Предавање на бискупот Стојанов за Денот на Богопосветените лица

Предавање на бискупот Стојанов за Денот на Богопосветените лица

Повик на младиот

Драги браќа свештеници, почитувани сестри, пред нас е еден текст кој штотуку го слушнавме, а се работи за позивот на едно младо момче. Светото Писмо вели дека дотрчал еден млад човек кој барал решение за смислата на својот живот очекувајќи нешто подобро од онаа што сега го има. На Исус му е мило што тој млад човек дотрчал со едно такво темелно прашање што всушност го носи секое човечко суштество, а пред сѐ верник. Исуса го ословува со „Учителе добар“. Прашањето е многу конкретно не го интересира никакво спознавање, никаква теорија, туку едноставно: „Што треба да направам“? Целта не е мала, бидејќи сака да постигне вечен живот. Исус го погледнал и интересно ги прескокнал првите три заповеди од Декалогот што се однесуваат на Бога, веднаш преминува на оние седум што навистина значат што треба да се прави, односно за практичниот вернички живот. Од тоа момче добива прекрасно признание: сето тоа сум го запазил од младини. Сега настанува драма во тој позив. Сепак, нешто му недостасува. Можеме да си претпоставиме со какво очекување тој човек го чекаше тој одговор. Но, одговорот го збунува: Исус му предложил: „Едно не ти достига: оди и продај сѐ што имаш, и раздај го на сиромаси, и дојди и следи ме“. Во тој миг неверојатно тој човек го соборува погледот и повеќе не можел да гледа во Исус, бидејќи Исус, како вели Светото Писмо, го засака, што значи со својот поглед го допрел срцето на тој човек, а тоа срце сепак не било слободно, колку што била слободна неговата желба да направи сѐ за спасението. Имено, бил богат. Во време кога требало да донесе одлука сосема да се испразни од сите зависности на работи, дури и на личности, неговото срце се затворило. Во тој миг, неговиот поглед бил немоќен да го набљудува Добриот Учител кој го засака, и се повлече натажен. Пред тоа дотрча, а сега си заминува со бавни чекори, но, му сврте грб на Учителот. И на Исус погледот му станал нажален и само воздивнал: „Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо!“ Драги браќа и сестри, да застанеме над овој настан и да се потсетиме на деталите: трчање, средба, поглед, прашање и тажно заминување.

Една друга сцена се случува на Јордан, каде Иван ги поучува своите ученици. Знаеме дека во тоа време една група луѓе правеле посебна категорија на верници во Израел кои со молитва и покора ги очекувале месијанските времиња. Да се потсетиме дека во општеството постоеле фарисеи, садукеи, учители на законот и оваа група ревни. Свети Иван Крстител го претставува Исус со зборовите: Еве го Јагнето Божјо кој ги зема гревовите на светот. Очигледно некои од пристуните ја сфатиле посебноста на тие зборови и обратиле внимание што ќе се случува понатаму. Писмото запишало дека двајца Иванови ученици, еден е Андрија, братот на Симон Петар, кој што пристапил и го прашал Исус: Учителе каде живееш? Во Библиска смисла тоа всушност значи: каде си дома, каде си при себе. Одговорот е јасен: Дојди и види! И тие двајца отидоа по Исус и веројатно тоа беше Капернаум. Поминале кај него не еден час, туку ден и ноќ. Исходот од тој за нас непознат разговор вродил значаен род. Андрија го повикал својот брат Петар, со зборовите: го најдовме Месијата, односно Христос. А Филип го повикал Натанаил и кога споменал дека е Исус од Назарет, коментарот бил: Што може добро да произлезе од Назарет. Но, кога пристапиле и Петар, а и Натанаил кај Исус, останале само со едена средба занесени од Исусовата личност. Кога на Натанаил му рекол дека го видел под смоквата, тој одговорил: Господи ти си пророк. Во тој миг, како е запишано, му вели дека ќе види и поголеми работи од тоа и ги потсетува на видението на Јаков и скалите кои го поврзуваат небото и земјата. Освен тој повик што евангелието ни го раскажува, постои и друг извештај каде Исус директно повикува како што е случајот во другите известувања за Петар и Андрија, Јаков и Иван. За нашето размислување битен е оној првиот опис и да запаметиме дека од тоа раскажување двајцата ученици бараат каде е тој дома и одат по него.

Третиот случај Исус е во Ерихон, веќе е препознатилив како Учител и кај него се создава гужва. Човек по име Закхеј, ние би кажале малку хендикепиран, неугледен, по раст нисок и исклучен од општеството, бидејќи се занимавал со работа од која е замразен во очите на верните евреи, од Божјиот народ кој што е наследник на Божјите добра, бил всушност началник на цариниците, собирал даноци и наплаќал во корист на окупаторот, а и во своја корист. Толку омразен што можеби и можел да застане во прв ред, но не застанал, се искачил на дрво за да го види славниот Учител. Исус опкружен од мноштвото народ застанува на чудење на сите присутни кои и не го забележале човекот на дрвото, а Исус по име го повикува, што е знак на близина: Слези, денес треба да бидам кај тебе дома. Скоро е чудно што Закхеј не паднал од дрвото, туку брзо слегол и со голема радост го примил Исус и неговата придружба. Можеме да си замислиме колку луѓе мрмореле што го презирале тој мал несимпатичен човек, а Исус го рехабилитирал повикувајќи го по име и го удостојува со неговото доаѓање кај него дома. Исход на тој поглед и исход од таа средба било вдахновението. Враќа двократно, а тие што ги измамил и четверократно. Исусовиот коментар е: Денес дојде спасението во овој дом и тој е Син Авраамов.

Драги браќа и сестри, имавме пред себе три средби, три позиви и три исходи. За првиот случај и ние сме жалосни, бидејќи среќаваме младо лице, здраво, веројатно симпатично, угледно и богато. Кога секој од придружбата на Исус се понадевал на нов член во зборот се случило пресврт, не можел, бидејќи срцето му било заробено од привремените добра. Додека тоа го размислуваме полека влегуваме во своите срца и своите звања. Сосема отворено да го погледнеме Исус во очи и да го прашаме како тоа младо момче: Господи, што треба да направам? Веројатно и ние ги исполнуваме заповедите и законите и своите монашки правила во заедницата и можеме да кажеме дури и многу храбро до Исус: Сето тоа го правев од мигот на своето свештеничко ракополагање или од своите завети. Но, Исус, сепак, ќе ни каже има нешто, а тогаш ако сме искрени ќе го слушнеме неговиот приговор на што сме наврзани повеќе или зависни одошто е тој. На место е прашањето: Дали нашето срце во целост е слободно со оглед на работи и на лица. Дали овој миг сме подготвени сѐ да оставиме и целосно слободни без било каква зависност да застанеме на оној пат на кој Исус ќе ни каже: Врви по мене, дури тоа да биде свечен влез во Ерусалим или искачување на Голгота. Се плашам за себе, а и за вас, дали сме навистина целосно подготвени. Немаме богатство, злато и сребро, но ако срцето се затвори во нешто и не е важно дали тоа е од дрво или од злато, важно е дека птицата не е слободна. Позната е она изрека дека по некој пат привезокот од злато е потежок од веригите. За да се биде Исусов ученик потребна е апсолутна слобода за Исус. Никој покрај, никој пред, бидејќи духовното звање е директен однос и припаѓање на единствениот Учител, пријател и брат Исус Христос. Но, сега доаѓа најтешкиот проблем, а тоа е што тој Исус се идентификува со најмалиот брат меѓу нас. Со оној кој е потребен, кој има потреба од нас и кој е наш ближен, а можеби тој е токму некој претпоставен, некој што ни е помалку симпатичен, некој досаден и овде света Мајка Тереза можела да ни порача голема мудрост од своето искуство: Да го препознаеме Исус и во најодвратниот лик, било да е сиромашен, болен или несовршен претпоставен. Кој не го препознал Исус во ближниот никогаш не го разбрал евангелието. На таков начин се случува тивок распад, внатрешна поделба и покрај надворешните рамки, ние не го следиме Исус, туку ситните работи што го заробиле нашето срце, било од наследството или зависност од што страдаат сите наши современици.

А сега да отидеме со оние двајца ученици. Тие сакале да го видат Исус, не на говорница, не на сцена, туку каде Тој навистина е дома. Не знаеме каде ги однесол, но било доволно една средба за да почувствуваат и двајцата потреба своето искуство да го споделат со најблиските, Андреј со Петар, а Филип со Натанаил. Што всушност значи да се биде кај Господ? Ние за време на нашата формација поминавме многу тренинзи, молитвен и аскетски живот, но големо прашање е: Дали кај Господ Бог се чувствуваме како дома? Дали влеговме во Господовиот начин на размислување, говорење, однесување. Тоа не е имитирање, туку превземање на менталитетот. Не сакам да се опуштам во стручно егзегетско толкување, но необично е да се согледа дека во сите сцени Андреј и Филип настапуваат заедно и тогаш кога поседуваат умножување на лебот и тогаш кога посредуваат за средба на некои Грци со Исус и очигледно е дека тоа време поминато со Исус, го опечатило нивниот начин на живот и тоа малку што има во Евангелието за нив ги приближува кон Исус толку блиску што и во најчудните околности тие смеат да посредуваат. И нам, на Бога посветените лица, ни припаѓа таа привилегија да бидеме посредници. Дали сме толку блиски со Господ пред сите свои пасторални и непасторални активности за да претпоставуваме да бидеме на прво место со Господ. Во тие работи папа Фрањо е необично јасен Учител на Црквата и неброено пати веќе говореше до свештенството и монаштвото дека нивниот идентитет е пријателство со Господа. Интимен, длабок, слободен дијалог и дека сета наша работа и пасторал зависат од тоа наше дневно дружење со Учителот. Силата на нашиот однос, говорење и правење е силата дали тоа го правиме во негово име. Под тоа име вели свети апостол Павле ќе се поклонат и небото и земјата и подземјата. Но, дали смееме во тоа име да говориме и правиме ако не сме во непосреден контакт со Него. Овде не е прашање погледот како време на позив, туку во центарот е гледање, односно набљудување, вистинска контемплација. Тоа што Аршкиот свештеник говорел: Јас го гледам него, а тој ме гледа мене. Во тоа набљудување во нас струи божествена сила и тогаш кога тоа лице Исусово е рането или неавтентично, нашата контемплација го прави здраво и убаво. Кога би знаеле дека во Негово име нашиот поглед и кон најодвратниот лик не преобратува би ја почувствувале сета наша божествена сила која ни е дарувана според нашето звање. Да не ми замерите, но морам и за себе и за вас сосема јасно и отворено да кажам дека основен проблем на нашата духовност во оваа време на криза: Е да се биде со Господ.

Да се вратиме сега кај Закхеј. Со право претпоставуваме дека никој од нас не е свесен на такви и пред сѐ социјални гревови како што е Закхеј, но дека нашите звања често се фрустрација и дека сме на дневниот ред на осуда тоа е вистина. Проблем е во тоа што не знаеме да се однесуваме скромно како грешни луѓе. Исус во мигот кога ќе му покажеме дека силно ни е потребен токму затоа, бидејќи сме немоќни во своите јадикувања, грев и проблеми Тој доаѓа кај нас. А како наш гост очекува барем да се обидеме да го надоместиме тоа што сме го направиле штетно, не на начин како што тоа го направи Закхеј, туку на начин како што тоа го прави секој кој искрено се покајува дека бил наемник, а не слуга за што евангелијата говорат многу.

А сега да се пренесиме во придружбата на апостолскиот збор, што беше создеен од малото претприемништво на рибарската задруга на чие чело беше Петар и гледаме како Исус стрпливо од тие припрости луѓе направи рибари на луѓе. Таа школа траела три години. Никого не скршила и покрај многуте кризи само Јуда кој не препознал дека неговиот грев не е во предавството, туку во неговото мислење дека Божјата љубов е ограничена и дека не може да му се прости. Од Петар кој во дворот кај Големиот свештеник само што било мало жарче станал пламен на испитот на зрелоста кого Господ три пати го прашал: Дали ме љубиш повеќе од останатите…

Драги браќа и сестри од сето тоа да се обидеме да извлечеме заклучок. Нашите звања не се наши, туку се Господови. Тој не избра и Тој не повика без наши заслуги. Тоа што нашето звање е успешно или неуспешно е директен однос со Исус, очи во очи. Во сите три наведени настани се работи за средба, поглед и прифаќање на Исусовиот пат. Ние сме, всушност, Негови сопатници и одиме по патиштата по кои Тој пред нас помина. Нема пат по кој Тој не поминал. А кога ни е најнепознато Тој тогаш е најмногу со нас. Првата димензија на нашиот позив е односот, единството со Исус. Втора димензија која Тој ја постави како норма е нашето меѓусебно единство. Стануваме неавтентични, непродуктивни, против ефектни ако сме таканаречени соло играчи. Ние сме тим, апостолски збор, заедница, дури и тогаш кога работиме во името на Црквата по расфрлениот терен во нашите Бискупија и Епархија. Ниту може да се одржи нашиот однос со Исус без средба во љубовта, ниту може да се сочува нашето зедништво без средба во љубовта. Затоа и овој ден, но и секоја друга пригода да ја направиме место на средба во вистина и љубов, свесни сме дека на таа средба мора да бидат луѓе кои имаат слободно срце и гладни и жедни токму тоа што не збогатува и нѐ прави препознатливи како заедница.

к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот