Вашиот апостолат да биде ефикасно навестување на Евангелието

Светиот Отец ги прими во аудиенција католичките аеродромски капелани, кои што учествуваа на меѓународниот семинар на Папскиот совет за душогрижништво на мигранти и патници одржан на тема „Радоста на Евангелието: каква поддршка за пасторалната служба на аеродромската капеланија?“

Откако се заблагодари за поздравниот говор на претседателот на советот, Папата потсети дека учесниците на семинарот размислувале за упатствата на Апостолското писмо „Радоста на Евангелието“ за душогрижништвото во аеродромите. Пасторалната грижа во цивилното воздухопловство е наменета за сите без разлика на националноста и верската припадност – рече Светиот Отец, а потоа се осврна на реалноста во аеродромите, велејќи дека таму се сретнуваат бројни патници и работници, бегалци и азиланти, а понекогаш може да се случи трагедија со тешки последици за душевното и телесното здравје на луѓето. Добриот Пастир и на аеродромите сака да се грижи за своето стадо преку светите Тајни Помирување и Евхаристијата, каде што средбата со бесконечното Божјо милосрдие отвора незамислив пат за евангелизација. Да се навестува Евангелието во нашето време значи да се ослободуваат луѓето од товарот кој го притиска срцето и животот; значи да ги предлагаш Исусовите зборови како алтернатива на световните ветувања кои не ја даваат вистинската среќа. Да побрзаме да го откриеме милосрдното лице Божјо, а Светата година на милосрдието ќе биде скапоцено време на милости – рече папата Фрањо.

Воздухопловните капелании се повикани да бидат место на единство во различноста. На аеродромите се испреплетуваат многу видови на реалности. Како некој голем град, аеродромот е космополитска средина, повеќе етничка и повеќе верска заедница, а вие сте потопени во животот на таа посебна заедница затоа е важно понизно да соработувате и да го слушате Светиот Дух Кој создава единство во различноста (Дела 2, 1-13) – рече Папата на капеланите.

Целта на пасторалната работа на аеродромот е во луѓето да се поттикне желба за слушање на Божјото Слово. Оној кој го слуша и го прифаќа Божјиот глас може да ги теши другите и да им помогне да се доверат на божественото милосрдие кое е сигурно засолниште за слабите и за сите оние кои чувствуваат потреба за спасение. Божественото милосрдие се нуди на сите и покажува дека Бог сака да ги спаси сите луѓе – објасни папата Фрањо.

Завршувајќи ја средбата, Светиот Отец ги охрабри слушателите во пограничните места како што се аеродромите да промовираат љубов и дијалог, бидејќи меѓу луѓето остваруваат братство и ја чуваат мирољубива општествена атмосфера. Заедно со вас го молам Господ вашиот апостолат кој учествува во посланието на Црквата да биде ефикасно навестување на Радосната вест – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот