125 години од Основањето на Заедницата на Сестрите Евхаристинки
Идејата за основање на Заедницата на Сестрите Евхаристинки била зрела за остварување. Послушните орудија на Бога – Јосиф и Еврозија биле веќе на самото место каде требало да се положат основите на тоа големо Богоугодно дeло. Отец Јoсиф го познавал добро народот меѓу кој требало да делува неговата сестра поставена на чело на Заедницата. Еврозија верна на своето мото „Сакам тоа што Господ сака”, била веќе решена да се посвети на новото дело.
Еврозија требало да ги посвети сите напори, сите грижи, целиот свој живот на новата заедница која претстоела да биде основана.
Во пансионот на Милосрдните сестри имала можност да се запознае со македонските девојки за кои требало да биде земска Провидност. Уште од првите денови таа ги засакала тие девојки љубени од Бога заради своето искрено срце. Грижата за тие девојки Еврозија ја вршела од љубов кон Бога и ближниот, за спасение на душите на тие мали девојки, кои Бог ѝ ги дал за да ги сака како свои рожби и нешто повеќе како деца на малиот Исус.
Таа разбрала дека Бог ѝ ги праќа за да ѝ послужаат како основни темели за идната монашка заедница која Бог ѝ наложил да ја основа во Солун. Некои од тие девојки ѝ изјавиле дека донеле одлука да се поставаат под нејзино раководство и да бидат првите Евхаристинки.
Работничките биле подготвени. Еврозија не жалела труд за да ги подготви. За достојно исполнување на нивното звање требало да се најде и сместување каде ќе може да има вистинска подготовка.
Со донација од Отец Франциско Кико – вујко на отец Јосиф и сестра Еврозија купена е куќа во Солун која требало да се приспособи за сестрите. Поправките на зградата напредувале и сите се надевале дека посветувањето на новиот дом ќе биде во почетокот на март 1889 година, но тогаш зградата не била уште готова. Потоа имале намера тоа да биде на 25 март 1889 година (Благовест според грегоријанскиот календар), но зградата пак не била готова и решиле да одложат за 07 април 1889 година. Но и тој ден пишува Еврозија на своите родители не бил определен од Бога зашто сестра Елизабета Пучи, одговорна сестра на Милосрдните сестри во Солун била во Цариград, а Еврозија не сакала основањето на новата монашка заедница да биде без неа. Таа се вратила од Цариград на Велики Понеделник и на Велика Среда вечерта Н.В.П. Младенов ги благословил куќата и капелата во куќата. На 18 април – Велики Четврток во новопосветената капела служеле света Литургија Н.В.П. Младенов со отец Јосиф. По литургијата во новата куќа влегле Еврозија со другите кандидатки за Евхаристинки. Имало уште многу работи за уредување.
Во неделата, 21 април – Велигден, Еврозија заедно со другите кандидатки се вселиле во новиот дом. Таа година се совпаднало Велигден да го слават заедно католиците од источен и западен обред и православните. Отец Јосиф служел свечена света Литургија на која се причестиле сите присутни во Црквата. Куќата била именуванa: Евхаристискин Дом на безгрешното зачнување на Пресвета Богородица. Четирите другарки на Еврозија со кои ги поставила темелите на новата Монашка Заедница на 21 април започнале со подготовка за новицијат (постолат). Во постолатот требало да поминат неколку месеци и потоа да преминат во новицијат. Новицијатот траел пет години и се полагале светите завети. Заветите ги полагале за една година и се подновувале секоја година на 25 март – Благовест по нов календар.
Еврозија која заедно со својот брат станале Основатели на Сестрите Евхаристинки во Новицијат влегла на 21 април кога се поставени темелите на монашката заедница. На 21септември (Раѓање на Пресвета Богородица) истата година Еврозија ја прима монашката облека и тогаш го добива монашкото име – сестра Марија Христина Исусова.
Подоцна Основателите на Сестрите Евхаристинки отвораат Дом за сираци (сиропиталиште) посветено на свети Јосиф. Во 1892 година го купуваат чифликот во село Паљурци, близу до Богданци. Од летото 1893 година монашката заедница заедно со сиропиталиштето се преселуваат во Паљурци каде сé повеќе се разгранува неговата мисија. Се отвораат: училиште, колонија – земјоделско училиште за момчиња, примитивна аптека.
Подоцна се отвораат׃
Евхаристискин Дом на „Детето Исус” во Богданци,1900 година
Евхаристиски Дом „Срце Исусово ” во Гевгелија,1901 година
Евхаристиски Дом „Богородица Утешителка” во Пирава, 1905 година.
Евхаристиски Дом „Свети Винкентиј” во Стојаково, 1908 година.
Евхаристиски Дом „Света Ана” во Долни Тодораки,1911 година.
Целта на Сестрите Евхаристинки е׃
1 – Да го запознаат, сакаат и обожаваат Исус Христос во Светата Евхаристија и да помогнат со своите молитви, живот и дела и другите да го запознаат, сакаат и обожаваат Исус Христос во Светата Евхаристија.
2 – Да се молат и работат за Единството на Христијаните.
Денес кога славиме 125 години од Основањето на нашата монашка заедница сите христијани пак го славиме Велигден заедно.
Нека Господ го забрза денот кога сите христијани ќе се обединаат и ќе бидеме едно стадо со ЕДЕН ПАСТИР – така сака Господ, нашиот заеднички ОТЕЦ.
Драги млади се обраќаме до вас׃ „Огледајте се на нашата Основателка и нашите први сестри. Бидете дарежливи, дарувајте го вашиот живот целосно на Бога. Бог ве вика и го чека вашиот одговор”.
Од „ Добротворното Дело на Отец Јосиф и сестра Еврозија Алоати”
Сестри Евхаристинки – Гевгелија