врската на пријателството, благодарение на Оној во кој нема поделба. Формите на молитва може да бидат различни, но ист е Духот што нè поврзува.

„Во редовноста на заедничката молитва во нас никнува Љубовта кон Исус, дури и без да знаеме како. Заедничката молитва не ја прави излишна личната молитва. Едното го носи другото. Да одвојуваме секој ден моменти и да се обновуваме во блиската врска со Исус Христос.“

Молитва

Господи Исусе, целиот твој живот е молитва, совршено единство со Отецот. Научи нè да се молиме со Твојот Дух во согласност со твојата волја. Обедини ги сите верници низ целиот свет во молитва и славење за да дојде Твоето царство на љубовта. Амин.

к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот